Достапни линкови

„RADIOHEADJAZZ!“ - чекор од седум милји за Биг бендот на ЗЏМ


Посегајќи по езотеричната музика на еден од најзначајните светски алтернативни бендови РЕЈДИОХЕД, Биг-Бендот на ЗЏМ, во саботата, на 30 ноември, во преполната Филхармонија го одржа не само својот најдобар концерт досега туку и храбро го заокружи сопственото присуство на регионалната музичка сцена.

Во времево во кое кусогледите и неосвестените систематски ги згаснаа оркестрите ( ајде нека биде Танцовиот и Биг бендот...иако тука не треба да се заборават ниту оној на Изворна народна музика и Чалгиите) во демек Македонската радио телевизија како „национална куќа“, на современата македонска музичка сцена и се случува појавата на вистински Биг Бенд. Биг бендот на Здружението на џез-музичари чие делување во изминативе неколку години е на мускули, но со кристално јасна визија дека иднината сам ќе мора да си ја искова. И, тоа е добро затоа што зад него простум застанаа исклучително талентирани музичари кои својата наобразба ја стекнуваа во и надвор од земјава во која културата е монета за поткусурување и креативни сили кои длабоко веруваат во себе во генерално лоши услови за работа. Значи не некои кои мислата им беше да го фатат првиот лет за преку граница, туку да останат и од дома да се обидуваат да го прават светот подобро место за живеење. Да свират додека не го истрошат и последниот атом енергија. Момци како Кирил Кузманов, Гоце Стефковски, Трајче Велков, Иван Иванов, Кирил Туфекчиевски, Џијан Емин кој му доаѓа како „резидент“ диригент...и така со ред уште еден куп инструменталисти во отворениот концепт на оркестарот. И, се редеа проектите – најнапред оној во МОБ кога Биг бендот четаше на крилјата на класиците на БИТЛСИ, потем другиот кога гостин беше легендарниот американски саксафонист Дон Менза...и конечно „RADIOHEADJAZZ!“ со кој е цементирано уверувањето дека на овдешната музичка сцена конечно пристигна оркестарот од кој допрва треба да се очекуваат проблесоците. А, еден од „кумовите“ на таквите усилби и мисионерот кој го трасираше патот, упорно повторувајќи дека секогаш ќе биде тука за своите некогашни студенти и сите талентирани музичари, е австрискиот диригент, аранжер и професор на Џез академијата во Грац – Зиги Фајгл.

маестро Зиги Фајгл

Значи, тука сме. Кај концертот што се обистини во преполната Филхармонија ( картите беа продадени цела недела пред почетокот, а се зборуваше дека така би било веројатно ако беа закажани уште два термина), во атмосфера на нагласена љубопитност. Како тоа ќе се снајдат музичарите со песните од последниве две децении на британскиот рок гигант кој од шега ги полни стадионите по светот. Како ќе прозвучат химните на Том Јорк, браќата Гринвуд... кога ним ќе им пријде голем оркестар – во случајов Биг бенд.

Во ред, не дека не е познато оти по музиката на погоре споменатите веќе од поодамна посегаат врвни џез музичари како Крис Потер или Џими Колум...или дека РЕЈДИОХЕД во своето творештво не биле инспирирани од Орнет Колмен, Чарли Мингус..и посебно од големиот Мајлс Дејвис и неговиот денес култен албум „Bitches Brew“..., дека се безмалку „органски“ нивните врски со џезот, но сепак збирот на прашалници во воздухот беше импозантен.

И, се така до моментот кога Биг бендот, со расположениот за подучување и непосредна човечка комуникација – маестро Зиги Фајгл пред себе, не го почна патувањето надвор од комфорната зона на „оркестар кој дотогаш само свингувал“. Од моментот кога во „Idioteque“ како вовед во приказната „RADIOHEADJAZZ!“, Кирил Кузманов не исчекори напред кон публиката и понуди соло кое уште еднаш ( по којзнае кој пат) ја потврдува неговата импровизаторска, свиречка супериорност. Едноставно, со леснотија, убаво и моќно. Како да пее на својот саксафон. И, потем речиси се*, барем оние 70 минути музика, беше силен влог во растот.

Кирил Кузманов

А, генерално аранжманите се вртеа околу два стожерни албуми на РЕЈДИОХЕД - „Ok Computer“ и „Kid A“. Кај песни како „Let down“, „There there“, „Everything in it's right place“... за да силните квалитетни (дури и катарзични) пикови ги има во теми како „ 2 + 2 = 5“, „Kid A“ и најмногу „Paranoid Android“.

Притоа, еден по друг како солисти крај Фајгл минуваа: саксафонистот Иван Иванов, трубачот Трајче Велков, гитаристот Зоран Костадиновски...Конечно сите членови на Биг бендот пулсираа како жив организам кој лебдејќи помеѓу условената милозвучност и разбирливата дисторзичност како да се бореше ( и конечно избори) за целокупната уникатна пулсирачко-компактна рејдиохед-џезерска звучна слика. Како од тоа да им зависеше целата нивна идна музичка кариера. Како да беа свесни дека ја заокружуваат позицијата на својот Биг бенд во средината во која и не се грижи многу за ваквите појави и посебно за вистинските вредности. И, не само во музиката.

Од таму, едно деноноќие подоцна кога за очекување е нели дека „еуфоријата избледела“ и прашањето: Што понатаму? Особено сега кога дефинитивно се срушени бариерите.

Факт е дека Биг бендот на Здружението на џез музичари со проектот „RADIOHEADJAZZ!“ ја разби илузијата дека нема намера „само да свингува“, туку дека е подготвен за многу други, нека биде и „посериозни“ подвизи. Особено сега и овде во градов кој го има силниот Скопје џез фестивал како една од големите придобивки во едукацијата за современите стремежи во музиката воопшто и кога несомнено ја стекна довербата на публиката. Значи, за проекти кои ќе го фрлат во прегратките на музики зад кои во минатото стоеле мисионери и авторитети како еден Џими Хендрикс, Френк Запа, Роберт Вајат...на пошироката листа. Да изнудат и музики на современите наши композитори и џез музичари кој ќе се осмелат да понудат своја специјално напишана музика за Биг бендот. И потем, да им приоѓаат смело како и досега. Оти несомнено сега кога темелот е реалност ќе мора храбро да му се гледа на одразот во огледалото. Без сомнеж во сопствените изведувачки способности и потребата да се изодат потребните чекори до интернационалната сцена. Се разбира нема да биде лесно, ќе паѓаат и „жртви“ по патот, но секако сили за тоа има. И независно дали ќе се брка енергичноста и слободата на едни на пример ФАЈР ОРКЕСТРА ( кои во една пригода со својата изведба и посебно со енергијата не распаметија на СЏФ) или ќе ја разгалуваат публиката со “покласична“ ( што тоа и да значи во денешно време) програма во одреден миг. Многу е битно притоа средбите да не бидат инцидентни – туку зачестени оти, нели, така се држи тензијата и се „буричка“ водата. Се прави името.

Филхармонија исполнета до последното место и уште повеќе

Ова е особено важно ако се знае дека целата досегашна приказна на Биг бендот се врти генерално на вродениот ентузијазам на музичарите и Здружението, кој и натаму онака како што треба ( впрочем како и за многу други работи во културата кај нас) останува малку „препознаен“ од институциите на државата. Од Министерството за култура, пред се*.

А, рака на срце, без тоа тешко ќе оди чекорењето натаму и лесно Биг бендот на Здружението на џез музичари наместо кон Европа каде му е местото да биде пратен кон заборавот. Во „историјата“. Како и неколкуте незаменливи национални оркестри на кои светот им се воодушевувал каде и да се појавеле на сцена, а дома ги уништиле нашиот провинцијален дух и политичкото слепило.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG