Достапни линкови

Скопје меѓу Берлин и Париз на патот кон ЕУ


Проширувањето на ЕУ не е единствено прашање за кое Париз и Берлин во моментов имаат различни ставови. Македонија ја чека новата методологија за преговори и не прифаќа друга алтернатива за членството. Во очекување на францускиот предлог, земјата мора да го задржи реформскиот курс, велат експерти.

Очекувањата се новата методологија за пристапните преговори на земјите кандидатки за членство во Европската унија да биде усвоена до март следната година, но дотогаш според експерти важно е Германија и Франција да ги приближат ставовите, бидејќи нивниот расчекор е евидентен во однос на повеќе политики во ЕУ, вклучително проширувањето.

Пораката од Германија е недвосмислена за перспективата на земјава за членството во ЕУ, велат тие, но сепак посочуваат дека од Франција и натаму има многу непознаници за тоа каков ќе биде нејзиниот предлог за проширувањето, кој го испрати до сите земји членки.

Симонида Кацарска од Центарот за европска политика (ЕПИ) вели дека за да се направи исчекор напред од страна на Унијата, примарно е Берлин и Париз да се договорат и да заземат заеднички став, бидејќи како што посочува, тоа е оската околу која се водат сите политики на ЕУ.

„Не можеме ставовите на Берлин и Париз да ги гледаме само во однос на Македонија, треба да ги гледаме пошироко во однос на иднината на проширувањето. Претседателот Макрон спомна дека не ја одзема перспективата на проширувањето пер се, меѓутоа тука имаме уште многу непознаници кои веројатно ќе бидат многу појасни по предлогот што го очекуваме некаде за една недела“, вели Кацарска.

Претседателот Стево Пендаровски по вчерашната средба со францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека не би се согласиле со никаква алтернатива на полноправно членство, додавајќи дека францускиот тим веќе почнал со расчистување на новата методологија и оти пред недела е предложен еден нон пејпер до земјите членки, а очекувањата се методологијата да биде усвоена најдоцна до март.

Политичкиот аналитичар Џељал Незири коментира дека во борбата за превласт во ЕУ меѓу Германија и Франција „настрадаа“ Северна Македонија и Албанија, но проблемот кој, како што вели, е во самата ЕУ според него, на некој начин е позитивен сигнал за Балканот. Тој истакнува дека бројните разлики меѓу Германија и Франција, се одразиле кон проширувањето со земјите од Западен Балкан.

„Тоа што се бараше од Северна Македонија и Албанија беше испорачано и требаше да следи еден долг процес на преговори и реформи внатре во овие земји аспиранти. Проблемот е сега во ЕУ, не само во однос на Македонија, се надзира еден вид паралелна дипломатија меѓу Германија и Франција и во однос на решавањето на спорот меѓу Србија и Косово“, вели Незири.

Тој додава дека Македонија мора да остане на реформскиот курс и да докаже дека реформите кои ќе ги спроведе се во однос на исполнување на критериумите од Копенхаген, за Унијата да нема аргументи за натамошни блокади.

Кацарска наведува дека Македонија треба да држи чисто досие на домашните реформи до формирањето на техничката влада, но и потоа.

„За жал изборите и начинот на кој ќе бидат спроведени исто така станаа услов, иако на некој начин претходно не постоеа и во секој случај на надворешен план ќе мора да се работи дополнително пред се со Франција во однос на зајакнување на нашето присуство таму и во однос на колку е можно повеќе лобирање во водење на паралелен процес на ревидирање на методологијата за пристапување и почетокот на нашите преговори“, вели Кацарска.

Министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас во текот на денешната посета на Скопје, освен со претседателот Стево Пендарвоски, средба ќе има и со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG