Достапни линкови

Спорадични судири во Сирија по прекинот на огнот, Ердоган негира


Во североисточна Сирија и денеска има гранатирања и истрели во пограничниот град Рас ал Аин и покрај прекинот на огнот, кој беше постигнат синоќа со посредство на САД. Во другиот дел се чини дека преовладува мир.

Сириската опсерваторија за човекови права, со седиште во Велика Британија, објави дека имало спорадични судири во Рас ал-Аин, но дека има смирување на другите места во регионот.

Меѓутоа претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган негираше дека неговата армија продолжила со операцијата по синоќешниот договор за прекин на огнот. Ердоган вели дека појасот од кој треба да се повлечат курдските борци, треба да е околу 440 километри долг и 32 километри широк. Турција има намера и да врати околу два милиони сириски бегалци кои нашле засолниште во земјата.

Но командантот на сириските демократски сили, Мазлум Кобани вели дека тие прифаќаат примирје, но во појас меѓу градовите Рас ел Аин и Тал Абиад односно на простор не подолг од 120 километри.

Синоќа Анкара и Вашингтон се согласија на петдневен прекин на огнот за запирање на турската офанзива против курдските сили во североисточна Сирија.Според договорот треба да им се дозволи на курдските воени сили да се повлечат.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу го опиша договорот како прекин што треба да се дозволи повлекување на курдските борци. Но тој одбива да го нарече договорот „прекин на огнот“, велејќи дека прекинот на огнот би можеле да договорат само легитимни страни, а не и курдската милиција која Турција ја смета за терористичка група.

XS
SM
MD
LG