Достапни линкови

Чулев: Се уште не се познати администраторите на групата „Јавна соба“


Илустрација- логото на Телеграм

Поднесено е барање до компанијата „Телеграм“ со седиште во Лондон да се идентификуваат двајца администратори и двајца модератори на групата „Јавна соба“, а истовремено се прават криминалистички контроли на терен, изјави денеска министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Тој рече дека учесници во групата го прекршиле законот „за производство и дистрибуција на детска порнографија“ и „злоупотреба на лични податоци“.

„Се уште не ни се познати администраторите. Се работи на оперативни активности на терен. Веќе имаме и многу релевантни сознанија за идентификување на дел од луѓето кои ја менаџирале оваа група, но во интерес на истрагата не би одел со конкретни имиња, зошто се е во фаза на истрага“, кажа Чулев.

По добивање на информацијата за „Јавна соба“ на Телеграм, посочи тој, било информирано Основното јавно обвинителство и истовремено биле собрани сите информации од групата за профилите. Министерот рече и дека се работи за околу 800 фотографии и видеа, претежно од „Фејсбук“, „Инстаграм“ и интернет, но има и приватни фотографии и видеа споделени во групата.

Нагласи дека биле дадени насоки на инспектори да стапат во контакт и згрижат сите жртви и сите кои ќе пријават дека им се злоупотребени лични податоци.

„Досега има два пријавени случаја, но колку што знаеме се работи за злоупотреба на лични податоци, но не и за член 193 за производство и дистрибуција на детска порнографија. Се уште не е докажана, но ќе се оди во насока на инкриминирање на сторителите“, изјави Чулев.

Прашан дали се повикани некои од имињата посочени во медиумите дека членувале во групата „Јавна соба“, министерот Чулев рече дека веќе работат колегите. Учесниците во Јавна соба, кажа Чулев, користеле многу звучни имиња и сега полицијата врши идентификување дали се тоа навистина личностите за кои се зборува. Инаку затворената група го сврти вниманието во јавноста откако беше откриено дека во неа се објавувале фотографии со експлицитна содржина.

XS
SM
MD
LG