Достапни линкови

„Check in: Пред зграда“ во потрага по вистинските животни вредности


Во кино „Фросина“, во Младински културен центар, во понеделник на 27 мај во 19 часот, ќе биде 50-тата изведба на детската театарска претстава „Check in: Пред зграда“ која се бави со прашањето колку интернетот и социјалните мрежи се неизбежна алка од времето во кое живееме.

Несомнено зависноста од технологија, интернет и социјални мрежи кај младите е на високо ниво, а нивната заинтересираност за игри со другарите пред зграда, физичка активност и квалитетно поминато време без технологија е сè помала. Со оваа проблематика се занимава претставата „Check in: Пред Зграда“ која има за цел преку разни ситуации, на близок и разбирлив јазик за деца и млади, да го согледаат влијанието од постојано користење на социјални мрежи и да се поттикне развивање на социјална интелигенција, препознавање на лошите ефекти од постојаното користење на технологија, запознавање со детски игри и посветување на вистинските животни вредности.

Ова во пресрет на 50-тата изведба на детската театарска претстава „Check in: Пред зграда“ што треба да се случи во понеделник на 27 мај во 19 часот, во кино „Фросина“ на Младински културен центар – Скопје, како суштина во својот допис до јавноста ќе го наведат продуцентите на овој проект „Булфрогс продукција“ и Здружението за уметнички и едукативни вредности „Дрим Фактори“.

Александра Никифоровски истакнува дека проектот „Check in: Пред зграда“ што како продуцент го работи со огромно задоволство го започнале пред нецела година со грант преку Oпштина Центар и дека ги посетиле сите основни училишта и градинки што и припаѓаат на оваа локална самоуправа. Притоа увиделе дека учениците навистина уживале во играта и во претставата, што ним им дало уште поголем мотив за натамошното развивање на проектот. Потем добиле помош од Министерството за култура за да ја одиграат претставата во Валандово и во Богданци, за да следуваат и изведбите во Штип и Гевгелија...и така со ред. Конечно зад нив се 49 изведби и над 8,000 деца и младинци кои ја виделе „Check in: Пред зграда“. Дополнува дека сега откако биле на многу места во државата, онака како што им доликува на приликите во театарот, се подготвуваат да го одбележат чинот на 50тата јубилејна изведба, по што од есен ќе продолжат со приказната со идеја еден ден да стигнат до 150тата претстава.

„Не сме врзани за Скопје. Сакаме да ги посетиме сите градови во Македонија. Сакаме сите деца во нашата држава да ја проследат претставата бидејќи инволвирани сме во оваа тема сите како нејзини жители и несомнено младите можат многу да научат од претставата. Да се вратиме сите во времето кога сме биле деца, кога сме биле пред зграда, во нашите маала, кога сме играле разни игра и не сме биле врзани со телефоните и другите апарати. Ние како тим не сме против технологијата, не сме против новото време што е околу нас, меѓутоа дојдовме до идеја да реализираме ваков проект затоа што се заборава на играта, се заборава на детството и премногу време денешните деца поминуват со електронските уреди. Мислиме дека вака ќе допреме до нив да бидат поприродни и сметам дека на тој начин надвор во природа со своите другари ќе бидат и посреќни“, вели Александра Никифоровски.

Во „Check in: Пред зграда“ играат актерите Мики Анчевски, Марија Ѓорѓијовска, Емра Куртишова и Бојан Лазаров, а режијата е колективна.

Мики Анчевски говорејќи за претставата знае да каже дека „некои убави работи случајно се случуваат и дека до идејата со колегите дошле спонтано“. Тргнале од тоа да направат нешто за децата од кое тие нешто ќе научат. Тие да ги играат оние игри кои во денешно време се заборавени. Целта им била да направат добар едукативен продукт. Сепак, истакнува дека и немале лесен процес на подготовка бидејќи „кога се работи за деца работата е многу по одговорна и треба да се внимава на се* што ќе се каже и напише“. Како ќе го разберат тоа децата и дали добро ќе ја примат пораката. Дури, како што истакнува, пострашен е моментот дека треба да се игра по школи, по градинки, пред децата, но и пред воспитувачки, учителки, наставнички, родители...

„Имавме среќа навистина да го постигнеме она ниво кое си го зададовме како задача кога започнавме да ја работиме претставата и освен тоа сите ликови кои ги играме во неа гледаме да бидат ликови кои ќе бидат базирани на она што како карактери ние сме ги среќавале како мали, како карактерни особини самите сме ги имале и некако да ги споиме со ова денешно модерно време. Да бидат некако блиски на денешниве генерации деца бидејќи нели, па постои некаков временски јаз помеѓу периодот кога ние сме биле деца и денешнава младина. Едноставно само во текот на една година може многу работи да се сменат и затоа мора ним да им се приближи содржината, пораката. Дури и карактерите и ликовите. Сепак, нели живееме во различен период“, појаснува Анчевски.

Актерот и со дополна дека не било едноставно, но дека сепак се на добар пат и оти како тим засилено продолжуваат натаму во сезоната што допрва доаѓа.

„Одигравме 50 претстави за помалку од пет месеци. Ова можеби звучи како фалба, но ако се знае дека на еден професионален театар му требаат година и половина за да одигра толкав број на една единствена претстава, тогаш работите се јасни па било тоа и фалба. Сето тоа е резултат на квалитетна и макотрпна работа и затоа нема да застанеме тука. Имаме планови и за други детски претстави, но и за проекти за повозрасни ...но како што велат прво да скокнеме па дури потоа ќе кажеме „оп“ “, истакнува тој.

Кон ова само уште информацијата дека 50-тата изведба на „Check in: Пред зграда“ во кино „Фросина“ во МКЦ, ќе биде збогатена со изложба на цртежи, инспирирани од претставата, а нацртани од деца кои имале можност веќе да ја проследат.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG