Достапни линкови

Ветување ветинг во судството пред секои избори


Архивска фотографија- Основен суд Скопје 1
Архивска фотографија- Основен суд Скопје 1

Пред изборите во 2016 година, па повторно сега, СДСМ го споменува ветингот во судството како ветување. Според аналитичарите, тој процес не само што е возможен, туку е и неопходен.

„Ќе има правда за сите. Гарантираме целосен реизбор во судството„, оваа реченица е дел од партиската програма на СДСМ за парламентарните избори во 2016 година.

Во овие две и пол години власт, пак, на прашањето за ветинг во судството премиерот Зоран Заев велеше дека со таква процедура може да останеме без судии, наведувајќи дека по укажувањата од ЕУ тој го променил своето мислење. Сега, од трибините по градовите повторно ветува дека ќе има целосен ветинг во правосудството, односно и во судството и во обвинителството.


Според професорката Мирјана Најчевска ветингот не само што е можен и потребен туку како што вели е неопходен. Но таа нагласува дека тој процес не може да се смета како единствена алатка за подобрување на работите во правосудството туку како првичен чекор за промени.

„Меѓутоа јас лично мислам дека ниту една од големите политички партии кои во моментов играат на политичката сцена не се ниту во состојбата, ниту пак имаат навистина желба да направат такво нешто заради тоа што корупцијата во судството одговара на начинот на кој во моментов политиката делува во Македонија“, вели Најчевска.

И според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири ветингот е изводлива операција, а како компарација за тоа за зема предвид Албанија, која спроведе ветинг, кој од ЕУ дипломатите се оценува како посебно достигнување. Зборувајќи за сегашните ветувања на Заев во контекст на најавените избори за 12 април Незири вели „не знам која е логиката да се оди со исто ветувања на два изборни циклуса“.

„Јас не верувам дека ЕУ не давала да се направи ветинг оти во спротивно ќе немало судии. Ова не верувам дека е точно, оти токму ЕУ како основен критериум за Албанија го има поставено ветингот“, вели Незири.


Премиерот летово рече дека укажувањата кои ги добиле од ЕУ биле дека нема начин како да се пополни празнината од кадар која би се создала при ветингот. Тогаш тој прецизираше дека има 750 судиски места, а моментно се ангажирани 520 судии.

„Во моментов ние немаме судии. Ниту еден. Тоа што имаме луѓе кои седат на судиските столчиња не значи дека имаме судии и не е прашањето дали ќе останеме без судии оти ние во моментов сме без судии“ вели Најчевска.

Министерката за правда Рената Десковска пак вели дека постојат бројни земји и примери кои може да се следат кога е во прашање ветингот наведувајќи ги испитувањето на имотна состојба, влијанието од лоби и адвокатски групи во носењето и одложувањето на нивните одлуки.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG