Достапни линкови

Страсната кинеска пијанистка Зи Зи солистка со Филхармонија за јубилејот


Кинеска пијанистка Зи Зи.
Кинеска пијанистка Зи Зи.

„Среќен роденден“ е насловен симфонискиот концерт со кој Македонската филхармонија во редовниот термин, во четврток на 21 ноември во 20 часот, ја одбележува 75 годишнината од основањето. Со оркестарот ќе раководи Борјан Цанев, а како солист ќе настапи исклучителната кинеска пијанистка Зи Зи.

Концертот за пијано и оркестар бр.1 од Јоханес Брамс, „Фантазија корале“ од Томислав Зографски и варијациите „Среќен роденден“ од младиот македонски композитор Филип Иванов се делата кои се најдоа на програмата на претстојниот концерт со кој Филхармонија ќе го одбележи значајниот датум – 75 годишнината од формирањето. Како солист на овој значаен настан за нашата национална установа и воопшто за македонската култура и државност ќе настапи извонредната кинеска пијанистка Зи Зи, а со оркестарот во оваа пригода ќе диригира маестро Борјан Цанев.

„Голема е честа да го диригирам роденденскиот концерт на Македонската филхармонија, поточно настанот со кој ќе биде одбележана 75 годишнината од нејзиното основање. Особено ми е драго затоа што на програмата имаме двајца македонски композитори, едниот доајен – Томислав Зоографски, и на овој концерт ќе ја чествуваме 85 – годишнината од неговото раѓање, и на нашиот млад и талентиран Филип Иванов, по чии варијации е насловен и овој концерт - „Среќен роденден“. Тука е и феноменалниот Концерт за пијано и оркестар бр. 1 каде како солист ќе ја имаме извонредната кинеска пијанистка Жанг Зу чие уметничко име е Зи Зи. Затоа повелете, мислам дека ова ќе биде навистина убаво чествување на нашиот јубилеј, на нашиот роденден“, вели во пресрет на овој настан маестро Цанев.

Имагинативна и возбудлива, кинеската пијанистка Жанг Зу или поточно Зи Зи е една од најуникатните појави меѓу новата генерација пијанисти. Критичарите ја опишуваат како „полна со ентузијазам, гламур, младешка енергија“ ( кинеското издание на магазинот „Грамофон“) , а за нејзините изведувачки капацитети велат дека „може да ги пренесе слушателите во друга реалност“ ( белгискиот весник „Рундфунк“). Критичарите не ги штедат зборовите и за нејзината креативна зрелост, пишуваат дека таа во своите изведби е „моќна, страстна, полна со чист артизам“ ( Лос Ангелес тајмс).

Зи почнала да го изучува пијаното на пет годишна возраст во Германија. По враќањето во Кина, таа се наметната како една од најзначајните млади пијанистки и започнала да настапува со водечките тамошни оркестри. Своето музичко образование го комплетирала на универзитетот „Џулијард“ во Њујорк. Добитичка е на бројни награди, меѓу кои и на главната награда на натпреварот „Кралица Елизабета“ во 2013 година.

Нејзината кариера е возбудлива и богата. Зи активно музицира и често настапува со водечките светски оркестри како Филхармонијата на Лос Ангелес, Белгискиот национален оркестар, Лондонската филхармонија, „Би-Би-Си Симфони“, „Би-Би-Си Филхармоник“ и со диригенти од калибар на прочуените Ксиан Жанг, Марин Алсоп, Михал Нестерович, Јан Паскал Тортелиер, Чарлс Дутоа или Ними Јарви. Како солист публиката имала можност да ја види и чуе на рециталите во лондонскиот Вигмор Хол, центарот „Кенеди“ во Вашингтон, „Линколн центарот“ во Њујорк...и така со ред.
Зи Зи оваа пролет го објави и својот деби албум на кој се забележани нејзините изведби на Концертот за пијано и орекестар од Равел и Листовиот концерт број 1 со Пааво Јарви и Филхармонија оркестра.

Инаку, по концертот во Скопје во април догодина популарната кинеска пијанистка нетрпеливо ја очекуваат на отсега закажаните концерти во Кембриџ, Оксворд и во Лондон, Велика Британија.

Од друга страна, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати како во земјава така и во странство. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрирал на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа, Цанев специјализирал и диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работел со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а бил поканет да му биде и асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира и со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев остварува многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар.

Маестро Борјан Цанев

Од 2002 година до денес е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година, му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент.

Во 2005 година Цанев дебитира во Македонската опера и балет, каде што следната година ја поставува премиерата на „Волшебната флејта“ од Моцарт. Покрај гореспоменатите, Цанев диригирал и со Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ - Софија, Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, со ансамблот за современа музика „Алеа“ и други.

Згора на тоа настапувал со светски реномирани солисти, меѓу кои: Иво Погорелиќ, Дејвид Герет, Јоханес Мозер, Готје Капусон, Сергеј Накарјаков, Иља Гринголц, Даниел Милер-Шот, Алексеј Огринчук, Акико Суванаи, Стјепан Хаузер... Диригирал на сите реномирани фестивали во Македонија, како и на многу фестивали во странство вклучувајќи ги: „Жорж Енеску“, Котор арт, Загрепски летни вечери, Варненско лето, НОМУС, Светот на музиката и др. Борјан Цанев како диригент се појавува во САД, Англија, Јапонија, Италија, Франција, Чешка, Полска, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Турција, Романија, а има направено снимки за Македонската радио-телевизија, за Бугарското национално радио, како и за „F.A.M.E'S“ Македонија. Во 2010 година, Сојузот на композиторите на Македонија му ја додели наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дело од македонски композитор.

Цанев во 2015 година ја предводеше Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, тука вклучувајќи ги и двата концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“.

Во изминативе 75 години Филхармонија континуирано расте и се развива, а денеска со својата звучност и капацитет е еден од водечките во регионот. Оркестарот во изминативе повеќе од седум децении активно музицира, изведувајќи комплексни дела, со врвни солисти и диригенти кои во моментов се актуелни на светската музичка сцена.

Филхармонија е единствена институција во земјава која го афирмира и изведува симфониското музичко творештво. Преку редовните концерти, Филхармонија ја етаблира и промовира класичната музика, приближувајќи ѝ ја оваа форма на музицирање на разнородна публика од различни генерации. Со различни програмски концепти – од строго класични, до оние наменети за најмладите, како и масовно посетените концерти кои традиционално се одржуваат во Градскиот парк, Филхармонија успеа да и се наметне и да ја освои пошироката публика која сега веќе редовно ги следи сите нејзини содржини.

Токму преку разно родниот програмски концепт кој главно ротира околу класиката, со повремени концертни содржини кои изгледуваат надвор од строгите рамки на т.н. „железен репертоар“, Филхармонија во последниве години успеа да регрутира и нова, помлада публика.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG