Достапни линкови

Се чека на општина Маврово да ги одземе дозволите за малите хидроцентрали


Жировничка Река на проектираната локација на горниот зафат за ХЕ Жировничка Река II. „Фронт 21/42.“
Жировничка Река на проектираната локација на горниот зафат за ХЕ Жировничка Река II. „Фронт 21/42.“

Општина Маврово треба да ги одземе градежните дозволи за двете мали хидроцентрали на реката Жировничка, откако инспекторатот утврди пречекорување на роковите за градба. Актот за ништовност на одобренијата треба да го констатира градоначалникот, но постапката досега не е завршена.

Во вакум ситуација, како што велат екологистите, е ставена изградбата на двете мали хидроелектрани Жировница 5 и Жировница 6 во Националниот парк Маврово, откако градежен инспектор утврдил дека е изминат рокот заведен во одобрението за градба.

Според документите до кои дојде Радио Слободна Европа, конзорциумот „Хидроген Енерџи Груп“ треба да го загуби одобрението за градба на двете мали хидроелектрани на реката Жировничка затоа што во рокот од две години не почнал со нивна изградба.

Инаку Хидроген Енерџи Груп е конзорциум формиран од компаниите „Хидроген груп“ и „Фероивест“.

Еден од сопствениците на „Фероинвест“ е вицепремиерот Кочо Анѓушев, а управител е неговиот брат Тодор Анѓушев. Оваа фирма директно и индиректно поседува една третина од вкупно 75 функционални мали хидроелектрани во земјава. Вториот сопственик е фирмата „Хидроген груп“ основана од познатиот менаџер Предраг Чемериќ и неговите партнери, бизнисмените Дејан Калеников и Сашо Василевски.

Според документот од Инспекцискиот надзор на Општина Маврово и Ростуше, инспекторите на 26 јули оваа година, на терен на локациите каде е планирано да се градат хидроелектраните на Река Жировничка, утврдиле престанок на важноста на одобренијата за градење поради изминат рок од две години откако тие биле издадени, односно дека од почнувањето на нивната правосилност градбите не биле изградени.

За тоа тие направиле записник и го известиле градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше Медат Куртовски „да поведе постапка за констатирање на престанок на важноста на одобренијата за градење преку Одделението за урбанизам, комунални дејности, ЛЕР и заштита на животната средина“, стои во документот.

Во телефонски разговор со секретарот на општината Осман Сејдиу побаравме одговор дали е поведена постапката, на што тој одговори дека таа е во тек, односно дека не е завршена и оти не знаат кога ќе заврши.

Пријавата за поведување инспекциски надзор во април оваа година ја поднесе граѓанската организација „Фронт 21/42“. Оттаму објаснуваат дека според Член 66 од Законот за градење, одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не започне со градење во рок од две години од денот кога го добива одобрението и поради тоа тие поднесуваат иницијатива за поведување на инспекциски надзор до Градежниот инспекторат во Општина Маврово и Ростуше.

„Онака како што е поведена постапката во законот, надлежниот орган кој што го издал одобрението е тој кој што понатаму го донесува и актот за ништовност, односно она што самиот инспекторат го има напишано во неговиот допис дека градоначалникот преку Одделението за урбанизам, кое ја издало таа дозвола, треба да донесе акт за ништовност на тие дозволи“, вели Александра Бујароска – правник во областа животна средина од „Фронт 21/42.“

Таа додава дека според Законот за општа управна постапка, 30 дена е рокот за носење на актот, што значи дека ако во јули конкретниот документ е доставен до градоначалникот, тој треба да постапи надоцна во рок од еден месец.

„До денес од тоа што ние сме информирани, не е поведена постапка, ниту пак се поништени дозволите и покрај тоа што сите предуслови за поништување на двете дозволи за градење на Жировница 5 и 6 се направени, само треба да се случи финалниот акт на самото поништување“, вели Бујароска.

Според неа, ваквата „вакум ситуација“ каде е констатирано дека не треба да се гради, а нема поништување на дозволите за градби, „дефинитивно остава простор за манипулации и маневрирања од страна на инвеститорот“, смета Бујароска бидејќи во услови кога концесионерот не е известен за одземањето на конкретната дозвола, тој не може да знае што се случува во позадина, вели таа.

Двете мали хидроелектрани на Жировничка се лоцирани во зона на паркот која е предложена за строга заштита. Мрежа еколошки граѓански организации од земјава и регионот неколку години укажуваат дека реализација на хидроенергетски проекти во Маврово ја поткопува идејата за постоење на националниот парк, бидејќи претставуваат закана за природата и живиот свет.

Националниот парк Маврово е прогласен во 1949 година поради особените природни убавини, историското и научно значење на шумите и шумските предели околу Мавровското Поле.

Во однос на проектите за двете мали хидроелектрани на Река Жировничка, според „Фронт 21/42“ предмет на инспекциски надзор исто така е Елаборатот за животна средина опфатен во истата пријава од април оваа година, поради тоа што Државниот инспекторат за животна средина констатирал оти елаборатот е издаден за хидроцентрали кои се наоѓаат на различни координати од првичните планови, а како што велат од граѓанската организација, Управата за животна средина и натаму не постапува по овој допис од страна на инспекторатот.

Нема вода за луѓето, а не пак за хидроцентрали
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:35 0:00

„Изминати се повеќе од пет-шест месеци, сè уште нема разврска за нешто што би требало исто да биде одговорено во рок од 30 дена“, вели Бујароска.

Таа додава дека и Државниот водостопански инспекторат нецелосно ја има проверено постапката во негова надлежност, бидејќи, како што вели, „инспекторатот единствено констатирал дека не е отпочната градба“ и дека во таков случај немаат надлежност да извршат било каков надзор, што за Бујароска е спорно и според неа инспекторатот треба повеќе да реагира „проактивно и превентивно.“

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG