Достапни линкови

Бугарската држава „им ги врзува рацете“ на бугарските историчари


Архивска фотографија - Премиерите на Зоран Заев и Бојко Борисов по потпишувањето на договорот за добрососедство меѓу двете земји во Скопје - 1.08. 2017

Позициите во бугарската декларација не се изненадување за историчарите-членови на македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Оценките се дека таа ќе има влијание врз работата на комисијата. Бугарските членови пак, предупредуваат дека ако работата на Комисијата пропадне ќе има последици.

Прашањето за Гоце Делчев, бугарската државна декларација во која се поставуваат конкретни барања за земјава, но и новиот развој со датумот за Европската унија го отворија прашањето која ќе биде иднината на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.

Според историчарот Петар Тодоров, кој е член на комисијата, разговорите се понекогаш тешки и исцрпувачки. Тој вели дека комисијата може да даде повеќе резултати, но политиката која често се вмешува е пречка за тоа.

„Во Бугарија имаме често изјави кои буквално одредуваат како треба да се одвива работата на комисијата и какви резултати треба да даде. Во помала мера, сепак тоа постои и во Македонија“, вели Тодоров.

Во почетокот на месецов бугарската влада, а потоа и Собранието усвоија декларација со која поддржаа почеток на преговорите за земјава за зачленување во Европската унија, но поставија и низа услови меѓу кои на пример промена на учебниците по историја и географија и тоа во краток рок, тргање на спомен плочите на кои пишува бугарски фашистички окупатор и други.

„Не е во ред да се правиме наивни дека ова нешто треба да не изненадува бидејќи во нашето општество овие позиции се познати. Но она што е лошо е што тие сега станаа официјална политика бидејќи сега беа усвоени од страна на бугарското собрание што ги усложнува односите меѓу двете држави. Се разбира дека ќе има влијание врз работата на комисијата бидејќи таа декларација претпоставувам дека ќе се одрази врз позицијата на бугарските колеги. Ќе им ги „врзе рацете““, вели Тодоров.

Неговиот колега, член на бугарскиот дел од комисијата, Наум Кајчев, пак, во реакција на друг историчар за бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа наведува дека и тие никогаш не мислеле дека работата на комисијата ќе биде лесна.

„Продолжуваме да се надеваме дека таа може да помогне за надминување на историските недоразбирања и спорови, за поставување основа на односите меѓу двата соседа. Евентуалната нејзина катастрофа би придонела не само за проблематизирање на односите меѓу двете земји, но и за одалечувањето на Северна Македонија од ЕУ и влошување на регионалната стабилност“, вели Кајчев.

Дека ова не треба да биде пречка за македонскиот евроинтегративен пат ,пак, веднаш по усвојувањето на декларацијата го наведе македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров. Тој во писмена реакција инсистираше дека „не смее да биде доведена во прашање европскатата иднина на Северна Македонија и прашањата поврзани со идентитетот на македонскиот народ не може да бидат услов за нашиот пат кон Европа, особено не во 2019 година и не во Европската Унија“.

Тодоров во интервјуто, пак, што во целост ќе го емитуваме в недела зборува и дали има притисоци врз комисијата, за барањето поврзано со плочите со бугарски фашистички окупатор, разговорите за Гоце Делчев и други теми.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG