Достапни линкови

Лидерските средби - со нив тешко, без нив потешко


Архивска фотографија- Лидерска средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Архивска фотографија- Лидерска средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Лидерските средби не носат секогаш резултати, но се неопходни и единствена можност да се деблокираат процесите, коментираат аналитичарите по најавата дека е можна средба на премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за статусот на СЈО.

Неколку средби за името пред да се потпише Договор од Преспа, потоа за решавањето на статусот на Специјалното јавно обвинителство, а сега е најавена и можноста да има и нова за истото прашање. Премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски досега имаа лидерски средби главно за овие две прашање - решавањето на прашањето за името и Специјалното јавно обвинителство.

Но, исходот и за двете теми не донесе до решение. ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа Договорот од Преспа, ниту референдумот по него, а решение за обвинителството, иако имаше лидерска средба пред повеќе од два месеца, а од тогаш работат и тимови на двете страни, се уште нема.

До компромис не се дојде, а за тоа кој е повеќе одговорен зошто нема решение не се знае, вели Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје. Но, сепак, нагласува тој и покрај Собранието кое би требало да биде место за дебати и наоѓање решенија, само на тие лидерски кај нас останува можноста да се стигне до некаков договор, а тоа, вели е така, поради системот.

“Поради самиот систем на изборот на пратениците и на нивниот легитимитет, кој иако го добиваат од граѓаните тие се избор на највисокото партиско раководство, така што тие условно кажано се чувствуваат лојални на лидерите. Кај нас лидерите ја имаат можноста да ги носат најважните политички одлуки, а потоа пратениците само ги спроведуваат”, вели Божиновски.

Според политичкиот аналитичар и поранешен пратеник Насер Зибери лидерските средби се единствениот начин да се деблокираат работите кои се во интерес на граѓаните. Тој додава дека ваквиот формат не е само македонска формула, туку како што додава, се применува во другите балкански и транзициски земји.

“Во такви земји, средбите во помал круг, со личности кои одлучуваат во име на партиите се поефикасни инструменти за наоѓање решение, помалку време се троши, а се покажало дека тоа што се договара на тие средби потоа и се спроведува”, вели Зибери.

Лидерските средби се стара практика во македонската демократија. Важни прашања преку такви состаноци се решаваа и за време на претходно владеење на СДСМ, па во 11 годишната власт на ВМРО-ДПМНЕ, па повторно сега. Во екот на политичката криза, по објавувањето на таканаречените бомби, главните прашања поврзани со Договорот од Пржино се донесоа на лидерски средби, но разликата е што на нив вообичаено присуствуваа странски олеснувачи, како амбасадорите на САД и ЕУ, а некогаш и високи политичари од Брисел и Вашингтон.

“Очигледно е дека за многу работи во Македонија се постигнувало договор само со одредена поддршка од меѓународната заедница” , вели Божиновски.

Премиерот Заев во пресрет на очекувањето на датум за почеток на преговорите со Европската унија, за кој една од важните работи е решавањето на статусот на Специјалното јавно обвинителство, рече дека ако има поместување во преговорите за Законот за јавно обвинителство не ја исклучува можноста да имаат средба со Мицкоски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG