Достапни линкови

Докази за „Рекет“- гардероба и слики од домот на Боки-13


Скопје- рочиште за случајот „Рекет“,30.01.2020

Судењето за случајот „Рекет“ денеска продолжи со презентација на материјални докази од страна на Обвинителството за организиран криминал. Обвинителката Ивана Трајчева, која ги читаше доказите, наброја дека од домот на првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 земале 77 пара панталони, девет јакни, 30 парчиња тренерки, околу сто пара обувки, чанти, 80 пара очила и друго. Од неговиот дом, кажа обвинителката, биле запленети слики и од познатите македонски сликари Никола Мартиновски и Лазар Личеноски.

Боки 13 и неговата одбрана постојано, по секоја прочитана потврда за заплена, бараа да се донесат во судот одземените предмети и секое парче гардероба да се покаже во судница, но судот го одби барањето.

Покрај Јовановски во случајот „Рекет“ е обвинета и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева. Според обвинението, Јанева, Јовановски и Зоран Милевски се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Јордан Камчев во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.

На вчерашното рочиште за предметот, пак, меѓудругите сведочеа судијката Мери Дика-Георгиевска од Апелацискиот суд Скопје, кума на обвинетиот Јовановски и водителката Лила Стојановска, а досега сведоци беа и поранешните обвинители на СЈО, Елизабета Јосифовска, Лиле Стефанова и Бурим Рустеми. Во почеток на судењето сведочеше и Јордан Камчев, обвинет во случајот „Империја” и неговата сопруга Ана Камчева.

XS
SM
MD
LG