Достапни линкови

Претставничкиот дом на Холандија со позитивна оцена за реформите во правосудство


Архивска фотографија- Министерство за правда

Министерството за правда денеска соопшти дека за реформите во правосудството добиле позитивен извештај и од Делегацијата на Постојаниот комитет за европски прашања на Претставничкиот дом на Кралството Холандија која ја посети Северна Македонија во февруари годинава.

Од последната посета во мај 2019 година, известувачот констатирал дека Северна Македонија постигнала дополнителен напредок кон започнување на преговорите за пристап во ЕУ, информираат од министерството. Од таму наведуваат и дека според известувачот „ усвојувањето на Законот за Јавното обвинителство е импресивен резултат, кој овозможил продолжување на истрагите, но и дека законот не содржи скриена амнестија која ќе им овозможи на одредени (поранешни) политичари да избегнат истрага“.

Овој позитивен извештај, како што е наведено од Министерството за правда, се очекува да биде основа на дискусијата во Холандскиот парламент за проширувањето на ЕУ на Балканот. Инаку Холандија претходно посочуваше дека недонесениот закон за јавно обвинителство не е пречка за датум за преговори, но сметаше и дека носењето ќе го олесни патот. Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп минатата година во интервју за РСЕ рече дека некоја регулатива, законска рамка или закон ќе мора да се направи со која ќе се осигура дека јавното обвинителство ќе биде независно.

Според најавите холандските пратеници од комисијата за европски прашања на петти март ќе разговара за проширувањето кон западниот Балкан. Позициите на холандскиот парламент за проширувањето ја обврзуваат владата потоа во Европската Унија. Минатата година, холандскиот парламент се изјасни против отворањето преговори со Албанија, но позитивно за Северна Македонија

XS
SM
MD
LG