Достапни линкови

Вести

МВР: Идентификувани сопственик и администратор на групата „Јавна соба“

Илустрација

Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика во координација со СВР Скопје изврши идентификација на сопственикот на групата „Јавна соба“ со иницијали Д. К. од Скопје и еден од администраторите на групата со иницијали М.П. од Скопје, информираат од Министерство за внатрешни работи.

„Во текот на истрагата преостанува да се утврдат останатите лица кои имале администраторски и модератороски улоги во групата. Со лицата извршен е службен разговор, а во текот на утрешниот ден во соработка со надлежниот јавен обвинител од ОЈО ќе се направат дополнителни консултации и ќе бидат презентирани доказите со кои располага МВР“, се вели во соопштението од МВР.

Од страна на МВР ќе бидат направени дополнителни анализи на содржината која беше споделена во групата со цел утврдување други нелегални активност и сторители, согласно со КЗ. Паралелно на ова, МВР во соработка со „Телеграм“, презема активности за затворање на групата и добивање други релевантни докази од интерес на истрагата. МВР апелира до членовите на групата да ја напуштат на своја иницијатива.

Инаку затворената група на „Телеграм“ го сврти вниманието во јавноста откако беше откриено дека во неа се објавувале фотографии со експлицитна содржина.

види ги сите денешни вести

Бајден потпиша 10 укази за борба против коронавирусот

Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден синоќа потпиша 10 нови укази за мерките кои треба ја зајакнат борбата против коронавирусот.

Тој изјави дека секој кој доаѓа со авион во САД треба да се тестира на вирусот пред поаѓањето и да оди во карантин по доаѓањето.

Со еден указ Бајден нареди задолжително носење маска за патниците на бродовите, во авионите, возовите, автобусите и градскиот превоз.

На федералната агенција за вонредни ситуации тој и наложил да им надомести на сојузните држави некои трошоци поврзани со нивната борба против коронавирусот и да обезбеди средства за повторно отворање на училиштата.

На оваа агенција Бајден и нареди и да почне воспоставување на центри за вакцинација.

Во САД од коронавирусот досега починаа повеќе од 400 илјади луѓе.

ЕП: Европа да ја запре изградбата на руски гасовод поради апсењето на Навални

Зградата на Европскиот Парламент

Европскиот Парламент (ЕП) со големо мнозинство усвои резолуција со која ја повикува Европската Унија веднаш да ги запре завршните работи на изградбата на гасоводот Северен тек 2 поради апсењето на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални.

Во резолуцијата се повикуваат ЕУ и државите- членки „критички да ја преиспитаат соработката со Русија на различни надворешно-политички платформи и на проектите како Северен тек 2“.

Овој гасовод, со кој природен гас ќе оди од Русија кон Германија низ Балтичко Море, е долг 1200 километри, а предвидено е капацитетот да биде 55 милијарди кубни метри гас годишно.

Навални, најпознат политички противник на претседателот Владимир Путин, е уапсен на враќање во Русија од Германија, каде што се лекуваше од труењето со нервен агенс за кое тој го обвинува Кремљ.

Во Грција вакцинирани над 1 процент од населението

Од почетокот на вакцинацијата во Грција, на 27 декември 2020 година, заклучно со вчера, вакцинирани се 123.007 лица, со што имунизациската покриеност во земјата достигна до 1,13 насто, соопшти генералниот секретар на Министерството за здравство Мариос Темистоклеус, јави МИА од Атина.

Од вакцинираните, 32.801 се лица над 85 годишна возраст, 81.000 се здравствени работници, а останатите се штитеници во домовите за стари и изнемоштени лица.

Од денеска започнува закажувањето термин за вакцинација за втората возрасна група, односно за граѓаните од 80 до 84- годишна возраст.

Паралелно, процесот на вакцинација ќе започне и на островите, а војската ќе биде задолжена за снабдување на островите со вакцината.

Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 509 нови случаи од 29.455 тестови и 25 починати.

Од почетокот на епидемијата во земјата има 150.479 заразени и 5.570 смртни случаи.

Вакцини за Западен Балкан најбрзо што може, тврди Брисел

Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не беше во можност да даде конкретен рок кога Западен Балкан може да очекува вакцини преку ЕУ или преку механизмот Ковакс, јави МИА од Брисел. Таа истакна дека тоа ќе се случи „најбрзо што може“ и увери дека солидарноста со третите земји останува приоритет за ЕУ.

Ковакс механизмот, чија цел е да им помогне на земјите со низок и среден приход да дојдат до потребните вакцини, иако добива најмногу пари од ЕУ, сѐ уште не е функционален. Поради ова, Европската комисија се заложи да воведе втор механизам за споделување на вакцини со третите земји, вклучително и Западен Балкан, но ниту за овој нов механизам нема конкретен рок за достава на потребните вакцини надвор од ЕУ.

„Очигледно е дека е комплицирано за Ковакс да набави вакцини, затоа воведуваме нова рута преку механизам на ЕУ за набавка на дози преку земјите членки на Унијата, кои потоа ќе можат да ги донираат на трети држави како на пример земјите од Западен Балкан“, изјави Фон дер Лајен.

Претседателката на Еврокомисијата порача дека на лидерскиот состанок истакнала оти вакцинирањето надвор од ЕУ е во интерес на сите земји членки на Унијата, затоа што „колку подолго циркулира вирусот, толку е поголем ризикот од нови мутации“.

Времето променливо, на места со дожд, а на планините снег

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови облачно со повремени врнежи од дожд, само на највисоките планини од снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец.

Дневната температура ќе се движи од 6 степени во Маврово, до 13 во Гевгелија.

Унгарија прва во ЕУ ја одобри руската вакцина „Спутник V“

Унгарија е првата земја во Европската унија што ја одобри руската вакцина против корона вирусот „Спутник V“, а исто така ја одобри и британската вакцина на Астразенека.

„Фармацевтските власти дадоа привремена дозвола“ за овие две вакцини против ковид-19, изјави на прес-конференција шефот на канцеларијата на премиерот, Џерџели Џула.

Според европските регулативи, националните власти можат итно да одобрат дистрибуција на производи кои не биле одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), но тогаш тие ја имаат целата одговорност. Од почетокот на кампањата за вакцинација кон крајот на декември, Унгарија прими околу 330 000 дози вакцини на Фајзер / Бионтек и Модерна, кои досега беа одобрени во ЕУ.

Претставници на српските власти ја примија руската вакцина „Спутник V“

„За жал, Европската Агенција за лекови е исклучително бавна. Што се однесува до вакцината развиена од британската лабораторија Астразенека и Универзитетот во Оксфорд, „Велика Британија ја одобри уште од порано и веќе ја користи“, потсети унгарскиот официјален претставник и додаде дека мислењето на европското регулаторно тело се очекува дури на крајот на месецот.

Руските власти поднеле барање за регистрација на Спутник V во ЕУ, но Европската агенција за лекови сè уште не ја започнала постапката за верификација.

Маричиќ го поздрави донесувањето на Законот за попис

Бојан Маричиќ

Министерот за правда, Бојан Маричиќ го поздрави донесувањето на Законот за попис во Собранието. Маричиќ испрати и порака до граѓаните да бидат спокојни и да им веруваат на институциите кои се, како што напиша, повеќе од подготвени за спроведување на оваа статистичка операција.

Законот за попис донесен, за ВМРО-ДПМНЕ нема да биде реален

Резултатот од пописот, според министерот, ќе биде основна алатка за креирање развојни политики, а од него директна корист ќе има и бизнис заедницата.

„Им порачувам на граѓаните да бидат спокојни и да им веруваат на институциите. Државниот завод за статистика и институциите се повеќе од подготвени за спроведување на пописот, а пробниот по оваа нова методологија веќе беше поздравен од Европската комисија. После речиси две децении државата конечно ќе спроведе ваква сложена статистичка операција, а резултатот од истиот ќе биде основна алатка за креирање на идните развојни политики. Директна корист од пописот ќе има и бизнис заедницата“, напиша Маричиќ на Фејсбук.

Нови 356 случаи на ковид 19, починале 15 лица

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1.906 тестирања, а регистрирани се 356 нови случаи на Ковид-19. Од нив во Скопје-171, Куманово-12, Тетово-19, Прилеп-15, Гостивар-6, Штип-7, Битола-4, Велес-10, Охрид-20, Струмица-8, Кавадарци-19, Струга-10, Кочани-2, Кичево-10, Свети Николе-1, Гевгелија-3, Неготино-3, Ресен-3, Крива Паланка-3, Радовиш-3, Берово-4, Делчево-3, Пробиштип-7, Виница-3, Демир Хисар-1, Кратово-1, Крушево-4, Македонска Каменица-1, Пехчево-2 и еден во Демир Капија.

Заев: 8.000 дози вакцини од Србија се за здравствените работници

Институтот за јавно здравје денеска регистрирал 587 оздравени пациенти. Починати се 15 лица, двајца во домашни услови, а останатите во болнички.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 89.817, бројката на оздравени пациенти е 75.387, на починати е 2.754, а бројот на активни случаи изнесува 11.676.

Обвинителството покрена постапка поради прислушување на Вучиќ

Александар Вучиќ

Обвинителството за организиран криминал на Србија покрена предистражна постапка поради неовластено прислушување на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објавија денеска од оваа институција. Според Обвинителството, сите информации и известувања ќе бидат проверени во предистражната постапка со цел да се откријат сите факти и околности во врска со тој случај.
Од Обвинителството соопштуваат дека ќе ја информираат јавноста кога ќе се дознаат резултатите од постапката.

Претходно Министерството за внатрешни работи на Србија објави дека по наредба на Обвинителството за организиран криминал, работната група на министерството испрашала голем број луѓе и собрала докази кои укажуваат на тоа дека српскиот претседател Александар Вучиќ и членовите на неговото семејството се незаконски прислушувани.

Вучиќ неодамна изјави дека го прислушувале домашни служби и дека надлежните органи ќе утврдат дали се поврзани со странци.

„Мислам дека знам кој стои зад тоа, но не би зборувал за тоа јавно“, рече Вучиќ, порачувајќи им на надлежните органи да се занимаваат со тоа. Според него прислушувањето на претседателот на државата е директен обид за државен удар.


Пожар во дом за стари во Украина, најмалку 15 жртви

Најмалку 15 лица загинале, а петмина се повредени во пожар во приватен дом за стари лица во источниот украински град Харков, Службата за итни случаи соопшти дека девет лица успеале да се спасат.

Пожарот избувнал на вториот спрат од двокатната зграда. додека во објектот имало 33 лица. Пожарот е изгаснат, а во неговото гаснење учествувале 28 пожарникари.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од министерот за внатрешни работи да отвори истрага за инцидентот.

Заев: Сакаме за 4 години просечната плата да стаса до 34.000 денари

Зоран Заев

Имаме раст на просечната нето плата во ноември, наша цел се достоинствени плати и подобар животен стандард за граѓаните. Владата е посветена на покачување на платите до 34.000 денари во следните четири години, објави денеска премиерот Зоран Заев.

„Имаме раст на просечната нето плата од 7% во ноември 2020, во однос на истиот месец 2019 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во ноември 2020 година, изнесувала 27.588 денари. Ваквото зголемување се должи на зголемувањата на платите во наведениот период во секторите: Дејности на здравствена и социјална заштита (11,2 %), Образование (9,5 %), Информации и комуникации (9,4%), Земјоделство, шумарство и рибарство (8,5%), Преработувачката индустрија (7,3%), како и во други бројни дејности“, напиша Заев на неговиот фејсбук профил.

Индија - Пожар во фабрика на најголемиот светски производител на вакцини

Фотографија од пожарот во Институтот за серуми во Пуна, Индија (СИИ)

Во производствен капацитет што му припаѓа на најголемиот светски производител на вакцини, Институтот за серуми во Индија (СИИ), денеска избувнал пожар. Службите за итни случаи биле повикани во фабрика на СИИ во Пуна по избувнањето пожар на петтиот кат. Менаџментот на компанијата изјави дека производството на вакцини против Ковид-19 не е засегнато.

Извршниот директор Суреш Јадхав потврди дека објектот се користи за производство на вакцината BCG, што се користи првенствено против туберкулоза. СИИ е најголемиот светски производител на вакцини и во моментот масовно ја произведува „ковишилд“, вакцината против Ковид-19 на „Астра зенека“. Јадхав потврди дека објектот во кој се произведува „ковишилд“ е далеку од пожарот.

Бројот на загинати во двата бомбашки напади во Багдад се искачи на 73

Фотографија од местото на бомбашките напади во Багдад

Бројот на загинати во двојниот самоубиствен бомбашки напад што денеска претпладне се случи во Багдад, Ирак, се искачи на најмалку 28. Бројот на повредени порасна на 73 лица. Нападот беше изведен денеска на раздвижена трговска улица со пазар во срцето на Багдад, соопшти ирачката војска.

Бригадниот генерал Хазем ал-Азави, директор на оперативната команда во Багдад, за Ирачката новинска агенција (ИНА) изјави дека „двојна експлозија” го погоди преполниот пазар во областа Баб ал-Шарџи во близина на плоштадот Тајаран.

Медицински извори за новинската агенција АФП изјавиле дека стравуваат дека бројот на жртвите може да се зголеми. Министерството за здравство соопшти дека мобилизирало медицински лица во главниот град за да одговорат на смртоносниот напад.

Воениот портпарол Јахја Расул изјави дека двајца бомбаши-самоубијци го активирале експлозивот додека биле гонети од припадници на безбедносните сили. Новинарот на АФП од местото на настанот соопшти дека бомбашите нападнале огромен отворен пазар за половна облека на плоштадот Тајаран.

Британија кривично гони 6.500 луѓе поради насилство поврзано со Ковид-19

Илустрација - Полиција и граѓани на новогодишната ноќ во Лондон

Обвинителството во Велика Британија денеска соопшти дека од март до август минатата година, кога беше воведен карантин поради Ковид-19, кривично се гонети 6.5000 луѓе поради насилство и кршење на рестриктивните мерки, од кои поголем број случаи се за напади врз полицајци, пренесе новинската агенција Ројтерс.

Обвинителството објави дека 1.688 луѓе се обвинети поради напади врз полицајци и други претставници на итните служби. Во голем број случаи напаѓачите кашлале, плукале или ги гризнале полицајците, а и ги гаѓале со тешки предмети при приведувањето поради непочитување на правилата. Уште 1.200 луѓе се обвинети од почетокот на на април до крајот на септември за кршење на правилата за запирање на ширењето на Ковид-19.

МВР ќе поднесе пријави за 49 капачи за Водици од Охрид

Илустрацја

Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе им поднесе пријави на 49 лица кои го одбележаа празникот Водици со капење во Охридското Езеро, и покрај забраната на организирано прославување поради пандемијата со ковид-19.

Според МВР вчера кај месноста „Сараиште“ во Охрид, забележана била поголема група граѓани кои биле легитимирани од страна на полицијата.

„Поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „непостапување по здравствени прописи за време на епидемија“, полицајците ги провериле овие 49 лица и по целосно документирање, СВР Охрид ќе поднесе соодветна пријава“, соопштија од МВР.

Ден претходно, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека зборувале со Македонската православна црква и дека полицијата има посебен план за празникот Водици за да нема собири и дека секој кој ќе ги прекрши мерките ќе сноси последици.

Собранието го изгласа законот за попис

Собранието денеска, со 62 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“, го усвои Законот за попис на населението и домаќинствата, кој треба да се одржи во април годинава. Расправата за законот заврши на 15 јануари, но тогаш немаше кворум за гласање, па денеска беше обезбеден кворум и пратениците го исгласаа законот.

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешното гласање не беа во салата. Тие претходно најавија дека ќе собираат потписи од граѓаните за поништување на овој закон, доколку биде донесен.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека „треба да се олабавиме сите за пребројувањето на населението, зашто стекнатите граѓански права на малцинските народи остануваат и само може да се развиваат натаму“.

Завршни зборови на Фетаи за „Монструм“: Ништо помалку од доживотен затвор

Архивска фотографија од едно од минатите рочишта за случајот „Монструм“ - Обвинителите Фатиме фетаи и Гаврил Бубевски

Обвинителката Фатиме Фетаи, која го застапува случајот „Монструм” за петкратното убиство кај Смилковско езеро, денеска во завршните зборови му докажуваше на судот дека возилото „опел омега” било употребено за транспорт при извршување на петкратното убиството на Смилковското Езеро. Таа посочи дека возилото не било на МВР, како што тврдеше еден од сведоците во постапката. Обвинителката докажуваше и дека телата на убиените не биле донесени на Смилковското Езеро, како што беше тврдено во текот на постапката и јавноста.

„Се лиферуваа информации дека младите момчиња биле во блиски контакти со ќерката на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, па затоа се случил настанот“, рече Фетаи, која образложи дека „немало индиции, ниту се докажало дека убините се познавале со неа, ниту дека имале контакти, а најмалку дека поради тоа се лишени од живот“.

„Вишок е само тоа дека „на свиреп и подмолен начин“ било извршено убиство. Да се разбереме, овој чин не заслужува ништо помалку од доживотен затвор“, рече Фетаи во завршните зборови.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, обвинети се Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство во Косово и досега не се екстрадирани. Во претходното судење петмината беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презеде СЈО и судењето почна од почеток. Кај Смилковското Езеро настрадаа четирите момчиња Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Денеска обвинителката Фетаи пред судот се откажа од гонење на обвинетиот Самир Љута, кој претходно беше осуден за кривично дело “тероризам”, бидејќи за него, како што рече, нема докази со кои би се потврдило дека тој сторил било какво кривично дело. За обвинетите Фејзи и Хаки Азири, обвинителката го преиначи делото и наместо за тероризам, тие се гонат за помагање при извршување на кривично дело.

Назначувањето на Бајден беше следено во цел свет, освен во Туркменистан

Илустрација - Фотографија од туркменистанскиот претседател Гурбангули Бердимухамедов и неговиот внук Керим на планинска прошетка, објавена на еден од официјалните државни интернет сајтови

Инаугурацијата на американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон беше следена во земјите низ целиот свет. Но, и не во Туркменистан. Државните медиуми и веб-страниците за вести кои се нарекуваат полуофицијални, во строго контролираната централноазиска држава не спомнаа ништо за вчерашниот настан во Вашингтон, јавуваат дописниците на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Оваа тишина е спротивна на претходните изјави на авторитарниот претседател на Туркмнистан, Гурбангули Бердимухамедов, за 46-от претседател на Соединетите американски држави.

Бердимухамедов на крајот на ноември му испрати писмо на Бајден со кое му ја честиташе изборната победа, велејќи дека тој е „убеден дека пријателството, меѓусебното разбирање и заинтересираното партнерство меѓу Туркменистан и САД ќе продолжат да се зајакнуваат во корист на народите обете земји “.

Владините критичари и групите за човекови права велат дека владата на Бердимухамедов ги потиснала медиумите и неистомислениците и направила измени во ограничувањата, откако тој дојде на власт по смртта на автократот Сапармурат Нијазов во 2006 година.

Мицкоски: Поддршка од Јанша за Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ

Александар Николоски, Христијан Мицкоски и Јанез Јанша на средба во Љубљана, јануари 2021

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека на средбата со словенечкиот премиер Јанез Јанша била потенцирана недвосмислената поддршка која Македонија ја доби од Словенија во рамките на евроинтегративниот процес и недвосмислената поддршка за ВМРО-ДПМНЕ.

„Заклучивме дека во периодот кој следи уште повеќе ќе ги надополниме и интезивираме врските помеѓу двете сестрински партии ВМРО-ДПМНЕ и Словенечката Демократска Странка“, изјави Мицкоски по средбата со Јанша на која го придружуваше потпретседателот на партијата, Александар Николоски.

На средбата, како што истакна лидерот на опозициската партија, било разговарано за актуелните случувања во нашата земја со главен фокус на корупцијата и невладеењето на правото.

Според информациите од ВМРО-ДПМНЕ, оваа среба била дел од мини-дипломатска турнеја на која Мицкоски лобира за Македонија и во чии рамки завчера се сретна и со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Обвинение за лицата кои во автобус на ЈСП се закануваа со ставање патници во киселина

Илустрација - Автобус на ЈСП Скопје

Скопското обвинителство денеска информираше дека поднело обвинение за двајцата насилници кои пред десетина дена во автобус на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) се закануваа дека ќе стават патници во киселина. Според обвинението, тие се товарат дека на 5 ноември 2020 година, околу 17.30 часот, во автобус „7“ на ЈСП, грубо ги навредиле и ја загрозиле сигурноста на возачот и на патниците во автобусот. Обвинети се за насилство.

„Обвинетите влегле во автобусот кај автобуската станица Рекорд без да носат заштитни маски, на што реагирале патниците предупредувајќи ги да носат заштита опрема. Тогаш обвинетите започнале грубо да ги навредуваат патниците и да ја загрозуваат нивната сигурност, велејќи им дека ќе ги убијат и ќе ги стават во киселина. Потоа му се обратиле и на возачот на автобусот со барање да запре и да ја отвори вратата за да излезат пред да стаса на следната автобуска постојка. Возачот не ја отворил вратата, по што обвинетите продолжиле со грубо навредување и загрозување на неговата сигурност, му се обраќале со висок тон и удирале по внатрешноста на возилото“, соопшти Обвинителството.

За 24 часа во Македонија 358 казни за неносење заштитна маска

Илустрација - Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на целата држава, регистрирани се 358 прекршоци по однос на мерката за носење лична заштита на лице, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

И во денешното соопштение од МВР се апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со ковид-19. Казната за непочитување на мерката за задолжително носење маска изнесува 20 евра.

Најмалку седум мртви во два бомбашки напада на пазар во Багдад

Ирачките безбедносни сили го обезбедуваат местото каде беа изведени нападите

Два самоубиствени бомбашки напади го потресоа Багдад, убивајќи најмалку седум лица, а ранети над 25 други, јавија полициски службеници и државната телевизија. Официјалните лица соопштија дека две експлозии на 21 јануари погодија фреквентен пазар на плоштадот Тајаран, во центарот на ирачката престолнина. Државната телевизија објави дека станува збор за самоубиствен бомбашки напад. Многу од ранетите се во сериозна состојба и се чини дека штетата е голема. Официјалните лица зборуваа под услов на анонимност, во согласност со прописите.

Ниту една група не презеде веднаш одговорност за нападот. Во минатото се користеа самоубиствени напади од милитантни групи како што е Исламската држава.

По повеќегодишно смртоносно секташко насилство, самоубиствените бомбашки напади станаа релативно ретки во Багдад. Последниот ваков напад се случи во јуни 2019 година и загинаа неколку лица. Ирак ја прогласи ИД за поразена на крајот на 2017 година по тригодишна кампања, но групата продолжи да работи во пустински и планински области.

Предлог- законот за попис на гласање во Собранието

Собрание на Република Северна Македонија

Собранието денeска треба да одржи продолжение на 29-та седница, на кое се очекува да се гласа за Предлог- законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021, по скратена постапка.

Расправата за Предлог- законот во Собранието, со кој треба да се овозможи во државава да се спроведе попис по 19 години, заврши на 15 јануари. Тогаш беше најавено дека за законот ќе се гласа на продолжение на оваа седница, кое ќе биде дополнително закажано.

Освен владејачката коалиција, поддршка за законот најавија и од опозициските партии на Албанците- Алијансата за Албанците и Алтернатива, а против законот е опозициската ВМРО-ДПМНЕ која најави дека ќе бара негово поништување преку собирање граѓански потписи.

Угостителските објекти од денеска работат до 21 часот

Угостителски објекти во Скопје во пандемија

Рестораните и угостителските објекти од денеска ќе работат до 21 часот, со што престанува да важи одлуката што беше во сила во изминатиот месец за работа до 18 часот, по препораката на Комисијата за заразни болести за да се спречи групирање во празничниот период и ширење на вирусот Ковид-19.

Следната недела ќе се разгледа можноста за продолжување на работното време на угостителските објекти по 21 часот, но, како што рече вчера вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, секоја мерка што се носи мора да оди паралелно со примарната цел, а тоа е здравјето на граѓаните.

Независната угостителска комора, пак, чека покана за средба со Владата на која и дава рок до 25 јануари да ги усвои нивните барања за креирање посебни мерки за директна помош и поддршка на угостителската индустрија.

Бајден потпиша укази со кои се поништени некои одлуки на Трамп

Новиот претседател на САД Џо Бајден

Новиот американски претседател Џо Бајден потпиша укази со кои ја изрази намерата САД повторно да пристапат кон Париската спогодба за климата и во Светската здравствена организација (СЗО). Неколку часа по преземањето на должноста, Бајден во Овалниот кабинет на Белата Куќа потпиша неколку укази со намера веднаш да поништи повеќе важни одлуки на својот претходник Доналд Трамп.

Трамп во 2018 година донесе одлука за излегување на САД од Париската спогодба за клима, а во 2020 година и од СЗО.

Бајден потпиша и укази за запирање на изградбата на ѕид на границата со Мексико и за укинување на забраната за влез во САД за државјаните на некои земји со муслиманско мнозинско население, кои исто така беа одлуки на Трамп.

Новиот претседател потпиша указ за укинување на дозволата за нафтовод од Алберта во Канада до Тексас, чие завршување Трамп го одобри во 2017 година.

Бајден наложи и продолжување на мораториумот на отплатата на долговите, за да спречи исфрлување од становите на луѓе кои се во тешка економска ситуација поради пандемијата од коронавирусот.

Меѓу другото, новиот шеф на Белата Куќа нареди и задолжително носење маски во федералните објекти, како и формирање федерална канцеларија за координација на одговорот на пандемијата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG