Достапни линкови

Стотина деца и наставници преку креативни игри покажаа што знаат за НАТО


Преку креативни детски игри над сто ученици од 25 училишта во земјава под менторство на нивните наставници покажаа што знаат за НАТО. Учениците велат дека за нив било предизвик преку социјални и компјутерски игри да стекнат знаење за Алијансата.

Над сто ученици, под менторство на своите наставници, од 25 училишта во земјава преку креативни детски игри покажаа што знаат за НАТО. Интересот беше огромен, па наместо планираните десет проекти, на конкурсот пристигнаа 49 проекти, од кои на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола беа избрани најуспешните.

„Нашата игра е Сложувалките на НАТО, се состои од две сложувалки по 120 парчиња и ќе ги составуваме со поставување прашања. За двете сложувалки има по 35 прашања, тој што прв ќе ја состави сликата е победник. Беше предизвик зашто научивме нешто повеќе за НАТО“, рекоа ученици од Основното училиште „Гоце Делчев“ од Битола.

Во првиот дел од проектот „Децата преку игра учат за НАТО“, учениците стекнаа одредени знаења за Алијансата. Нив ги прикажаа преку социјални игри од типот на „Не лути се човече“ каде фигурите беа деца, потоа преку пластични конструкции кои вртејќи се го придвижуваа и знамето на НАТО, игра на бои кои ги означуваа земјите членки, па се до компјутерски игри.

„Нашата игра е НАТО пазл. Играта се состои во спојување на делчињата, ја има и онлајн. Наменета е за седумгодишни деца оти има 35 парчиња пазл. Ако ја играат возрасни има и од 1000 парчиња. На крај се добива сликата од знамето на НАТО и логото“, рече Фатиме Беџети Дурмиши, наставничка од Основното училиште „Наим Фрашери“ од Тетово.

Од проектот веќе се објавени: „Направивме филмови во кои може да се види што значи НАТО за дечињата, направивме и книга за детски трудови кои беа најдобри на конкурсот во првиот дел од конкурсот и содржат песнички, есеи и ликовни творби од децата“, рече Весела Богдановиќ наставничка од Битола позната по својата креативност.

Проектот е во организација на Гаус институтот, а на презентацијата на детските игри присуствуваше и полковникот Зоран Јанкович, шеф на канцеларијата на НАТО во Скопје.

„Јас сум импресиониран од бројот на ученици, наставници и деца. Важно е дека учат за НАТО, а со тоа и за безбедноста, стабилноста и иднината на вашата земја. Со повеќе видови на активности ќе стекнат и поголемо знаење. Годинава славиме 70 годишнина од НАТО Алијансата и имаме нови генерации кои се наклонети кон дигиталните игри , па на тој начин ги учиме за НАТО“, рече Јанкович.

Проректорот на Битолскиот универзитет, Игор Неделковски, рече дека е направен баланс меѓу социјалните и компјутерските игри.

„Младите учеа за НАТО и нивните сознанија ги преточија во едукативни игри, а најдобрите ќе се дистрибуираат во училиштата како дидактички алатки за учење на суштината на НАТО, историјата на НАТО бидејќи сите сме оптимисти дека за кусо време ќе бидеме членки на оваа Алијанса, па важно е да знаеме кон кое семејство ќе припаѓаме", рече Неделковски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG