Достапни линкови

За датум за преговори со ЕУ клучна е и Франција


Сè поголеми се изгледите Македонија да почне преговори со ЕУ. Како плус на наша страна може да се земат договорите со Бугарија и со Грција, а настаните околу СЈО оставаат прашалници, коментираат познавачи. За датум, клучен, сепак останува, ставот на Франција.

Позитивни се очекувањата Македонија во октомври од Советот на ЕУ да добие датум за преговори и нема да има нови пролонгирања, коментираат познавачите. Франција се уште е кочничар, но и таму позициите омекнуваат, додаваат тие. Добрососедските односи и дел од реформите се плус на контото на земјава на патот кон ЕУ, а уште треба да се работи на борбата против високата корупција.

Зоран Нечев од Институтот за демократија мисли дека овојпат нема да има пролонгирања и ќе се донесе одлука за почеток на преговори.

„Она што е пред сè позитивно се добрососедските односи, склучувањето на договорите со Бугарија и со Грција, како и низа на реформски зафати коишто беа почнати во минатиот период“, вели Нечев.

Тој додава дека она што останува како дамка е борбата против високата корупција.

„Тоа значи донесувањето на законот за јавното обвинителство, она што ќе биде иднината на сите случаи кои што досега се започнати и конечно нели да видиме и финални пресуди за некои од почнатите случаи“, вели Нечев од Институтот за демократија.

Германскиот Бундестаг в четврток одлучува за датумот за почеток на преговори на Македонија со ЕУ, откако Комисијата за надворешни работи препорача германскиот парламент да даде зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи ќе присуствува на седницата и ќе ги следи расправата и гласањето за одлуката на земјата да и се даде почеток на преговори на Самитот на ЕУ во октомври, соопштуваат од неговиот кабинет.

Извесно е дека германскиот Бундестаг ќе ја поддржи одлуката за почеток на преговори со ЕУ на нашата земја без дополнителни услови, вели Симонида Кацарска од Институтот за Европска политика.

„Нам најголемите аргументи во однос на ова ни е секако Договорот од Преспа и оценката на Европската комисија и препораката којашто ја имаме од мај годинава. Несомнено развојот околу Специјалното јавно обвинителство разви прашалници, кои што се надеваме дека нема да бидат директна пречка, меѓутоа долгорочно ќе бидат прашање со кое ќе треба да се справиме“, вели Кацарска.

Таа додава дека одлуката за почеток на преговорите се носи во последен момент и е предмет на дискусија меѓу сите земји членки.

„Во оваа фаза мислам дека решавачки е во секој случај ставот на Франција, којшто допрва го очекуваме. Од нивниот став во однос на тоа колку претседателот Макрон се уште цени дека процесот на продлабочување на ЕУ и процесот на проширување се компатибилни или некомпатибилни меѓу себе ќе бидат еден од клучните решавачки фактори“, вели Кацарска од Институтот за Европска политика.

Нечев во однос на ставот на Франција вели дека се уште има резерва, но дека нивната позиција е омекната и е во насока на тоа дека треба да добиеме позитивна препорака и да отпочнат преговорите.

На средба одржана во Њујорк, во рамки на Генералното собрание на ОН, шефовите на дипломатите на Бугарија, Романија, Грција и Хрватска изразиле поддршка за членство на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ. И премиерот Зоран Заев на средбите во Њујорк со свои колеги добил поддршка за членството во Унијата.

Пред десетина дена во Скопје претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск ги повика лидерите на ЕУ да си ја завршат својата работа, бидејќи Северна Македонија веќе си го заврши своето.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG