Достапни линкови

МВР и ДИК со спротивставени ставови за гласачите од Пустец


Гласачко ливче во втор круг од претседателски избори 2019
Гласачко ливче во втор круг од претседателски избори 2019

ДИК и МВР излегоа со различни тврдења околу гласачите од Пустец. За МВР тие не се повеќе дел од новиот избирачки список, додека за ДИК сосема е можно да има дел од нив се уште во списокот, заедно со одреден број на починати лица, кои не се во мера што може да го наруши избирачкит процес.

Избирачкиот список е чист колку што дозволува ситуацијата, но во него може да има и починати лица и жители на Пустец, но тоа не е по вина на Државната изборна комисија. Ова го тврди претседателот на изборната комисија Оливер Деркоски во интервјуто за Радио Слободна Европа што ќе биде објавено в целост во недела. Во пресрет на предвремените парламентарни избори пртедвидени за април 2020 Деркоски одговара на прашањето за тоа дали после сведочењето на полицајци дека незаконски се издавале лични карти за да се овозможи гласање на минатите избори годинава може да гарантира дека избирачкиот список е исчистен од нерегуларности. Тој вели дека во него се наоѓа секој што добил пасош и лична карта, односно дека во него има и починати лица за кои роднини не доставиле документи до ДИК за да бидат избришани како и дека е можно се уште да има и жители на Пустец.

Станува збор за околу 600 луѓе од албанската општина Пустец кои во 2013 година добија македонски лични карти а со тоа и право на глас за време на тогаш одржаните локални избори. Неодамна во скопскиот кривичен суд се слушнаа и првите сведочења на вработени во МВР за тоа како без документи жителите на Пустец биле сликани и заведувани на фиктивни адреси по што им се доделувале лични карти на кои немале право.Службениците од МВР тврдеа дека сликале луѓе во мобилни станици за инвалиди и понекогаш имале случаи каде 50-60 лица имале договор за иста адреса, во зависност од наредбата од „горе“.

Претседателот на изборната комисија Оливер Деркоски пак во интервју за РСЕ наведува:

„Секој што добил лична карта или пасош се наоѓа на избирачкиот список, ние не навлегуваме во причините зошто, кој и како добил лична карта. Управните постапки не се наша надлежност, доколку има такви граѓани треба во иста таква постапка да им се одземе и тогаш ќе бидат тргнати од избирачкиот список. Се додека не е така, тие се на избирачкиот список. Исто така на избирачкиот список може да најдете граѓани кои одамна се починати а се уште стојат на избирачкиот список. Тоа е така затоа што само роднини и блиски со лекарски документ може да го одјават. Тоа се моментите кои го оптоваруваат избирачкиот список, но не се во драстични размени кои можат да го оштетат избирачкиот процес ,“ рече Деркоски.

Дали тоа значи дека жителите на Пустец кои имаат македонска лична карта се уште се на избирачкиот список ?

„ Можно е да се сеуште, односно веројатно е дека се се уште, се додека ја имаат личната карта и пасош, “ вели Деркоски.


Од друга страна од Министерството за внатрешни работи велат дека проблемот со жителите на Пустец кои добија македонски лични карти и гласаа на локалните избори 2013 оддамна е решен.

„МВР спроведе законска постапка во која се издадени решенија за поништување на живеалиштето, а издадените лични карти во евиденцијата на Министерството за внатрешни работи се отфрлени и истите не можат да се јават во избирачкиот список кои се доставува до Државната изборна комисија“ е наведено во писмениот одговор од МВР.

За овој преседан Специјалното обвинителство отвори случај за тешки изборни нерегуларности именуван „Титаник“. Покрај тогашните министри за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и за транспорт и врски Миле Јанакиески, осомничен е и градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко. Тој се товари за регрутација, организирање и носење на овие гласачи кои си живеат во Албанија, на гласачките места во Центар во март и април 2013 година, кај што му фалеле гласови на кандидатот на владејачката партија Владимир Тодоровиќ за да го победи тогашниот кандидат на опозицијата Андреј Жерновски. Тој и со донесените нелегални центарци од Пустец, и по три круга гласање и прегласување, победи на драматичните избори за градоначалник на Центар.

„Некои лица се фотографирани во еден град, лична карта добиле во друг град, односно во општина Центар. Се разбира и во избирачкиот список се таму и гласаат. Определени се 15.000 нови матични броеви, кои не се на новороденчиња. Има 35.000 изготвени лични карти кои не се подигнати од барателите и никој не знае зошто тие лични карти стојат во МВР. Има над 60.000 нови македонски државјани“, објасни тогаш обвинителката Фетаи.

Сведочењата во предметот на СЈО „Титаник“, за изборни измами, злосторничко здружување, поткуп, закани, злоупотреби на функциите и други кривични дела поврзани со серија изборни циклуси, покажаа дека заклучно со парламентарните и претседателските во 2014 година, покрај нелегално издавање на лични карти се случувало и незаконско издавање и на државјанствана граѓани од Албанија. Организираното групно примање на непотполни поднесоци од трети лица наместо лично за државјанство траело до април 2015. Во меѓувреме се одржаа парламентарните избори, на кои во серија, повторно победи ВМРО-ДПМНЕ.

Деркоски вели дека според податоците од МВР кои ги добива ДИК издадени се околу 2 и пол милиони македонски државјанства. Според неговата пресметка ако се иззематмалолетнитесе добива милион и 800 и нешто илјади гласачи заведени во избирачкиот список. Тој вели дека бројката на гласачи постојано е тема во јавноста и честопати се меша со пописот, а не треба да биде така, затоа што на избори излегуваат сите што имаат право на глас а не само моменталните жители во државата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG