Достапни линкови

„Касета“ - генерациски бунт и метал музика во Театар за деца и младинци


Работена според истоимената драма од 2008 година на шведскиот писател Денис Магнусон, оваа среда, на 11 декември во 20 часот, во Театарот за деца и младинци, премиерно ќе биде изведена претставата „Касета“ во режија на Бесфорт Идризи.

По само неколку дена од премиерната изведба на „Хумана приказна“, која е дел од проектот „Мој Омбудсман – театарот како метод за зголемување на основните човекови права“, режисерот Бесфорт Идризи потпишува уште еден интересен и исклучително едукативен зафат. Станува збор за „Касета“, која е работена според истоимената драма на шведскиот писател и припадник на „метал културата“ Денис Магнусон од 2008 година и која, како втора младинска претстава по „Едвард раце- ножици“ годинава, го започнува својот засебен живот на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје.

Претставата, како што вели режисерот, говори за една млада девојка - тинејџерка која ги живее годините на бунт и на преиспитување на околината во која живее. Времето кога таа мисли дека нејзините родители се најдосадните на светот, луѓето којшто најмалку знаат и којшто не можат да ја разберат, оние со кои таа не може да разговара. И се така до моментот кога Тува, на таванот во правливите нешта открива за неа нешто комплетно непознато – музичка касета, а на неа напишано само едно име ГОРБАР.

Од тој момент, таа касета со хеви-метал, дарк-метал, дет-метал...станува предмет на нејзино истражување, и нејзе ѝ помага подобро да ги запознае и открие нештата во семејството. Перцепцијата за нејзиниот татко Стефан, кој го сметала за здодевен и старомоден, се менува од корен, и одеднаш, тој, станува нејзината гордост - нејзиниот херој.

„Преку музиката таткото и ќерката успеваат да најдат заеднички работи, да најдат заеднички јазик за комуникација и таа нишка, таа скината алка којашто била меѓу нив повторно да се спои. Претставата изобилува со „метал музика“ што е, според мене, нешто ново за нашите театри, особено ново за детски и младински претстави и се надевам дека ова ќе предизвика голем интерес и од страна на публиката, но и едновремено ќе биде своевидно освежување на репертоарите на нашите театри“, вели режисерот Идризи.

Игор Василев, авторот на оригиналната музика за „Касета“, забележува дека иако тој лично не му припаѓа на тој свет на големата „метал армија“ сепак почувствувал силна провокација да почне да го истражува жанрот и многуте негови под-жанрови, почнувајќи од крајот на 1960-те наваму од појавите на бендови како ДИП ПАРПЛ, ЛЕД ЦЕПЕЛИН, БЛЕК САБАТ...па преку МЕТАЛИКА и до денешни дни.

„Најдов доста интересни елементи. Пред мене се отвори едно широко поле за истражување. Во принцип, сето ова мене ми беше голема провокација. Се прашував, пред сè, дали би можел да го изведам тоа. Овој тип на музика ниту е лесна за свирење, ниту бргу сварлива. Ми се допадна исто така што овој жанр што ние конкретно го третираме во претставата е поминималистички. Не е како останатите под-жанрови на металот. Поставува и бара милион прашања и одговори. И околу музиката и околу текстовите. Околу целата филозофија. Исклучително интересна сцена е блек-металот. Има доста експерименти во неа. Дури и доста контроверзни, но ние тука нудиме сосема поинаков аспект во приказната. Ставаме повеќе акцент на односите помеѓу таткото и ќерката и како таа, тој го преживуваат тој генерациски јаз. Музиката е само таа нишка која ги спојува тие прикаски“, појаснува Василев.

Наташа Петровиќ, која ја толкува Тува, во пресрет на премиерата на „Касета“ ќе рече дека претставата е посебно интересна за една публика каква што не често ја имаат во театарот - тинејџерите.

„Оваа претстава зборува токму за проблемите со коишто се соочуваат тинејџерите, таа генерација на деца. Претставата е многу поучна. Таа не само што музички едуцира, туку и преку патувањето на ликот на Тува, практично самата таа и публиката, веројатно ќе откријат, ќе научат како треба да се поставиме во животот. Што треба да правиме за воопшто ни се случи нешто. Дека не е потребно само да седиме и да чекаме сами да се случат, туку дека треба сами да ги предизвикаме“, смета актерката.

Нејзиниот колега Мики Анчевски, задолжен за ликот на таткото Стефан, откако ќе посети дека публиката во другите театри тргнува од овој театар и дека „доколку младите не бидат насочени тогаш е голем ризикот дека ќе завршат на погрешно место“, дополнува дека тие секогаш се исправени пред одговорна задача „да направат публика која доброволно ќе сака да оди во театар“.

„Една од поентите на претставата е младите да си го најдат својот пат, а метал музиката е тука само како една од алатките да се постигне таа цел“, истакнува Анчевски.

За Винета Дамческа - Мојаноска, која патем ја толкува Сара, жената на Патрик еден од членовите на распаднатиот метал бенд ГОРБАР, нејзиниот лик е симбол на надеж а самата претстава „еден вид на исповед“.

Кон ова само уште информацијата дека сценографијата е на Енес Деари, а за костимите се погрижила Роза Трајческа - Ристовска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG