Достапни линкови

Дали ќе се појават нови документи и снимки за„Рекет“?


Бојан Јовановски - Боки 13 и Катица Јанева на судење за „Рекет“
Бојан Јовановски - Боки 13 и Катица Јанева на судење за „Рекет“

ВМРО- ДПМНЕ не е задоволна од начинот на кој се води процесот за случајот „Рекет“, вели партискиот лидер Христијан Мицкоски. Тој додава дека од тактички причини чекаат да ги објават документите поврзани со случајот, кои најавија дека ги имаат пред три месеци.

ВМРО-ДПМНЕ се уште ја остава отворена можноста да објават документи, кои како што велат ги добиле од свиркач во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, ако не се задоволни од начинот на кој се води случајот Рекет.

Дека имаат такви документи кажа лидерот на партијата Христијан Мицкоски на 11 септември, кога пропаднаа преговорите меѓу опозицијата и власта за Законот за Јавно обвинителство. Тогаш тој покажа папка во која тврдеше дека ги има исказите кои се дадени кај обвинителката Вилма Русковска за случајот Рекет, наредбите за вештачење и резултатите од вештачењето.

“Тука моето име го нема, но има имиња на луѓе од власта“, рече тогаш Мицкоски нагласувајќи дека ќе ги објавеле ако видат дека се заташкува истрагата.

Три месеци подоцна, документите не се објавени, а Мицкоски вели- се уште не сме задоволни од процесот, но наскоро, ако видиме дека дивергира од реалноста јавноста ќе биде сведок на се што се случувало.

„Довербата во Кацарска судството и Русковска обвинителството одамна ја загубивме. Ние чекаме да видиме од тактички причини, до кога ќе се дават во жива кал заедно со нивниот налогодавач затоа што тој е свесен дека тоне во жива кал но не знам дали тие се свесни дека ги влече со него“ вели сега Мицкоски.

Никој не барал од Мицкоски да разговара со Заев за Камчев?

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека случајот „Рекет“ од самиот почеток наликува на медиумско шоу.

„Целиот процес од почетокот се води на неколку фронта и некои се потрудија да го вметнат во политичката расправа, па се зборува за Рекет 2 или се инсинуира за одредени политичари дека биле вклучени а целиот случај стана дел од политичката расправа која се води особено сега пред изборите“, вели Муслиу.

Инаку уште пред случајот да добие обвинение беа објавени записници од искази, а такво нешто продолжува и сега, па на портали се прераскажува наводно исказот на веќе осудениот во Рекет Зоран Милевски. Беа објавени и снимки од домот на бизнисменот Јордан Камчев на кои се гледаат првосомничениот во Рекет Бојан Јовановски и Милески како излегуваат со торба од неговиот дом. На тие снимки се слушна и гласот на второсомничената во Рекет поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.

И покрај влегувањето на случајот во судска процедура продолжија слични објави па неодамна беа објавени аудио снимки на кои се слуша гласот на Камчев како вели дека премиерот треба да седне со Христијан и да се договори. Мицкоски вели дека никој не побарал од него да седне со Заев за такво нешто.

„Јас ниту имам намера, ниту, пак, ми паѓа на памет да разговарам на таква тема“, тврди Мицкоски во интервјуто на Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела.

И „Рекет 2“ во обвинителска финална фаза

Обвинителството во меѓувреме отвори и нов случај поврзан со Бојан Јовановски, a во него има и висок политичар од СДСМ. Случајот познат во јавноста како “Рекет 2“ влегува во финалната фаза во Јавното обвинителство, a обвинението, според најавите на обвинителката Русковска се очекува во јануари.

Потпретседателката на Собранието и пратеничката од СДСМ Фросина Ременски се товари за помагање во делото измама, а е осомничена заедно со Јовановски, кој е претседател на Меѓународниот сојуз, неговиот татко Миле Јовановски, асистентката Христина Блажевска и потпретседателката на сојузот Јасна Мандиќ.

Ременски е поранашен почесен претседател на невладината организација Меѓународен сојуз. Преку таа организација тие се сомничат дека од бизнисменот Силјан Мицевски наплатиле 720 илјади евра, а од Адријан Амзоски 230 илјади евра со измама дека ќе обезбедат државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенции од државата.

Досега исказ за овој случај даваа Мандиќ и Ременски, а во обвинителството денеска се Бојан Јовановски, неговиот татко Миле и асистенката Блажевска.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG