Достапни линкови

Првиот македонски мјузикл за деца премиерно во Театар за деца и младинци


Земја во која не се стигнува - Прв македонски мјузикл за деца

„Земја во која не се стигнува“ е насловен првиот македонски мјузикл за деца чија премиерна изведба е закажана за 9 декември, во Театар за деца и младинци. Проектот е работен според текст на Оливера Николова и музика на Александар Џамбазов, а адаптацијата и режијата се на Виолета Џолева.

Работен како четврта премиера годинава, во Театар за деца и младинци, в недела, на 9 декември, во 19 часот, ќе биде изведен првиот македонски мјузикл за деца во кој, покрај професионалните актери, играат и деца. „Земја во која не се стигнува“ е проект кој на сцена доаѓа според истоимената радио-драма на Оливера Николова и музиката на Александар Џамбазов, а за кој адаптацијата на текстот и режијата се на Виолета Џолева. Музички продуцент е Александар Митевски , аранжер на материјалот Дамир Имери, костимограф Елена Дончева, кореограф Кренаре Невзати - Кери, драматург - Маја Стефановиќ, а автор на видео проекцијата и анимацијата – Емил Петро.

„Ние сме работеле во минатото други мјузикли, меѓутоа тоа биле само со актери, кукли или импровизирани кукли и т.н., но ваков еден обид со деца актери и пејачи за првпат правиме“, вели актерката и директорка на Театар за деца и младинци - Катарина Илиевска Силјановска.

Илиевска, заедно со нејзиниот колега Мартин Јорданоски и искусниот Драган Спасов Дац како гостин се единствените професионалци во проектот, во кој, пак, бележито е присуството на Јован Петровски, Лука и Петар Златков, Михаил Николовски, Александар Грчев, Јован Дукмеџиев, Ена Исмаили, Ема Ќулавкова, Марија Јанчевска, Мања Митевска. Луна Бејков, Јелопи Седеу Нишевиќ, Лара Трпчевска, Лена Катја Илиевска, Ирина Давидовска, Неда Димкова и Ангела Алексовска, одбрани на аудицијата од 130 пријавени деца за мјузиклот.

Режисерката Виолета Џолева знае да каже дека ова е нејзиниот долг кон големите Оливера Николова и Александар Џамбазов, како и кон мнозина други докажани автори кои во изминативе 55 години несебично оставиле дел од себе продуцирајќи текстови, радио драми, песнички...за најверната и најчесна публика – децата. Истакнува дека овој проект, во време кога продукцијата за деца е повеќе од сиромашна или речиси безмалку да ја нема, има за цел да го стимулира токму тоа творештво и вели дека најголемата придобивка од поставувањето на сцена на „Земја во која не се стигнува“ е дека успеале да направат детски мјузикл кој пулсира со ритамот на новите генерации.

„Јас не знам, а многу памтам, дека во Македонија имало детски мјузикл со деца ваков каков што е направен овој ниту во еден театар. Имало можеби обиди со актери, со глумци и со по некое дете. А со толку многу деца, фактички децата да доминираат...беше голема храброст на Театарот да се прифати за такво нешто. Но мојот став беше дека дошло време ете да можеме да покажеме со нашите деца дека апсолутно владеат со сите сегменти коишто се потребни за мјузикл. Дека имаме добра и квалитетна музика, дека имаме луѓе кои можат да работат со децата, убави кореографии, луѓе коишто можат да ја опремат скромно ама добро претставата со реквизити и се разбира актерски да ги подготват децата. Да не се срамиме. Да можеме со нашиот чист македонски производ да појдеме и надвор од земјата. Да ја прошетаме Македонија, да го видат мјузиклот и другите деца. Мислам дека ќе имаме многу успех во тоа“, истакнува Џолева.

Драган Спасов Дац, кој во „Земја во која не се стигнува“ го толкува ликот на Чичко Се* и кому ова му е трета претстава во Театар за деца и младинци, знае да каже дека за него ова било едно несекојдневно искуство „по толку многу години да игра повторно со и за деца“.

„Децата прво се најискрената публика и најдобрите соработници. Можеш да ги земеш и да ги водиш кај сакаш. Што сакаш да им кажеш тие да ти веруваат. Она што се случува на сцената за нив е верно и веродостојно. Дека се случува сега и сè е тоа точно“, истакнува Дац кој зад себе го има искуството и од првиот македонски мјузикл „Чија си?“ работен на музика од Славе Димитров.

Музичкиот продуцент Александар Митевски, кој во случајов бил зачуден од музиката, оние 33 песни забележани на носач на звук од Џамбазов, а со кои Џолева го вовлекла во проектот, сега во пресрет на премиерата е убеден дека тие не само што ќе живеат на сцена додека се игра мјузиклот, туку и ќе станат вистински хит кај пошироката публика.

„Мислам дека ќе живее оваа претстава. Дека ќе стане едно движење меѓу младите. Ќе си ги прифатат овие песни, а ние ќе ги шириме во подолги верзии, ќе ги надградуваме, можеби ќе шетаме и на некои поголеми и други сцени...Сега сите сме сконцентрирани на премиерата, а највеќе нашите мали ѕвезди пред кои е дефинитивно убава иднина“, смета тој.

Конечно, иако премиерата на „Земја во која не се стигнува“ беше планирана за поголема сцена сепак ќе се случи во повеќе од скромниот простор на матичниот Театар за деца и младинци кој поодамна е „рак рана“ на оваа наша многупати докажана и регионално многу наградувана национална установа.

„Навистина е жалосно една ваква претстава, еден мјузикл да се игра на ваква сцена од 30 метри квадратни на којашто кога ќе се стават и завеси и сценографии веќе не се повеќе 30 метри квадратни и ви преостанува само да се снаоѓате. Ова можете да го подвлечете со дебели букви...Еј Министерство не слушаш ли“, прашува актерот Мартин Јорданоски.

А, кога сме кај проблемите за кои во оваа пригода авторите на проектот и не милуваат да зборуваат, познато е и тоа дека досега им биле исплатени само половина од средствата предвидени за подготовка на првиот вистински македонски мјузикл за деца.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG