Достапни линкови

Предлог компромис- одлука за датум во април догодина ?


Европските лидери на кратко ја затворија за вечерва темата за проширување односно за одредување на датум за преговори со ЕУ за Северна Македонија и Албанија без конечен заклучок, пишуваат дел од европските медиуми. Франција, Германија, и Холандија се обидувале да напишат предлог компромис според кој донесувањето на одлуката се одложува за април 2020 година, пишува Политико.еу на својот блог во живо од самитот на ЕУ. Во продолжение се наведува дека идејата била Франција во меѓувреме да изработи предлог за реформирање на процесот за проширување до јануари. Засега нема договор за вметнување на конкретен датум во предлог компромисот.

Во меѓувреме на официјалниот Твитер профил на Европскиот совет е напишано дека работната сесија и натаму продолжува доцна вечерва, но тема на разговорот е Турција и нејзината офанзива во североисточниот дел на Сирија.

Политико јавува дека по кратка дебата од неполн час за Турција, Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск го претставил пред европските лидери предлогот со кој ќе се „потикнат Северна Македонија и Албанија без при тоа да им се даде зелено светло за формален старт за преговори“ .

Германската новинска агенција ДПА јавува дека лидерите на ЕУ „многу долго“ разговараaт околу француската блокадата на проширувањето, но без конечни резултати. Одбивањето на почеток на преговори на Северна Македонија и Албанија ќе го загрози кредибилитетот на ЕУ цитира француски дипломат новинската агенција АП, кој додава дека Париз ќе дозволи почеток на преговори за шест месеци доколку види напредок во реформите.

Македонскиот премиер Зоран Заев вчера дојде во Брисел да лобира за одлуката со предупредување дека во спротивно земјата ќе назадува.Но во видеото до македонските граѓани, пак изјави поинаку.

„Никој не може да ни ги одземе реформите и промените кои заедно ги постигнавме, а од оваа неизвесност ќе излеземе само посилни и поискусни“, порачува премиерот Зоран Заев преку видео порака на својот Фејсбук профил. Тој вели дека Балканот се променил и станува извор на стабилност.

„ЕУ добро го знае тоа и мора да прифати дека и Балканот е европски. Остануваме посветени и со работа докажуваме каде ни е местото“, вели Заев во видеото.

XS
SM
MD
LG