Достапни линкови

Филхармонија со „Ѕвездена музика“ и Мур како солист на тромбон


Питер Мур, тромбонист од Велика Британија
Питер Мур, тромбонист од Велика Британија

„Ѕвездена музика“ е насловен концертот на Филхармонија на кој, на 23 јануари, ќе бидат изведени едно од најзначајните дела во историјата на музиката – „Прстенот“ на Рихард Вагнер и „Старгејзер“ од Џонатан Дов. Диригент ќе биде Тимоти Редмонд, а солист на тромбон Питер Мур од Велика Британија.

Доследна на своите заложби да се фокусира на врвните остварувања и на програмата при нивната изведба да има за солисти вистински мајстори, националната Филхармонија успешниот од го продолжува со нов несекојдневен музички настан. Новото лето го отвора со концертот насловен како „Ѕвездена музика“ на кој оркестарот со своите гости, прочуениот маестро Тимоти Редмонд и тромбонистот Питер Мур од Велика Британија, ќе ги изведе „Прстенот“ на Рихард Вагнер, односно компилацијата на едно од најзначајните дела во историјата на музиката, како и „Старгејзер“ од Џонатан Дов.

И кога сме веќе кај планираната програма збор два за она што несомнено ќе биде вистинска мамка за сладокусците и воопшто за публиката.

За „Прстенот на Нибелунзите“ на големиот германски композитор, оперски режисер, полемичар и диригент Рихард Вагнер ќе биде забележано дека не е само најамбициозното, туку и едно од најимагинативните музичко-сценски дела во историјата на класичната музика. Специфичната карактеристика на музичкиот стил во ова дело е е техниката која ја развива авторот Вагнер преку иновативниот принцип на лајтмотиви – кратки музички фрази кои отсликуваат личност, објект или идеа. Овие лајтмотиви, како што е познато, играат значајна улога во „Прстенот“, во океанот од звуци и форми кои го надополнуваат драмскиот развој на делото.

А, со цел пак да се приближи музиката од овој музичко-сценски циклус до пошироката публика, направени се оркестарски аранжмани од современиците на Вагнер. Во нив оркестарот има главна улога, нема големи интервенции во самото дело, „а резултатот е толку убедлив , што воопшто не се забележува дека станува збор за аранжмани“.

Токму таков е и оној на Хенк де Флигер, перкусионист во Филхармонијата на Радио Холандија, кој во случајов е во сферата на интересот на престојниот концерт на нашиот оркестар и ќе биде изведен во редовниот термин, во четврток.

Од друга страна, Концертот за тромбон „Старгејзер“ Џонатан Дов го напишал како нарачка на Лондонскиот симфониски оркестар за нивниот тогашен главен тромбонист Иан Бусфилд, кој во 1999 година, сепак, го напуштил оркестарот за време на подготовката на делото одложувајќи ја премиерата.

Така, првата изведба на ова дело се случила дури во 2007 во „Барбикан“ хол во Лондон со Лондонскиот симфониски оркестар, Бусфилд како солист и маестро Мајкл Тилсон Томас зад диригентскиот пулт.

Како и да е, ако тромбонот, особено во делата на поствоените модернисти како Лучано Берио или Винко Глобокар е претставен во „кловновска“ улога како некаква трагикомична афазија, Џонатан Дов му дава поетика, метафора во умот како „човек со телескоп кој го пребарува ноќното небо“, истражувајќи низ оркестарските соѕвездија.

И, кога сме веќе тука, да кажеме дека во случајов, таквата улога на трагач по созвездијата ќе му припадне на младиот но веќе глобално докажан тромбонист Питер Мур.

Роден 1996 година во Ирска, тој своето музичко образование го продолжил во Англија на студии за напредна програма на Кралската академија за музика. На 12 годишна возраст станал најмладиот победник на натпреварот за млади музички уметници на „Би-Би-Си“, а само шест години подоцна бил назначен за еден од главните тромбонисти на престижниот Лондонски симфониски оркестар.

Во последниве неколку години потпишал низа соло настапи со оркестри како Симфонијата на Луцерн, со Филхармонијата на Тајланд, симфониските оркестри на „Би-Би-Си“...потем рецитали во прочуените концертни сали „Барбикан“ и „Вигмор Хол“, во Австралија и Нов Зеланд, а како солист настапувал и со Националниот оркестар на „Би-Би-Си“ во Велс, со филхармонијата на Брајтон, на Европскиот фестивал за тромбони во Ротердам, Холандија ...и така со ред.

Питер Мур е пасиониран музичар, посветен на инструментот што го свири до степен постојано да ги испитува неговите технички можности. Вели дека не чувствува посебен притисок по добивањето на наградата на „Би-Би-Си“, дека публиката ќе очекува постојано нешто добро од сите негови настапи. Едноставно, вели, тој продолжува да ужива во она што го работи и така, за него, нештата стануваат поедноставни.

Функцијата што ја извршува во ЛСО, за него во моментов e главна преокупација. „Тоа е идеална ситуација, бидејќи ги имам сите придобивки и искуства од работата во еден од најголемите оркестри на планетата, а сепак, не сум врзан за него цело време. И токму ова ми дава можност да ја продолжам мојата соло кариера, за која имам особена страст.

За него музиката е бескрајно поле за истражување. Вели дека никогаш не треба еден музички уметник да престане да ги слуша другите музичари, да биде присутен на нивните концерти. „Редовно одам на концерти и слушам пејачи, виолончелисти, џез –музичари... Така ја прошируваме сопствената музикалност и ја развиваме имагинацијата... Зборуваме дека сме уметници, и затоа треба постојано да се навраќаме на чувството за убавото.“

Од таму не чуди кога Мур знае да каже: Мојот стил во минатото беше да ги земам работите во мои раце и да не размислувам за далечната иднина, но кога ќе погледнам наназад, да, сепак имав среќа да бидам дел од толку многу прекрасни музички искуства.

Веруваме дека со едно такво убаво чувство ќе си замине и од Македонија.

Маестро Тимоти Редмонд

Од друга страна, Тимоти Редмонд се усовршувал на мајсторски курсеви по диригирање со Јан Паскал Тортелије, Иља Мусин, Џорџ Хрст и Пјер Булез. Од 2006 година тој е шеф-диригент на Филхармонијата на Кембриџ и диригира со сите водечки британски оркестри, меѓу кои Лондонскиот симфониски оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, оркестарот на градот Алстер, филхармониските оркестри на „Би-Би-Си“ и многу други. Кариерата го води во Франција, Белгија, САД, Финска, Босна и Херцеговина, каде што диригира со оркестри и работи на оперски продукции. Неодамна во САД, Редмонд беше ангажиран како диригент на подготовките на нова опера базирана на приказната „Чарли и фабриката за чоколада“, а згора на тоа ја збогати и сопствената дискографија снимајќи заеднички албум со француската виолончелистка Офели Гајар за „Наив рекордс“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG