Достапни линкови

Неделен печат – Сведочењето на Верушевски и Рекет 2


Зоран Верушевски во судница како сведок во случајот Таргет - Тврдина

Неделникот Фокус го анализира сведочењето на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски во случајот Таргет-Тврдина и прашува кого штити Верушевски себе си или Мијалков. Глобус смета дека аферата Рекет 2.

Фокус - Кого сака да заштити Зоран Верушевски, Мијалков или себеси!

Со алузија на култниот филм „Адвокатот на ѓаволот“, најновото издание на Фокус на насловната пишува: „Сведок на ѓаволот“ и потоа: „Кого сака да заштити Зоран Верушевски, Мијалков или себеси!“ Во три текстови неделникот ја разработува и анализира најновата „шок-бомба“ од исказот на советникот за национална безбедност на премиерот Зоран Заев, Зоран Верушевски. Добиената слика за тоа како се одвивало нелегалното прислушување во УБК, од сведочењето на „свиркачите“ Лазаревски и Костовски, се измести по сведочењето на Верушевски, зашто тврди дека не им бил човек од доверба на свиркачите, туку едноставно „бомбите“ се слевале во СДСМ, потсетува неделникот на исказот на Верушевски. „Згора на сè, тврдеше дека материјалите биле модифицирани и компромитирани! Зошто Верушевски имаше потреба да влезе во војна со веќе погребаното СЈО? Кого се обидува да спаси?“ – прашува Фокус.

Во рубриката „7 дена“, за авторката „нема да биде ’сарпрајс‘ доколку на следното рочиште Верушевски, кога Мијалков ќе го испрашува, каже дека и жолтите комбиња биле реални!“

А во воведната колумна на неделникот, авторот прави кроки портрет на Зоран Верушевски, кој „поради своето наталожено искуство во дворските политички игри, знаењето базирано на тајното влегување во интимата на политичарите, бизнисмените, амбасадорите, новинарите, што датира уште од аферата ’Големото уво‘, Верушевски сака да демонстрира дека е главен, дека тој ги води процесите, дека од него зависи иднината на партијата и државата“ – пишува покрај другото Фокус.

Глобус – Пропадна аферата „Рекет 2“

Онлајн магазинот Глобус ги анализира дејанијата на фирмата за дијализа Диамед откако нејзината сопственичка, извесна Вера Иванова поднесе кривична пријава против министерот за здравство, Венко Филипче и директорот на Фондот за здравство, Ден Дочев дека, според неа, спречувале влез на шведската фирма Диаверум во Македонија која сакала да го купи Диамед, а го купила, како што изјави Дончев на прес-конференција. Авторот ја наведува сета хронологија на неколкукратното префрлање на сопственоста на македонската фирма, веројатно за да се измеша трагата на парите, која заедно со Систина на Камчев од претходната власт добиле всушност монопол за дијализа на пациенти со бубрежна инсуфициенција, што ја наплатувале по 90 евра, а чинела само 25 евра. Шведската фирма лани го купила Диамед и префрлила 9 милиони евра на сметката на Ристе Новачевски во Монако, инаку кум на Никола Груевски од првиот брак и брат на неговата лична секретарка. Дончев тврди дека зад фирмата Диамед, каде што формално како сопственик фигурира Иванова, стојат токму Новачевски и Груевски, за што Обвинителството веќе води истрага, откако даде налог за блокирање на сметката во Монако и онаа на Иванова овде, на која Швеѓаните уплатиле 2,5 милиони евра. Глобус смета дека пропаднала и оваа афера што ја нарекува „Рекет 2“ или „Монако“, па вели: „Идејата на скриените творци и ачик извршителите на аферата ’Рекет‘ да направат поголеми метежи во земјава спроти гласањето во Брисел за почеток на преговорите со ЕУ, се претвори во фијаско. Нервозната екипа пробува сега, со уште неоладен неуспех да создаде замена преку замрзнатите пари од аферата ’Монако‘, инаку позната адреса за кругот на Мијалков и нему најблиските, во кои секако влегува и експремиерот Груевски, како ’Рекет 2‘, ама и тука е насетливо фијаското“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG