Достапни линкови

Вести

Времето денеска: променливо облачно

Ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди. По одделни котлини магливо. Попладне облачноста ќе се намали. Утринската температура ќе биде од минус седум до два, а дневната од три до осум степени. Во Скопје и околината слично време. Утринската температура ќе биде околу минус четири, адневната ќе достигне до пет степени.

види ги сите денешни вести

Европскиот парламент го замрзна трговскиот договор со САД поради тензиите околу Гренланд

Знаме на ЕУ
Знаме на ЕУ

Европскиот парламент (ЕП) го суспендираше процесот на ратификација на трговскиот договор со Соединетите Американски Држави (САД) поради ситуацијата околу Гренланд.

„Со оглед на континуираните и ескалирачки закани, вклучително и закани со царини, против Гренланд и Данска, како и нивните европски сојузници, немавме друг избор освен да ја суспендираме работата на двата законски предлози на Тарнбери сè додека САД не одлучат повторно да се вклучат на кооперативен, а не на конфронтациски начин, и пред да се преземат какви било понатамошни чекори“, се вели во соопштението на Комитетот за меѓународна трговија на ЕП.

„Договорот Тарнбери“, именуван по местото каде што беше постигнат меѓу ЕУ и САД минатата година, воведе привремена царина од околу 15% за поголемиот дел од европскиот извоз во САД со цел да се избегне трговска војна.

Договорот предвидува укинување на царините за сите американски индустриски стоки и воспоставување систем на царински квоти за голем број американски земјоделско-прехранбени производи што влегуваат во ЕУ.

„Сепак, заканите за територијалниот интегритет и суверенитет на земја-членка на ЕУ, во комбинација со употребата на царини како инструмент за принуда, покажуваат дека САД ја поткопуваат стабилноста и предвидливоста на трговските односи меѓу ЕУ и САД“, се вели во соопштението на Европскиот парламент.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги објави царините на 17 јануари откако некои европски земји јавно се спротивставија на неговиот обид да ја преземе контролата врз Гренланд и испратија воен персонал на островот во поддршка на Данска и НАТО.

Претседателот на САД се фокусираше на осум европски земји: Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Велика Британија.

Европската Унија веќе има подготвено пакет контрамерки, кои би стапиле на сила доколку САД воведат царини.

Во говорот во Давос на 20 јануари, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека европскиот одговор на какви било царини ќе биде „непоколеблив, обединет и пропорционален“.

Раководни функции по заслуги – предлог законско решение за вработување во јавната администрација

Горан Минчев- министер за јавна администрација
Горан Минчев- министер за јавна администрација

Мерит-принципот ќе стане правило, се најави на денешната прва јавна дебата за предлог-законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите.

Законското решение предвидува транспарентна постапка за именување на високораководните функционери, но и јасно ги уредува мандатите и го ограничува изборот. Функциите на високите раководители ќе бидат достапни за сите заинтересирани кандидати под еднакви услови.

Со новиот закон предвидено е да се напушти досегашната пракса на разни правила и минимални формални услови за избор на директори и членови на управните одбори, кои не гарантираа дека институциите ќе бидат раководени од компетентни лица.

Со законот ќе се следат и оценуваат резултатите од работењето на високите ракводители, управните одбори ќе се сведат на три члена, а статусот в.д. ќе стане исклучок строго временски и правно ограничен со максимум траење од шест месеци.

„Нема веќе доживотни функции и недопирливи позиции. Раководителите ќе имаат јасна обврска да испорачуваат резултати. Позицијата веќе не е титула, туку одговорност. Првпат се воспоставува единствена, јасна и системска рамка за именувањето, мандатот, одговорноста и разрешувањето на највисоките раководни позиции во администрацијата - кој, како и под кои услови ги води клучните институции. Воведуваме појасни и унифицирани критериуми за избор на директори, државни секретари и членови на колегијални органи на државната управа, но и за членови на управни одбори за кои досега не постоеја речиси никакви правила“, нагласи министерот за јавната администрација, Горан Минчев.

Според него, со години високите раководни позиции во државната управа и фондовите се уредуваа без единствен пристап, со разни критериуми и недоволно јасни правила.

„Таквата состојба создаде простор за несигурност, нееднаква примена на стандардите и слабеење на институционалниот капацитет. Наместо стабилност и континуитет, честопати добивавме привремени решенија, а наместо јавна одговорност, добивавме нејасни надлежности. Сега со новиот закон правиме обид ваквата состојба системски да ја промениме“ потенцира Минчев.

Тој посебно се осврна на управните одбори.

„Освен што воведуваме изедначени услови за членовите на управните одбори, критериуми за нивна селекција и постапка за нивно именување, со законот составот го намалување на три члена. Наместо бројност, воведуваме квалитет, наместо формално учество, воведуваме реална одговорност. Правната празнина ја пополнуваме, а членовите на управните одбори мора да исполнуваат значителни услови за да дојдат на таа функција. Управните одбори веќе нема да бидат проширени и нефункционални структури без јасен учинок, туку компактни и ефикасни тела составени од лица со соодветни професионални квалификации, знаења и интегритет“ рече министерот.

Невладините согласни со законот, ама нудат и корекции

Невладиниот сектор го поздравува нацрт-законот, но смета дека треба да има извесни корекции, особено во делот на критериумите за состав на комисиите, кои ќе го вршат изборот на кандидатите за директори и други високи позиции во државната управа. Засега, беше предочено, се предвидува министерот да ги составува овие комисии.

Извршната директорка на Центарот за управување со промени (ЦУП), Неда Малеска-Сачмароска, оцени дека донесувањето на овој закон е исклучително важен политички чекор.

„Законот нуди конкурентност, транспарентост и поголема отчетост зашто јавните огласи ќе бидат објавени на едно централно место - во Агенцијата за администрација и заинтересираните кандидати ќе имаат можност навмрено да се информираат за овие работни позиции. Тоа значи дека работните позиции ќе бидат отворени за една поширока група луѓе и назначувањата нема да бидат по пат на политика. Новина е тоа што управувањето со резултати во институциите ќе биде предмет на опсервација од страна на органите што ги избираат и именуваат раководните лица или владата, мандатот ќе биде врзан со остварување определени цели и телата што ги назначуваат ќе имаат обврска да бараат отчет, а извршните директори ќе бидат обврзани да даваат отчет за остварувањето на целите - истакна Малеска-Сачмароска.

Според неа, ќе има и поотворена, поконкурентна постапка за избор што ќе се темели на стручноста на кандидатите и на нивните компетенции да се справуваат со сериозни, комплексни проблеми, да имаат стратешка визија и да комуницираат меѓусебно.

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) оцени дека е потребно донесување дополнителни одредби за зацрстување на одредени критериуми.

„Забелешките се однесуваат главно на обезбедување дополнителни одредби што ќе гарантираат независност во изборот на високите раководни службеници - професионализација, зацврстување на критериумите кој сè може да биде член во комисиите за избор, зашто министерот ја составува комисијата, што веднаш алудира дека ќе може да стави кандидати поблагонаклонети кон изборот што сакаат да се направи. Членовите на комисијата треба да бидат избрани со критериуми, треба да се скрати листата од пет на три, мора да се именува најдобриот прворангиран кандидат на тестовите или интервјуата, а сега дискреционо одлучува министерот - тој може да избере еден од тие пет или тројца. Имаме забелешки и во делот на вршителот на должност“,изјави Филков.

„Мерит“ системот, познат и како „систем на заслуги“, претставува начин на вработување и унапредување во јавната администрација. Во него, клучни критериуми се вештините, вредностите и заслугите на кандидатот. Овој пристап ги исклучува политичката припадност или етничкото фаворизирање, кои според извештаи на невладини организации досега беа честа пракса.

Предлог-законот го регулира пушењето на отворен јавен простор каде има присуство на повеќе луѓе

илустрација
илустрација

Со новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидено е негово регулирање на отворени јавни простори, каде што има присуство или движење на повеќе луѓе, истакнува министерот за здравство Азир Алиу, во пишана изјава до медиумите.

Поконкретно, пишува министерот, станува збор за простор околу здравствени, образовни и социјални установи, јавни настани, спортски и културни настани, како и места наменети за деца, млади и семејства. Ова е особено важен аспект од законската рамка, имајќи предвид дека кога луѓето се блиску, чадот и аеросолот директно се вдишуваат, а изложеноста е непосредна.

Според Алиу, на јавни отворени простори граѓаните немаат реален избор да се оддалечат, а особено децата, постарите и хронично болните. Законот, вели тој, интервенира само таму каде што постои неизбежна изложеност на други лица, со цел јавниот простор да биде здрав простор за сите.

„Посебен акцент е ставен нa локациите каде луѓето не можат реално да избегнат изложеност на чадот од цигари, како на пример, при чекање во ред, простори на отворено каде се престојува подолго и други јавни собири на отворено. За илустрација, луѓето кои чекаат во редица за да купат билет за влез во установа од областа на културата или за влез на спортски натпревар, реално не можат да избегнат изложеност на чад од цигари. Целта на предлог-законот е да се заштити здравјето на оваа категорија население“, вели Алиу во пишаната изјава.

Забрането пушење во автомобил со дете и на поткаст. Какви други рестрикции носи новиот закон? Забрането пушење во автомобил со дете и на поткаст. Какви други рестрикции носи новиот закон?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:35 0:00

Исто така, во делот на регулирање на пушењето на отворени јавни простори, посебно е ограничено пушењето на места наменети за деца, млади и семејства, како на пример пред детските игротеки, каде најмладите не би можеле да избегнат изложеност на чад од цигарите.

„Отворен простор не значи автоматски безбеден простор, доколку истиот е функционално ограничен или кога луѓето се наоѓаат на мало растојание и се директно изложени на чад од цигари. Токму затоа, ова е еден од клучните аспекти на законската рамка за заштита на здравјето на населението, а особено на најмладите“, појаснува министерот Алиу.

Инаку Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација.

Целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, забрана за рекламирање, како и регулирање на продажбата се само дел од измените кои ги предвидува новиот Закон за заштита од пушење. Глобите за непочитување на Законот чија нацрт верзија веќе е објавена на ЕНЕР, достигнуваат и до пет илјади евра.

Околу четири илјади животи годишно згаснуваат во Северна Македонија како последица од пушењето тутун или тутунски производи. Бројот на активни пушачи во земјава е 40,4 отсто.

Руте вели дека работи „зад сцена“ на прашањето за Гренланд

Марк Руте, генерален секретар на НАТО
Марк Руте, генерален секретар на НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека единствениот начин за решавање на кризата околу Гренланд е „промислена дипломатија“ и дека работи „зад сцената“ за ова прашање.

Шефот на Организацијата на Северноатлантскиот договор, кој учествува на Светскиот економски форум во Давос, одби да коментира за намерите на американскиот претседател да го преземе островот, велејќи дека дипломатијата е поважна од јавните настапи.

„Можете да бидете сигурни дека работам зад сцената за ова прашање“, рече генералниот секретар на НАТО за време на панел во Давос.

Тој повтори дека нема да даде јавна изјава, бидејќи, според него, „единствениот начин за решавање на кризата е промислена дипломатија“.

Марк Руте е исто така единствениот лидер за кого има потврда дека ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп на маргините на Форумот во Давос.

Зборувајќи на панелот, Руте нагласи дека Соединетите Држави остануваат посветени на Алијансата, но додаде дека на Америка ѝ е потребна „безбедна Европа и безбеден Арктик“.

Тој додаде дека се согласува со американскиот претседател по прашањето за Арктикот.

„Мораме да го заштитиме Арктикот од руско и кинеско влијание“, рече Марк Руте.

Гренланд, најголемиот остров во светот со околу 57.000 жители, не е независна членка на НАТО, но е вклучена во членството на Данска во таа воена алијанса. Обидот за преземање на Гренланд би претставувал прв случај во историјата на НАТО еден сојузник да ја загрози територијата на друг член на Алијансата.

Трамп го покани Косово да биде дел од Комитетот за мир во Газа

Претседателката на Косово, Вјоса Османи
Претседателката на Косово, Вјоса Османи

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, објави дека добила лична покана од американскиот претседател Доналд Трамп да ја претставува земјата во Комитетот за мир, „како член-основач“.

Се очекува комитетот да го надгледува управувањето со Појасот Газа откако САД посредуваа во постигнувањето договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, палестинска група која Вашингтон и Европската Унија ја сметаат за терористичка организација.

„Храброто раководство не само што зборува за мир, туку го гради. Токму тоа го прави претседателот Трамп преку оваа историска иницијатива“, напиша Османи на Фејсбук, објавувајќи ја поканата испратена од Трамп.

Претседателката на Косово рече дека САД донеле мир во Косово и дека Косово сега е нивен „непоколеблив сојузник во понатамошното промовирање на мирот“.

„Историјата ги памети оние кои преземаат смели чекори во градењето мир - и ние сме подготвени“, напиша Османи.

Во писмото на Трамп, со датум од 20 јануари, се вели дека на 29 септември 2025 година го објавил Сеопфатниот план за ставање крај на конфликтот во Газа, план од 20 точки „брзо одобрен од сите светски лидери“. Во писмото се споменува и резолуција на Обединетите Нации што го поддржува планот.

„Сега е време овие соништа да се претворат во реалност. Во срцето на планот е Комитетот за мир, најимпресивниот комитет некогаш создаден“, се наведува во писмото на Трамп.

Трамп изјави дека очекува понатамошна соработка со Османи „далеку во иднина, кон постигнување на целта за траен светски мир, просперитет и величина за сите“.

Неколку меѓународни медиуми, повикувајќи се на извори, објавија дека Трамп сака земјите да платат 1 милијарда долари за да станат постојани членки. Според CNN, оние што нема да ја платат оваа сума ќе имаат тригодишен мандат.

Беким Купина, советник за медиуми на претседателката на Косово, изјави дека не е побарано такво плаќање.

„Значи, не се бара плаќање од милијарда долари. Тоа можете да го видите во повикот“, рече тој.

Покрај Косово, и Албанија ја прифати поканата на Трамп.

Вакви покани добија и лидерите на Израел, Турција, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Бахреин, Канада, Аргентина, Парагвај, Азербејџан и други земји.

Трамп ги покани и Кина и Русија. Сепак, не сите што ја примија поканата на Трамп се обврзаа да бидат дел од Одборот. Поканата за учество беше одбиена од Франција и Шведска.

Пред неколку дена беа објавени уште неколку имиња што САД ги назначија за членови на тој комитет. Меѓу имињата се државниот секретар на САД, Марко Рубио, специјалниот пратеник на претседателот Трамп, Стив Виткоф, поранешниот британски премиер Тони Блер и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.

Трамп претседава со комитетот, според план што неговата Бела куќа го објави во октомври.

Израел и Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација го одобрија планот на Трамп, кој бара палестинското технократско тело да биде надгледувано од меѓународен одбор за управување со Газа за време на преодниот период.

Многу експерти и активисти за човекови права изјавија дека надзорот на Трамп врз одборот што ја контролира владата на странска територија потсетува на колонијална структура, додека вмешаноста на Блер беше критикувана минатата година поради неговата улога во војната во Ирак и историјата на британскиот империјализам на Блискиот Исток.

Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите Нации, усвоена кон средината на ноември минатата година, го овласти Комитетот и земјите што соработуваат со него да го основаат телото во Газа.

Белата куќа, исто така, назначи Извршен комитет за Газа од 11 члена, во кој се вклучени турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, специјалниот координатор на ОН за мировниот процес на Блискиот Исток Сигрид Каг, министерот за меѓународна соработка на Обединетите Арапски Емирати Рим ел-Хашими и израелско-кипарскиот милијардер Јакир Габај, заедно со неколку членови на извршниот комитет.

Белата куќа потврди дека поранешниот бугарски министер за надворешни работи Николај Младенов ќе ја предводи преодната администрација во Газа.

Дополнителниот одбор ќе ја поддржува канцеларијата на Младенов и палестинското технократско тело.

Израел и Хамас се согласија на прекин на огнот пред три месеци, но оттогаш страните разменуваат обвинувања за негово кршење.

Војната меѓу Израел и Хамас започна во октомври 2023 година, откако Хамас го нападна јужен Израел, убивајќи речиси 1200 луѓе и киднапирајќи повеќе од 250. Војната уби десетици илјади луѓе во Газа, предизвика криза со глад и широко распространето уништување.

Србија повторно не се усогласи со санкциите на ЕУ против Русија и Белорусија

Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас

Србија не се усогласи со ниту една одлука на Европската Унија (ЕУ) поврзана со санкциите воведени поради војната во Украина и дејствијата на Русија.

Во декларациите објавени од високата претставничка на Европската Унија за заедничка надворешна политика и безбедност, Каја Калас, се наведува дека одлуките се однесуваат на четири пакети рестриктивни мерки: оние што се однесуваат на дејствијата на Русија што ја дестабилизираат ситуацијата во Украина, ситуацијата во Русија, повторените дејствија на Русија што ја дестабилизираат ситуацијата во Украина, како и вмешаноста на Белорусија во руската агресија против Украина.

Овие одлуки се донесени во текот на декември 2025 година.

Сите други земји од регионот што имаат статус на кандидати за членство во Европската Унија се придржуваа до најновите одлуки на ЕУ.

„Овие земји ќе обезбедат нивните национални политики да бидат во согласност со оваа Одлука на Советот (ЕУ). Европската Унија ја зема предвид оваа обврска и ја поздравува“, изјави шефицата на европската дипломатија, Каја Калас.

Патем, Србија досега не се придржуваше до ниедна одлука за санкции против Русија поради нејзината агресија против Украина.

Од секоја земја-кандидат се очекува постепено да се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, додека усогласувањето мора да биде завршено во моментот на членство.

Ова е една од причините зошто Србија не отворила никакво поглавје од преговорите од декември 2021 година и го изгубила статусот на земја-водач во процесот на пристапување.

Во меѓувреме, според извештајот за напредокот објавен од Европската комисија во ноември 2025 година, усогласеноста на Србија со рестриктивните мерки на ЕУ се зголемила на 63 проценти, во споредба со 59 проценти забележани во 2024 година.

Ова зголемување се однесува на други рестриктивни мерки воведени од ЕУ кон таканаречените трети земји, но не и кон Русија.

Србија е кандидат за полноправно членство во ЕУ од 2012 година, а ги отвори преговорите за пристапување во 2014 година.

Еден загинат, десетици повредени во железничка несреќа во Шпанија

илустрација
илустрација

Едно лице загина, а 37 други биле повредени во несреќа со приградски воз во североисточниот регион Каталонија на Шпанија вчера, 20 јануари, само два дена по смртоносната железничка несреќа на југот на земјата во која загинаа најмалку 42 лица.

Регионалните служби за итни случаи соопштија дека жртвата е машиновозачот. Сликите објавени од локалните медиуми покажуваат дека предниот дел од возот е тешко оштетен.

Агенцијата за цивилна заштита на Каталонија на „X“ изјави дека околу 20 амбулантни возила, заедно со десетици болничари и работници за итни случаи, биле распоредени на местото на настанот во близина на градот Гелида, источно од Барселона.

Потпорен ѕид се урна врз шините за време на силна бура придружена со обилни дождови, удирајќи во приградски воз на линијата Р4 од мрежата Родалиес, соопшти агенцијата. Возовите на линијата обично се преполни во вечерните часови во текот на работната недела.

Претходно, друг приградски воз Родалиес на линијата Р2 излета од шините подалеку на север во близина на градот Бланес по лизгање на земјиштето. Возот изгуби оска, иако нема пријавени повредени.

Во меѓувреме, службите за итни случаи го пронајдоа возилото на еден човек кое беше однесено од поплавните води во вообичаено сув поток во близина на градот Палау-Сатор. Пожарникарите изјавија дека се верува дека телото пронајдено во автомобилот е на исчезнатиот човек.

Властите прогласија црвен аларм во делови од Каталонија поради бурата Хари, која донесе ветрови до 80 километри на час и обилни врнежи од дожд. Исто така, беа издадени предупредувања за приближување кон пристаништата и плажите, бидејќи високите бранови го погодија брегот.

Македонските ракометари во последна секунда ја победија Романија

Илустрација, архивска фотографија од македонската ракометна репрезентација
Илустрација, архивска фотографија од македонската ракометна репрезентација

Со победа од 24 наспроти 23 голови македонската ракометна репрезентација ја победи противничката екипа на Романија со што ја заврши групната фаза од Европското првенство.

Победеничкиот гол во последната секунда го даде Ненад Костески.

Ова беше прва победа на македонската репрезентација на шампионатот, со што во моментов имаат освени три бода, кои ќе донесат пол-позиција пред ждрепката за Светското првенство 2027 година.

Пласман во наредната фаза од натпреварите, покрај триумфот над Романија, за македонската селекција ќе зависи и од исходот од натпреварот Данска – Португалија, кој ќе го даде конечниот расплет во групата Б.

Иран сè уште е без интернет

Илустрација
Илустрација

Иранците се соочуваат со едно од најдолгото исклучување на интернет во историјата, откако властите воведоа дигитална блокада на 8 јануари, заедно со насилно задушување на антивладините протести.

Иако властите употребија невидена сила за да ги задушат демонстрациите против иранските религиозни лидери кои траат неколку недели, останува нејасно кога ќе се врати пристапот до интернет.

Дури и кога услугите ќе бидат обновени, Иранците би можеле трајно да бидат исклучени од глобалниот интернет, бидејќи властите се обидуваат да ги принудат граѓаните да користат домашна „интранет мрежа“ која работи независно од глобалниот интернет, предупредуваат дигиталните експерти.

Организацијата за следење на интернетот Нетблокс (NetBlocks), на 20 јануари изјави дека прегледот на сообраќајот од некои ограничени услуги и платформи сугерира дека владата можеби експериментално преминува на „поврзување базирано на бела листа“.

Иранци во Босна и Србија: „Се надеваме на крај на репресијата“
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:03 0:00

Внесувањето на бела листа е вид на цензура на интернет каде што властите го блокираат пристапот до поголемиот дел од глобалниот интернет, додека селективно дозволуваат ограничен број одобрени веб-страници, апликации и услуги.

Според иранската организација за дигитални права Филтербан, поврзана со групата Миан со седиште во Тексас, интернет политиката на Исламската Република се префрлила во фаза на „тотална блокада“, во која исклучувањето е правило, а пристапот се дава само селективно.

Анализата опишува промена од „широко распространето филтрирање“ кон она што Филтербан го нарекува „контрола на воените комуникации“, каде што пристапот до интернет се третира како исклучок, а не како норма.

Висок владин претставник вети на 19 јануари дека интернетот ќе се врати во „нормала“ до крајот на неделата.

Сепак, иранските новински агенции цитираат изјава од 15 јануари на портпаролката на владата Фатемех Мохаџерани со која посочува дека пристапот до интернетот ќе биде недостапен барем до Персиската Нова Година во март.

Тековната интернет блокада предизвика огромна штета на дигиталната економија на Иран.

Реза Олфатсефат, секретар на Иранската асоцијација за интернет бизнис, рече дека исклучувањето веќе предизвикало над 288 милиони долари финансиски загуби за малите и големите бизниси.

Историја на блокадата

Иран го регулира пристапот до популарните страници на социјалните медиуми од 2009 година, кога избувнаа масовните протести по спорниот реизбор на популистичкиот претседател Махмуд Ахмадинеџад.

За време на протестите во ноември 2019 година, предизвикани од наглото зголемување на цените на горивата, иранските власти за прв пат воведоа исклучување на интернетот низ целата земја, насилно потиснувајќи ги демонстрациите.

Исклучување на интернетот беше воведено и за време на неколкумесечните протести „Жени, живот, слобода“ во 2022 година.

Тврдокорните следбеници на иранската владина политика ја поддржуваат сегашната дигитална блокада, држејќи се до официјалниот став дека исклучувањето на интернетот е од суштинско значење за заштита на националната безбедност во време на немири.

Но, дури и ако властите го вратат пристапот до интернет, дури и во ограничена форма, нема план за враќање на пристапот до популарните апликации на социјалните медиуми - вклучувајќи ги Instagram, WhatsApp и Telegram - до кои Иранците претходно можеа да пристапат.

„Со оглед на моменталните околности во земјата, нема простор за повторно овозможување на пристап до странски апликации за пораки“, рече претседателот на Комисијата за дигитална трансформација на Иран, Ахмад Нируманд, сугерирајќи дека интернетот ќе биде ограничен на канали одобрени од државата по блокадата.

Иранските власти со години се обидуваат да ги охрабрат граѓаните да користат домашни социјални медиуми со блокирање на пристапот до популарни странски алтернативи, но со мал успех. Забранетите странски апликации остануваат широко користени, бидејќи многу Иранци користат VPN мрежи за да ги заобиколат државните контроли.

Европратениците ќе го одложат одобрувањето на трговскиот договор со САД

Европскиот Парламент во Стразбур
Европскиот Парламент во Стразбур

Европратениците на 20 јануари се согласија да го одложат ратификувањето на клучниот трговски договор со Соединетите Американски Држави по заканите на претседателот Доналд Трамп за нови царини поради Гренланд, соопштија главните политички групи во Европарламентот во Стразбур.

Предупредувачкиот удар од Европскиот парламент доаѓа во време кога 27-члениот блок размислува колку силно да возврати ако Трамп продолжи со најавеното против долгогодишните сојузници на Вашингтон, јавува новинската агенција Франс прес

Одложувањето не го поништува договорот, договорен во јули со Трамп по месеци интензивни расправии во кои Вашингтон воведе царини од 15 проценти за стоките од ЕУ.

Но, со суспендирање на одобрувањето,Европарламентот испраќа силна порака на незадоволство до Белата куќа, за која пратениците на ЕУ тврдат дека ќе ги вознемири американските бизниси.

„Тоа е исклучително моќна алатка - не мислам дека компаниите би се согласиле да се откажат од европскиот пазар“, изјави за новинарите Валери Хајер, претседателка на центристичката пратеничка група „Обнова“.

Трамп се закани дека ќе воведе царини против шест земји од ЕУ - вклучувајќи ги и моќните Франција и Германија - поради непочитување на неговото барање за добивање на Гренланд.

Лидерите на ЕУ треба да одржат вонреден самит во Брисел во четврток вечерта поради заканите на САД против автономната територија на Данска, Гренланд.

Блокот разгледува различни одговори доколку Трамп не се повлече, вклучително и ставање на минатогодишниот трговски договор на „пауза“ и наметнување на царини од 93 милијарди евра односно 108 милијарди долари врз САД.

Пакетот одмазднички царини беше договорен по трговскиот застој меѓу ЕУ и САД минатата година, но на крајот беше суспендиран до 6 февруари за да се избегне тотална трговска војна.

Покрај тоа, францускиот претседател Емануел Макрон врши притисок да го ослободи моќниот инструмент на блокот против принуда за трговија што ќе го користи во случај Трамп да ги оствари своите закани.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG