Достапни линкови

Собранието ќе расправа за Законот за ЈО и Мизрахи, а в недела ќе се распушти


Собрание на Република Северна Македонија

Долгоочекуваната пленарна седница за Законот за јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители само што започна доцна синоќа, е презакажана за во петок. На дневен ред е ставено и предлог барањето за разрешување на министерката за труд Рашела Мизрахи. Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски се закани со ново парламентарно мнозинство.

По целодневна неизвесност, синоќа почна 135-тата собраниска седница на која пратениците ќе расправаат за предлог-законот за Јавно обвинителство и Предлог-законот за Советот на јавни обвинители. Претседателот на Собранието Талат Џафери ја отвори седницата и откако за збор се пријавија 30 пратеници, тој го закажа продолжението за во петок во 11 часот. За во 15 часот, пак, ја закажа 136 собраниска седница на која треба да се расправа за разрешувањето на министерката за труд и социјала, Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ.

Пред да ја прекине седницата, Џафери повика на средба со лидерите на политичките партии на која тие ќе треба да се изјаснат дали се за избори на 12-ти април.

Двата закона поминаа во Комисијата за европски прашања и во матичната Законодавно-правна комисија. Двотретинско мнозинство е потребно за законот за ЈО, кој не е официјален услов за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, но сепак од високите европски претставници се споменува како позитивен сигнал кој би можел да го придвижи процесот.

Џафери не прифаќа пораки преку Фејсбук

Генералниот секретар на владејачкиот СДСМ, Љупчо Николовски, на Фејсбук се закани дека ако се оневозможи гласање на важните закони, можно е да се формира ново парламентарно мнозинство.

„Доколку во Собранието се продолжи со тактизирање и ако на кој било начин се оневозможи гласање на важните закони, а особено Законот за јавно обвинителство, Изборниот законик, Законот за одбрана, разрешувањето на Мизрахи, во тој случај постои реална можност ние да направиме ново парламентарно мнозинство, а потоа и нова стабилна влада која ќе организира редовни парламентарни избори“, напиша Николовски.

Џафери рече дека секогаш постапувал коректно и ги запазувал процедурите, но оти не прифаќа пораки преку Фејсбук.

По барање на премиерот, Оливер Спасовски, Собранието треба да расправа за разрешување на министерката за труд Рашела Мизрахи. ВМРО-ДПМНЕ по состанокот на Извршниот комитет(ИК), реши да не ја напушта работата на Парламентот, туку, како што соопштија, да го следат развојот на ситуацијата и да реагираат во одбрана на демократијата, интересите на граѓаните и државата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред да се одржи седницата на ИК изјави дека не гледа потреба партијата и натаму да учествува во работата на Собранието, бидејќи не е испочитуван договорот за распуштање на Собранието на 12 февруари.

Од партијата велат дека 12 април е денот кога мора да се одржат предвремените избори и, како што велат, да се стави за крај на кризата и за крај на политичката кариера на Зоран Заев. А потоа мора да има одговорност за криминалот и корупцијата, се наведува во соопштението.

Собранието требаше да се распушти на 12 февруари, на 60 дена пред одржување на изборите. Партиите на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски во октомври, откако земјата не доби датум за почеток на преговори, се договорија на 12 април да се одржат предвремени парламентарни избори. За таа цел беше избрана и техничка влада на 100 дена пред изборите, која треба да организира и спроведе изборен процес. Претседателот на Собранието Талат Џафери за в недела, 16 февруари на дневен ред ја стави седницата за распуштање на Собранието.

Премиерот Оливер Спасовски, запрашан дали обезбедиле мнозинство, рече дека очекува Законот за ЈО да биде усвоен. Што се однесува, пак, до барањето на оставка од министерката за труд и социјала Рашела Мизрахи, Спасовски рече дека нема да прави компромиси со почитувањето на Уставот и законите. Тој побара од Собранието да ја разреши министерката, која неколкупати се појави на прес-конференција во Министерството пред табла со името „Република Македонија“. Премиерот очекува опозицијата да предложи нов кандидат за местото на Мизрахи.

„Очекувам дека опозицијата ќе биде мудра и ќе даде кандидат кој ќе го почитува Уставот и законите. На пример – еден од пратениците коишто гласаа за Северна Македонија при протоколот за НАТО, како можно решение, инаку одлуката е нивна, кого сакаат нека дадат, јас ќе го прифатам“, одговори премиерот на прес-конференција во Владата.

Лидерските средби - со нив тешко, без нив потешко

Договори за излез од политичка кризи случени на лидерски средби, битки за двотретинско мнозинство за донесување на битни закони, барање помош од меѓународната заедница, средби за името пред да се потпише Договор од Преспа и потоа за промена на Уставот, договори за избори кои не се почитуваат... Ваквите појави станаа практика во македонската демократија.​

Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски вели дека во последните години станало практика лидерите на партиите да ги договараат сите работи, а на пратениците им останува само да гласаат. Тој вели дека и последниот договор за избори кој беше склучен на лидерска кај претседателот на државата, без присуство на првиот човек на Парламентот, говори дека сме далеку од консолидирана парламентарна демократија.

„Тие си се договориле таму и тоа е завршена работа за парламентарните групи и за Собранието во целина, значи тоа е тотално изместен политички систем којшто е подреден само на договорот на политичките партии, затоа и говорам дека ние немаме парламентарна демократија, Македонија станува договорна држава меѓу политичките партии, институциите на системот се атрофирани надвор од Уставот и затоа ги имаме тие забелешки од Европската комисија дека ние немаме функционални и кредибилни институции, но тоа никако да дојде до свеста на претседателите на политичките партии“, вели Петковски.

Лидерските средби се стара практика во македонската демократија. Важни прашања преку такви состаноци се решаваа и за време на претходно владеење на СДСМ, па во 11 годишната власт на ВМРО-ДПМНЕ, и повторно сега. Во екот на политичката криза, по објавувањето на таканаречените бомби, главните прашања поврзани со Договорот од Пржино се донесоа на лидерски средби, на кои присуствуваа странски олеснувачи, како амбасадорите на САД и ЕУ, а некогаш и високи политичари од Брисел и Вашингтон. На средби лидерите се договараа и пред да се потпише Договор од Преспа, потоа за референдумот, па за гласањето на промена на Уставот, на лидерски се бараше решение за статусот на Специјалното јавно обвинителство, а на лидерска се одлучи и датумот за предвремени избори на 12 април.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG