Достапни линкови

Балканот против коронавирусот - Забранети летови, натпревари без публика, нема екскурзии


„Визер“ поради коронавирусот ги откажа летовите од Македонија кон Италија. И косовските власти ги забранија летовите од северна Италија. Први случаи регистирани во Бугарија. Нови седум случаи на коронавирус во Грција.

Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ објави дека до 3 април нема да лета на летовите од Скопје и од Охрид кон Милано (MXP), Тревизо (TSF) и Бергамо (BGY), поради затворањето на северниот дел на Италија, а со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.

На патниците кои имаат резервација за овој период ќе им бидат понудени алтернативни рути, бесплатна повторна резервација, целосен поврат на парите или пак поврат во кредити.

Тие пак кои имаат резервирано летови преку туристички агенции, да стапат во контакт со компанијата преку која купиле билети.

Во земјава засега има регистрирано тројца заболени од коронавирус. Тие се во стабилна здравствена состојба, соопшти Министерството за здравство.

На првата пациентка утре треба да и биде направен уште еден контролен текст. Таа на минатиот текст беше негативна на вирусот. Од Министерството посочуваат дека на 10 март истекува периодот на изолација на сите сопатници кои на 26 февруари пристигнаа од Италија во земјава со првата заболена пациентка. На 10 март ќе им се направи евалуација и ќе се знае дали не некого ќе му биде продолжена изолацијата.

Нови седум случаи на коронавирус во Грција

Грчките власти воведоа нови мерки против ширење на коронавирусот. На четири недели се одложуваат сите конференциски настани во Грција и се затвораат центрите за заштита на стари лица, во следните две седмици спортските натпревари ќе се одржуваат без публика и на исто толку време се откажуваат сите екскурзии за учениците. Од грчкото Министерство за здравство информираат дека има седум нови случаи на коронавирусот, со што бројката на лица заразени со Ковид-19 во Грција се искачи на 73.

Од новите седум случаи, шест се поврзани со претходно потврдени случаи, а за еден од заразените во тек е проверка на контактите.

Косово ги забрани летовите од северна Италија

Министерот за инфраструктура и животна средина на Косово Љумир Абдиџику побара времено одложување на сите летови од северна Италија на меѓународниот аеродром во Приштина, поради тамошната епидемија на коронавирусот.

Забраната на летовите од регионот кој италијанските власти го ставија под карантин е препорачана од Националниот институт за здравство.

Во Србија нема нови заразени

Во Србија нема нови случаи со новиот коронавирус, се наведува на сајтот „covid19.rs“. на Министерството за здравство.

Досега вкупно 91 лице е тестирано за вирусот. Единственото заразено лице во Србија е 43-годишниот пациент кај кого на 6 март е регистриран вирусот Ковид 19. Тој е сместен во Клиничкиот центар на Војводина и се наоѓа во стабилна здравствена состојба. Во изолација пак се седум медицински лица. Властите повикаасрпските државјани да не патуваат во оние области кои италијанската влада ги утврди како критични.

Заболени и во Бугарија

Во Бугарија се регистрирани првите случаи на заразени со коронавирус. Пријавени се двајца мажи заразени во Плевен и две заразени жени во Габрово, соопшти Националниот оперативен штаб на Бугарија.

Тие се хоспитализирани во своите градови и се во добра здравствена состојба. Веќе се испитуваат околу 40 лица кои биле во контакт со инфицираните.Заразените лице не патувале во странство, а дополнително ќе се истражува кој бил нултиот пациент.

Коронавирусот ги затвори стадионите во Романија

Фудбалските натпревари во Романија 31 март ќе се играат без присуство на публика поради коронавирусот. Ова се однесува на натпреварите од тамошните Прва и Втора лига по одлуката што ја донесоа Министерствата за здравство и за внатрешни работи.

Во Романија досега се регистрирани 13 случаи на коронавирус.

Според Светската здравствена организација (СЗО), во 103 земји има регистрирано заразени со новиот коронавирус. Досега се заразени над 106 илјади случаи на глобално ниво, а околу 3.600 луѓе починале.

Во Кина, од кадешто потекна вирусот има повеќе од 80 илјади заразени. Денеска се пријавени 44 нови случаи на заразени во изминатото деноноќие, што е најниско ниво откако започна да ги објавува бројките на национално ниво на 20 јануари. Исто така, пријавени се 27 нови смртни случаи, со што вкупниот број на починати од вирусот достигна 3.097.

Во последниве денови, стапката на нови инфекции се зголемува надвор од Кина. Иран и Италија, заедно со Јужна Кореја, се меѓунајтешко погодените земји.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG