Достапни линкови

Зошто е толку проблематичен законот за Јавно обвинителство?


Архивска фотографија: Прес-конференција во Основното јавно обвинителство за случајот Рекет. Обвинителите Љубомир Јовески и Вилма Русковска
Архивска фотографија: Прес-конференција во Основното јавно обвинителство за случајот Рекет. Обвинителите Љубомир Јовески и Вилма Русковска

Опозицијата има забелешки за „вдомувањето“ на обвинителите од СЈО со предлог законот за јавно обвинителство. Власта очекува поддршка на законот со кој, како што велат, во иднина ќе нема злоупотреби во текот на судењата и со кој сите ќе имаат еднаков третман и нема да има привилегирани политичари.

Власта и опозицијата денеска ќе се обидат да се договорат за Законот за јавно обвинителство. Бојан Маричиќ од власта и Тимчо Муцунски од ВМРО – ДПМНЕ ќе разговараат за тоа како натаму да течат разговорите за законот, за чие поскоро усвојување апелираше ЕУ. Додека ВМРО-ДПМНЕ го анализира последниот предлог на власта за законот, партиите меѓусебно се обвинуваат дека другата страна не сака да го изгласа законот за да си го сокрие криминалот во своите редови.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вели дека со самото тоа што опозициската партија не сака да го изгласа законот, не може да се заокружи правната рамка за да може јавните обвинители да работат слободно.

„Законот ако го донесеме, тој е системски, структурен закон, со тоа го заокружуваме целиот пакет на реформи во правосудството. Законот за јавно обвинителство дава сериозна рамка за да дејствуваат јавните обвинители, односно нема да ги гледаме сите овие барања од страна на адвокатите, на одбраната, на осомничени, на осудени коишто се злоупотребуваат, затоа што оваа рамка не е заокружена. Овој закон ќе ги донесе сите под еднаков третман во државата и никого нема да стави во привилегирана положба без разлика дали е опозиција или власт“, вели Заев.

За усвојување на законот е потребно двотретинско мнозинство. Заев вели дека се подготвени на компромиси сè додека тоа го дозволува правосудниот систем и сè додека тоа е во согласност со рамката на ЕУ.

Власта на крајот на минатата недела достави нов предлог закон за јавно обвинителство до најголемата опозициска партија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека она што е предложено од СДСМ е закон што треба во иднина да ги штити криминалните структури на СДСМ што по 12 април ќе заминат во опозицијата.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, запрашан за забелешките на предлогот рече дека експертски тим го разгледува предлогот, по што ќе излезат со свој став. Тој вели дека доколку не се донесе законот, ВМРО-ДПМНЕ не може да носи одговорност ако со тоа се блокираат преговорите со ЕУ.

„ВМРО-ДПМНЕ не може да преземе одговорност за тоа што Заев сака да го направи за свои политички цели. Да бидеме јасни, Заев повторно сака да си направи свој закон со кој повторно ќе може да гони противници, и да биде еден вид деспот во Македонија, не може тоа така. Ако зборуваме за реформи и ако навистина сакаат европски закони, тогаш дајте навистина да направиме реформски закон“, рече Мисајловски.

Кој од што бега?

За власта, ВМРО-ДПМНЕ бега од истрагите на СЈО, за опозицијата власта бега од квалитетна институција која нема да замижува пред криминалот. Најголем дел од предметите на СЈО се однесуваа на поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а меѓу обвинетите има и актуелни пратеници од партијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, изјави и дека за нив најголем проблем е и тоа што имотот на партијата е замрзнат со една од истрагите на СЈО.

Власта во одбивањето на опозицијата гледа обид „да се заштитат криминалците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“. На ВМРО-ДПМНЕ пак им пречеа персоналните решенија кои ги предлагаше СДСМ, прво поддршката за Катица Јанева, потоа предлогот Вилма Русковска да стои на чело на новото обвинителство кое требаше да се формира. ВМРО-ДПМНЕ соопштуваат дека ако се донесе квалитетно решение на закон за јавно обвинителство, тогаш, како што велат, Обвинителството нема да замижува, туку да отвара истраги за сите наместени тендери, афери и скандали, а криминалците од власта да одговараат за општиот грабеж. Што според нив не и одговара на сегашната власт.

Спорно „вдомувањето“ на обвинителите на СЈО во обвинителството на Русковска

Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, кој беше и дел од работната група што преговараше за законот, рече дека од тоа што го видел има забелешки за „судбината“ на обвинителите на СЈО.

„Она што можев да го забележам на кратко во преодните и завршни одредби повторно се остава еден законски обид за тимот на СЈО зад кои што останаа прилично многу контроверзи да бидат удомени на некој начин во тимот на обвинителката Вилма Русковска која што очигледно сега е замена за Катица Јанева“, вели Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Милошоски има забелешки и за високите хонорари и надоместоци на обвинителите на СЈО, што според него, не им даваат кредибилитет за нова позиција во обвинителскиот систем.

Предлог законот за кој преговорите почнаа некаде во март минатата година, со месеци е заглавен во Собранието. Него го актуелизираше новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархеји кој во минатата недела при посетата на Скопје, изрази надеж дека овој парламентарен состав ќе го изгласа законот. Но, овој собраниски состав на располагање има помалку од еден месец да го стори тоа, оти Собранието треба да се распушти на 11 февруари, за да се одржат планираните предвремени избори на 12 април.

Од Министерство за правда претходно соопштија дека во текот на минатата година испратиле три предлози на Закон за јавно обвинителство и дека суштината на сите три предлози е имплементација на меѓународни стандарди за ефикасна борба против криминал и корупција и создавање правни основи за продолжување на сите започнати постапки пред Јавното обвинителство, вклучувајќи ги и постапките пред СЈО.

Во собраниска процедура се уште е втората верзија на законот на која опозицијата поднесе амандмани и таа ќе биде повлечена кога ќе бидат обезбедени осумдесет гласови за усвојување на нов текст на Закон за јавното обвинителство, соопштија од Министерството.

Во третата верзија се вклучува и новонастанатата ситуација со трансферот на предметите на СЈО и се обезбедува континуитет на обвинителите и сите започнати постапки. Според членот 108 во предлогот, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на чело со Вилма Русковска ќе ги преземе надлежностите на СЈО, а не како што претходно се предвидуваше да се создаде ново обвинителство за висока корупција. Верзијата предвидува и обвинителите на СЈО коишто ги застапувале предметите да продолжат да ги водат. Членот 109 предвидува во рок од месец ипол од стапувањето на сила на овој закон, да се прошири бројот на обвинители во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. На огласот ќе може да конкурираат сите обвинители кои ги исполнуваат условите. Материјалите од незаконското прислушување кои не се предадени како докази во судовите, ќе се чуваат во Јавното обвинителство на Македонија. По истекот на три години од правосилното завршување на постапките, материјалите ќе бидат уништени во согласност со законот. Истрагите и предистрагите почнати по 17 јуни 2017 да продолжат. Во верзијата на предлог законот од декември начинот на избор и разрешување на државниот јавен обвинител останува како и досега. Собранието распишува оглас, Советот на јавни обвинители дава мислење за кандидатите, Владата од тие за кои има позитивно мислење избира еден и го предлага до Собранието кадешто се гласа. Собранието и го разрешува Јавниот обвинител ако има потреба за такво нешто.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG