Достапни линкови

Јанкович: Можно е одложување на влезот во НАТО поради Шпанија


Архивска фотографија - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и Зоран Јанкович, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје.

Може да очекуваме одредено одложување поради процесот во Шпанија, но ние сме сигурни и се надеваме дека процесот ќе заврши најбрзо што е можно, вели шефот на канцеларијата на НАТО за врски во Скопје Зоран Јанкович. Ако се случи одредено одложување, формалното пристапување во Алијансата не мора да се врзува за самит или одреден министерски состанок.

Шпанските предвремени избори може да го одложат формалното пристапување на Македонија во НАТО на лондонскиот самит во декември, вели полковникот и шеф на канцеларијата на НАТО за врски во Скопје Зоран Јанкович. Тој во интервју за Радио Слободна Европа што во целост ќе биде објавено в недела, вели дека досега веќе 22 земји членки го ратификуваа протоколот и дел од нив ги депонирале во Вашингтон инструментите за ратификација, но се уште се чека на останатите седум земји да го завршат процесот, за кој како што вели, не е во надлежност на НАТО, туку на националните влади.

„Ние очекуваме наскоро многу од останатите земји да го ратификуваат протоколот. Сепак, Шпанија во моментов е без влада, бидејќи е во предизборен период, така што може да очекуваме одредено одложување поради овој процес во Шпанија, но ние сме сигурни и се надеваме дека процесот ќе заврши најбрзо што е можно“, вели Јанкович.

Тој додава дека и ако се случи одредено одложување, формалното пристапување во Алијансата не мора да се врзува за самит или одреден министерски состанок.

„Вие може да станете полноправна земја членка на НАТО на кој било датум, веднаш откако последната земја ќе го ратификува протоколот“, додава Јанкович.

Предвремените избори во Шпанија се закажани за 10 ноември, со што останува малку временски простор до 3 декември кога е закажан самитот во Лондон на кој ќе присуствува и делегација на македонската влада.

Претседателот на невладината организација Евро-Атлантски Совет на Македонија и надворешен соработник на премиерот Зоран Заев за членството во НАТО Исмет Рамадани вели дека шансите зависат од тоа дали ќе има функционален парламент во Шпанија дотогаш.

„Тероретски шанси има, ако евентуално една од партиите има убедлива победа на изборите за да може во едно поголемо темпо да конституираат парламент и влада. Но, како и да е, по самитот во Лондон по ратификацијата на Шпанија и останатите земји, ќе се крене знамето на Северна Македонија на еден од јарболите резервирани за нашата земја и тоа го очекуваме набрзо, полноправно членство во НАТО“, вели Рамадани.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски неодамна изјави дека сега земјата се наоѓа во една нова реалност, а тоа е скорешното пристапување во НАТО. Според него, ова е клучен стратешки пробив што Северна Македонија ќе ја позиционира на светската безбедносна мапа еднаш засекогаш. Тој додаде дека во таа насока од големо значење се реформите во безбедносниот сектор кои со години беа запрени и дури во последнава една и пол година се динамизирани.

„По поканата за членство во Алијансата ние сме во помирни води, но безбедносните предизвици во регионот се уште се присутни. Тероризмот, верскиот екстремизам, сајбер нападите, дезинформационите кампањи, хибридните војни се присутни и нема наскоро да изчезнат. Најдобриот начин за справување со овие закани кои се наоѓаат високо и на агендата на НАТО е да ги следиме информациите и трендовите и заедно со другите членки на Алијансата да се соочиме со нив“, изјави Пендаровски во неговото последно обраќање нанаучно-стручната расправа „Стратешки приоритети во безбедноста и одбраната на РСМ по членството во НАТО“.

До сега протоколот го ратификуваа 22 земји од вкупно 29 членки на Алијансата, а преостануваат уште седум - САД, Британија, Шпанија, Италија, Холандија, Исланд и Франција.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG