Достапни линкови

Боки 13 тврди дека има докази за корупција за обвинителката Русковска


Архивска фотографија- рочиште за случајот „Рекет“

Сведоците на денешното судско рочиште за случајот „Рекет“ главно беа испрашувани за личните односи со првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13, неговото трошење парите и начинот на кој тој ги набавувал нештата. Водителката Лила Филиповска, која во моментот на приведувањето на Боки 13 беше со него и требаа да заминат, како што кажа на одмор во Миконос, рече дека на сега првообвинетиот му дала донацијата од 20 000 евра за „1тв“ и подоцна и позајмица од 500 000 денари уплатена на сметката на ‘БМЈ Медиа груп’. Таа тврдеше дека никој неа не и дал пари, туку дека тоа биле нејзини пари. Нагласи и дека веќе не се пријатели со Јовановски, но не кажа зошто.

Судијката Мери Дика – Георгиевска од Апелациониот суд Скопје, која е во кумски врски со Боки 13, сведочеше пред Филиповска. Таа кажа дека со години била пријателка со мајката на Јовановски и дека по враќањето на Боки-13 од Белград тој се занимал со проекти за социјално загрозени лица и од тие проекти му биле парите. На рочиштето сведочеа и вработена во продавницата за мебел од која Боки-13 набавувал.

Јовановски, пак, на рочиштето кажа дека имал несоборливи докази за криминал поврзан со корупција на обвинителката Вилма Русковска вреден четири милиони евра и поради тоа побара нејзино изземање од „Рекет“. Тој не образложи за што станува збор и побара совет од судијката Васка Николовска Масевска каде и како да поднесе пријава за тоа. Кажа дека се обратил до обвинителството, но таму го пренасочиле на судот. Судијката му одговори дека се што има како пријава и докази треба да ги достави во обвинителството.

Инаку досега како сведоци во случајот „Рекет“ исказ дадоа поранешните обвинители од СЈО, Елизабета Јосифовска, Лиле Стефанова и Бурим Рустеми, бизнисменот Јордан Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви и други.

Стефанова го водеше случајот „Империја“ во кој е осомничен бизнисменот Камчев, кој е сведок во случајот „Рекет“. Според обвинението, Јанева, прво осомничениот Бојан Јовановски- Боки 13 и Зоран Милевски се здружиле за да му земаат пари на Камчев во замена за олеснителни околности во предметот кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна. Судењето продолжува утре со изведување материјални докази.

XS
SM
MD
LG