Достапни линкови

Несогласувања на СДСМ и ДУИ за подобри позиции кај гласачите


Премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети на Свеченото одбележување на Денот на албанската азбука во МНТ.

Окако ДУИ поднесе околу 5000 амандмани за измените на Изборниот законик односите со нивниот коалиционен партнер СДСМ се нарушени, барем таков е впечатокот во јавноста. Но,тоа според аналитичари, се должи на калкулациите за додворување на гласачите пред избори.

Несогласувањата меѓу СДСМ и ДУИ во последниот период создаваат впечаток во јавноста дека владината коалиција е ставена на тест. Но, ако се земе во предвид дека до предвремените парламентарни избори има 4 месеци, голема е веројатноста дека двете партии се борат за извојување на подобри позиции кај нивното членство, коментираат аналитичари. Пратеничката група на ДУИ поднесе речиси 5.000 амандмани на предлог – измените на Изборниот законик, затоа што смета дека еднострано менување на правилата на игра пред да започнат изборните процеси е опасен преседан.

Факт е дека ДУИ и СДСМ имаат сериозни несогласувања околу изборниот модел, вели политичкиот аналитичар Насер Зибери.

„Но, прекраток е периодот за да може да има поголеми турбуленции во владината коалиција, бидејќи сме на прагот на изборите. Ова препукување меѓу коалиционите партнери повеќе ми личи како фаза на изградување на подобри позиции пред електоратот, отколку некаков распад на коалицијата. Мислам дека оваа коалиција ќе опстане до крајот на овој мандат. Пред изборите политичките партии кои се во коалиција сакаат да го истакнуваат некако засебниот интерес а со тоа да се додворат до гласачите за да имаат поповолна позиција на избори“, вели Зибери.

Премиерот Зоран Заев најави дека ќе се консултира со СДСМ и со помалите партии од коалицијата, па ќе донесе одлука за ДУИ. За него поднесените амандмани се со цел ДУИ да има подобра позиција кај своите гласачи.

„Веројатно изборите си прават свои така да ги кажам себични стојалишта на политичките субјекти во делот на нивното позиционирање пред самите гласачи. Секој си го има секако тоа право“, рече Заев.


Тој најави дека до крај ќе се борат за воведувањето на една изборна единица. Вицепремиерот Бујар Османи го правдаше ставот на ДУИ дека со една изборна единица ќе се намали бројката на албански пратеници.

Универзитетскиот професор Никола Дујовски вели дека не може прецизно да процени за што станува збор, но јасно е оти ДУИ одамна не ги исполнува коалициските договори, особено во донесувањето на некои закони.

„Дали овде станува збор за некое сценарио или не, јас би се воздржал затоа што реално може да се процени и на еден и на друг начин. Парламентот ќе се распушти за 50 дена и апсолутно ќе нема промени во коалицирањето, а после изборите ќе видиме“, смета Дујовски.

Зибери очекува да продолжат тензиите меѓу СДСМ и ДУИ до изборите.

„Не само на оваа тема. Ќе има различни ставови помеѓу коалиционите партнери по други прашања. Како поеклатантен пример е начинот на надминување на состојбите околу Законот за употребата јазиците по извештајот на Венецијанската комисија, но и други прашања како што е Законот за јавно обвинителство и други теми кои може да се наметнат во меѓувреме“, додава тој.

Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Сели изјави дека со ова се покажува оти коалицијата ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ никогаш не била прекината.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG