Достапни линкови

„Реквием“ - Моцартовата последна исповед повторно во Македонска филхармонија


Волфганг Амадеус Моцарт
Волфганг Амадеус Моцарт

Моцартовиот „Реквием“, едно од грандиозните дела на класичната музичка литература, по подолго време повторно ќе се најде на репертоарот на Македонска филхармонија. Симфонискиот концерт насловен како „Requiem Aeternam“ е планирано да се одржи в петок, на 4 мај, а со оркестарот ќе диригира маестро Емил Табаков од Бугарија.

Македонската филхармонија го продолжува својот од кон висините. По подолго време на програмата на оваа наша културна институција ќе се најде грандиозниот „Реквием“ од големиот гениј Волфганг Амадеус Моцарт, едно од најкрупните дела во класичната музичка литература. Симфонискиот концерт насловен како „Requiem Aeternam“ е планирано да се одржи в петок, на 4 мај, а со оркестарот ќе диригира маестро Емил Табаков од Бугарија. Во изведбата ќе учествува и хорот при Факултетот за музичка уметност подготвен од маестро Сашо Татарчевски, како и солистите: Ким Лилијан - Стребел - сопран од Швајцарија, Мартин Ванберг - тенор од Шведска, како и нашите Николина Јаневска - мецо-сопран и Владимир Саздовски – бас.

Наедно, на ова несекојдневно музичко случување планирано е да бидат изведени уште две импресивни дела - „Моц-арт ала Хајдн“ од Алфред Шнитке, на кое како солисти ќе се претстават виолинистите Владимир Костов и Владимир Крстев, како и „Масонска погребна музика“ од Моцарт. И, кога ова е веќе познато, еве што вели фактографијата за уметниците што го потпишуваат овој проект.

Маестро Емил Табаков се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на Гудачкиот оддел. Паралелно студира и дипломира на Одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на Одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте. Од 1976 до 1979 работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а од 1979 сè до 1988 година тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“, со кој остварува значајни концерти низ светот. Во 1985 година станува диригент на Софиската филхармонија, две години подоцна е нејзин главен диригент, а од 1988 до 2000 година музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година, маестро Табаков наедно е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар, потем и главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио. Тој досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД.. а од нив посебно се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 носачи на звук), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен...

„Откритие на вечерта“, ќе напише „Бадише цајтунг“ за британската певица, сопранот Ким Лилијан-Стребел. Во текот на минатата година, уметницата оствари голем број деби-настапи во врвни продукции во Синсинати, Берлин, Фрајбург... Во ансамблите на театрите во Фрајбург, Базел, Виена, Берлин, Ким-Лилијан има стекнато богатство од сценско искуство и широк репертоар, вклучувајќи ги и улогите на Микаела („Кармен“), Фјордилиџи („Така прават сите“), Евридика („Орфеј и Евридика“), Прва дама и Папагена („Волшебната флејта“), Николета („Вљубен во три портокали“), Мусета („Боеми“)... Бројни се и нејзините концертни настапи со симфониски оркестри, а неодамна го направи концертното деби со Симфонијата на Атланта, со симфонискиот оркестар на Би-Би-Си, со оркестарот „Тонхале“ во Цирих, меѓу другото настапувајќи и во моцартовиот „Реквием“. Ким Лилијан е родена во Лондон, но растена во Швајцарија, а студирала на Кралската академија за музика и Кралскиот конзерваториум на Шкотска.

Шведскиот тенор Мартин Ванберг, пак, дипломирал на Оперската академија во Копенхаген во 2010 година. Уште за време на студиите одиграл значајни улоги, а во 2011 година дебитирал во Операта во Гетеборг како Оронте во „Алчина“. Оттогаш редовно настапува во европски и светски оперски куќи и престижни фестивали за класична музика. Дел од неговите улоги се грофот Алмавива во „Севилскиот берберин“, Лисандер во „Сон на летнатата ноќ“, Питер Квинт во „Свртување на шрафот“ и посебно во опери на Моцарт и Хендл. Досега учествувал и во голем број современи опери и концертни дела. Неговиот репертоар е значително голем, вклучувајќи дела од Бах, Бритн, Хендл, Хајдн, Менделсон, Монтеверди, Моцарт, Персел, Вивалди...

Мецосопранот Николина Јаневска дипломирала со највисока оценка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професор Весна Гиновска-Илкова. Уште за време на студиите таа освоила неколку први награди на државни и интернационални натпревари, стекнувајќи се и со богато концертно искуство во земјата и во странство. Во Македонската опера и балет дебитира во 2012 година, каде што моментно е вработена како солист. Иако е млад оперски солист, Јаневска досега учествувала во бројни оперски продукции, толкувајќи главни и епизодни улоги. Меѓу позначајните се вбројуваат: Дорабела („Така прават сите“), Церлина („Дон Џовани“), Олга („Евгениј Онегин“), Фенена („Набуко“), Никлаус („Хофманови приказни“), Мерцедес („Кармен“)... Минатата година оствари голема турнеја низ Кина, а својата наобразба ја продолжува активно во Италија.

Мецо-сопранот Николина Јаневска - солист во моцартовиот „Реквием“
Мецо-сопранот Николина Јаневска - солист во моцартовиот „Реквием“

Говорејќи за своето учество во овој грандиозен проект, Јаневска знае да каже дека за секој оперски солист е убаво да пее концертна музика. Посебно онаа којашто се базира на духовен текст. За неа, како што истакнува, таа е дел од животот и претставува еден вид на прочистување на душата и на гласот. Појаснува дека творештвото на генијот Моцарт е дел од нејзиниот репертоар, а неговиот „Реквием“ и е омилено музичко дело.

„Според мене самото слушање на моцартовиот „Реквием“ звучи како неговата последна исповед бидејќи делото е комплетно различно од сето она што тој го напишал до тој момент. Тоа е нели неговото последно и недовршено дело. Од таму ова за мене е и огромна чест да ја изведувам оваа музика, а му се радувам и на моментот што ќе бидам солист на Македонската филхармонија. Нивниот стремеж е секогаш да го одржуваат највисокото ниво во изведбата, не случајно се и репрезент на нашата духовна култура со кој ние сите лично се гордееме, и јас се надевам дека со својата изведба под раководство на маестро Табаков, со кого прв пат соработувам, ќе ја оправдам поканата и довербата што ми ја укажаа“, вели оперската певица Николина Јаневска.

Владимир Саздовски, пак, дипломирал на музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија во класата на доц. Нико Исаков, а потоа остварува двeгодишна специјализација во Виена на Државниот универзитет за музика и уметност како стипендист на CEE Musiktheater.

Магистрирал во класата на маестро Борис Трајанов, а во 2006 година басот дебитира во Македонската опера и балет во операта „Волшебната флејта“ како Свештеник, Говорник и Втор маж во оклоп.

Неговиот репертоар, меѓу другите, ги содржи и улогите на Али во операта „Италијанката од Алжир“, Спарафучил во „Риголето“, Зарастро во „Волшебната флејта“, Дулкамара во „Љубовен напиток“, Рамфис во „Аида“, Падре Гуардиано во „Моќта на судбината“, Тимур во „Турандот“, Лепорело во „Дон Џовани“, Мефисто во „Фауст“, Лутер и Креспел во „Хофманови приказни“, Рајмондо во „Лучија ди Ламермур“ и др. Надвор од земјата, настапувал на оперските сцени во Тирана, Токио, Дубровник, Џакарта, Софија, Германија, Италија…

Конечно збор, два и за виолинистите Костов и Крстев кои ќе бидат солисти во вториот дел од овој несекојдневен музички празник и секој на свој начин ќе го обои „Моц-арт ала Хајдн“ од германско - рускиот композитор Алфред Герниевич Шнитке.

Владимир Костов студиите ги завршил на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професор Михајло Куфујонакис, каде што и магистрирал, а стручно се усовршувал кај повеќе истакнати педагози од земјата и од странство. Костов е единствен музичар од Македонија кој повеќе пати бил избран да членува во реномираниот Светски оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и Азија и соработувајќи со врвни диригенти. Камерната музика претставува негов особен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли. Настапува како солист со Македонската филхармонија и камерниот оркестар, како и на повеќе фестивали и манифестации во Македонија, Украина, Германија, Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија, Хрватска, Полска.

Владимир Крстев исто така дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, но во класата на проф. Зоран Димитровски. Има освоено три државни награди и признанија од кои несомнено се издвојува наградата „Јамаха“ (1998) за најдобар инструменталист на генерацијата. Забележителни се неговите солистички настапи на фестивали во земјава и во странство, но и како солист со Македонска филхармонија. Тој е член е и на камерниот состав „Мјузик прогресив квартет“ со кој настапил во САД, Канада, Русија, Австрија, Италија, Луксембург, Бугарија, Србија. Крстев членува и во други камерни ансамбли, а како инструменталист реализирал повеќе аудиоизданија со голем број македонски групи кои негуваат различни видови музички жанрови.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG