Достапни линкови

Рудникот Живојно живнува пред избори


Транспортниот систем за руда кој беше пуштен во 2012 година, но не функционира.
Транспортниот систем за руда кој беше пуштен во 2012 година, но не функционира.

ВМРО-ДПМНЕ иднината на енергетиката ја гледа во јагленот, а СДСМ во обновливите извори на енергија. Опозициската партија најавува отворање на рудниците во Живојно и Мариово, владејачката партија пак најави дека ќе инвестираат во зголемување на капацитетите за производство на струја од сонце, ветер и вода.

Рудниците во Живојно и Мариово, за кои пред десетина години поранешната власта најавуваше дека ќе ги истражува, а не се отворија до денес, во предизборието се нудат како адути за производство на струја на стожерот РЕК Битола. Отворање на овие подземни копови на јаглен ќе понуди ВМРО-ДПМНЕ во нивната предизборна програма. Според, трибините деновиве одржани во Битола, опозиционата партија иднината на енергетиката ја гледа во јагленот, а владејачката во обновливите извори на енергија.

„Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е РЕК да биде стожер на производството на електрична енергија, а воедно и стожер на македонската економија. Ќе обелодениме со тек на време начини со кој ќе го задржиме и ќе го зголемиме производството на РЕК“, рече Елена Маркова Велинова од Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.

Запрашана како ќе го сторат тоа кога резервите на јаглен во постоечките рудници се ограничени, таа одговори:

„Постојат опции за отворање на нови рудници. Доколку се успее со тие планови, доколку се отворат тие рудници кои се наша цел за во иднина значително ќе се зголеми бројот на години во кои ќе може да се користи РЕК Битола како комбинат за производство на електрична енергија. Тоа се рудниците Живојно и Мариово на јаглен“.

Инаку, уште во 2011 година на Денот на рударите, екс директор на тогашното ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, рече дека вршеле доистаржување на јагленото наоѓалиште во Живојно, во пелагонискиот басен близу грчката граница. Рече дека по истражувањето се планира отворање на рудникот со јамска експлоатација, подземна, за каква се нема искуство во Пелагонија зашто досегашните рудници се површински, па ќе се обезбеди руда за производство на струја во следните 20 години. Дури и транспортниот систем кој го пуштија во 2012 година беше кажано дека освен руда од површинскиот коп Брод Гнеотино, ќе носи и од рудникот Живојно до Суводол. За жал, транспортерот, инвестиција од 18,6 милиони евра, обезбедени преку кредит, не проработи, па руда се носеше со камиони.

СДСМ, пак, на неодамна одржаната трибина за енергетика нагласија дека иднината на енергетската транзиција во следните години ја гледаат во обновите извори.

„Суштината на енергетската трансформација се обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност. На светот и нам потребни ни се промени кои вклучуваат прогресивно усвојување на технологии со низок јаглерод како основа за преминување кон производство на чиста и зелена енергија. Во нашата земја термоелектраните на јаглен и хидроелектраните се главни производствени капацитети на електрична енергија и во одреден процент се обновливите извори на енергија. И во најголем дел од нашите активности за развој на компанијата се токму во насока на инвестиции за зголемување на капацитетите за производство на струја од сонце, ветер и вода“, рече Васко Ковачевски, генерален директор на ЕСМ.

Тој посочи дека процентот на производство на струја од ветер ќе се зголеми бидејќи се шири ветерниот парк Богданци, а го воведуваат производството на струја од сонце, па веќе градат прва фотонапонска електрана во Осломеј – Кичево. На тој начин, вели Ковачевски ќе се зголеми уделот на електрична енергија од обновливи извори, а на сметка на тоа ќе се намали производството од термоелектраните од јаглен.

ЕУ до 2050-та година целосно ќе ги истисне фосилните горива од производството на енергија

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG