Достапни линкови

Плевнелиев: Софија не треба да му удри шлаканица на Скопје


Софија не треба да му удира шлаканица на Скопје, туку да даде поддршка и да ја прошири соработката во сите области. Иднината на Северна Македонија е во ЕУ и НАТО, изјави поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев. Според него, не треба да има манипулации со историјата, но наместо да се промовира лажен патриотизам треба да се засилува активноста и соработката, особено со Северна Македонија. Плевнелиев вели дека и покрај некои нерешени прашања, сепак, има сериозен напредок во односите меѓу двете земји.

„Единствениот кој не ги одобри достигнувањата беше претседателот Румен Радев. Неговиот надворешно-политички неуспех е очигледен. Тој реши да одржи состанок на државниот врв и да повлече црвени линии. Во никој случај не треба да демонстрираме лажен патриотизам пред изборите. Бугарија не треба да е земјата што ќе и удри шлаканица и да и покажува „црвен картон“ на Северна Македонија. Добро е што Владата со прагматизам и мудрост ја спаси ситуацијата“, рече Плевнелиев во изјава за бугарски „Фокус“.

Според него, за поголемо приближување меѓу, како што наведува, двата братски народа, потребна е поголема работа и трпеливост, како и проширување на соработката во сите области.

Целта на Бугарија , како што посочува, не е да освојува нови територии, туку да има мир на Балканот, но тоа не треба да биде на сметка и со манипулација на историјата. Според него, Владата на Северна Македонија треба да биде поддржана затоа што конфликтите на Балканот се во интерес само на Русија и на Србија.

XS
SM
MD
LG