Достапни линкови

„Слободна среда“ - нов проект на Музичката младина на Македонија


Во кино „Фросина“ во Младински културен центар - Скопје, на 11 март во 20 часот, ќе биде одржан првиот од серијата концерти насловен „Слободна среда“ што како новина ги промовира Музичката младина на Македонија и чија идеја се потпира на слободните форми на здружување и музицирање.

По „Скопје гради музика“ и учеството во акцијата „Новиот бран“ на Министерството за култура, од Музичка младина на Македонија со уште една интересна несекојдневна идеја. Во кино „Фросина“ во Младински културен центар - Скопје, на 11 март во 20 часот, ќе биде одржан првиот од серијата концерти насловена „Слободна среда“. Зад ова заглавие, односно зад „Концерти во среда“ се крие идејата за отворање на уште еден прозорец за музицирање на младите „класичари“ надвор од востановените практики и постојната академска строгост.

„Иако започнуваме со оние кои творат во областа на сериозната или ако сакате класичната музика, замислата е младите музичари од сите жанрови да настапуваат во некои нови формации кои не се типично школски и со свои програми што самите ги смислиле. Значи, тие не се дел од средношколското или факултетското образование. Нормално, тука има и такви делови кои самите ги компонираат“, вели Александар Герсимовски од Музичка младина на Македонија.

Тој и со дополна дека започнуваат во МКЦ, но дека замислата е серијата на концерти „Слободна среда“ да се одржува во различни средини и амбиенти. Така, по овој промотивен концерт планирано е идните веќе договорени да се одвиваат во Даут пашин амам, во Национална галерија на Македонија и во салата „Империјал“ на Македонската опера и балет.

„Ова е само почеток на развивањето на идејата за една поинаква промоција на младите македонски музичари, која пак од своја страна е дел од фестивалите „Imagine“ на Светската федерација организирани во неколку земји и на кои се претставуваат оние кои допрва доаѓаат меѓутоа во не стандардни простори, со слободни програми или програми кои самите ги смислиле или креирале како творци“, појаснува Герасимовски.

Во контекст на овие негови зборови не смее да се заборави дека на промотивниот концерт во рамките на „Слободна среда“ е предвидено да настапат Марија Јанчулеска на виолина, Филип Петрески – хармоника, Александра Чуруковска – контрабас, Лука Тошев и Вегим Кучи на гитари и Квартет флејти АУЛОС. Некои од нив веројатно публиката ќе има можност да ги слушне и на останатите концерти кои ќе се одржуваат еднаш месечно, но за жал, засега единствено во Скопје.

„Оваа „Слободна среда“ засега, за жал, ќе се одвива само во Скопје, но генералната замисла е сето ова да го проследат и градовите во Македонија кои се заинтересирани за еден ваков тип на програми и промоции на новите уметници. Се надевам дека некаде од септември или октомври оваа наша концертна серија ќе тргне на пат и ќе ја однесеме во средините кои што се заинтересирани и притоа особено со млади музичари кои се токму од тие градови“, ќе рече Александар.

А, кога сме веќе кај активностите на Музичка младина на Македонија да спомнеме и тоа дека нејзиниот Камерен оркестар под раководство на Олег Контраденко и со еден или двајца млади солисти кои студираат по светот веќе подолго време работи на подготовките на концертот со кој ќе бидат одбележани 70-те години од „Охридско лето“, најголемата наша летна културна манифестација, а тука се и претстојните настапи во рамките на акцијата „Ја запознаваме музиката“ наменети за учениците во основното образование.

„Тука се и некои други содржини кои значат воведување на младите во правењето на програма, организација на програми, подготовки на концерти и слично. Тоа е всушност следбеникот на еден наш познат семинар што беше поддржан од Европската културна фонадација и го насловивме како „Гласот на музиката“. Во негови рамки повеќе млади од Скопје и од останатите градови на земјава ќе учествуваат на округлите маси на кои ќе се разговара на кој начин би можеле да влезат во областа на менаџментот на културата или поточна да дознаат малку повеќе детали за тоа како се прават концерти, како се осмислува програма, како се гради публика и сето тоа како дел од мулти културата и во Македонија, меѓутоа и од она што значат европски вредности и европски начин на размислување за градење на програма“, констатира Александар Герасимовски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG