Достапни линкови

Пролетно будење на Тетово


Работа на мостот на реката Пена во Тетово.
Работа на мостот на реката Пена во Тетово.

Тетовци бараат оваа пролет да се завршат започнатите проекти со кои ќе се подобри инфраструктурата во градот. Тие сакаат почист град, улици без дупки, справување со кучиња скитиници, подобро менаџирање со отпадот.

Мост на реката Пена, капелата кај православните гробишта, тротоарите во центарот на градот, се само дел од започнатите инфраструктурите проекти кои треба Општина Тетово да ги догради. Во текот на зимските месеци временските неприлики не дозволуваа да се работи. Сега со затоплување на времето и пролетните месеци граѓаните очекуваат локалната самоуправа да ја подобри инфраструктурата.

„Условите секогаш може да бидат изговор на оној кој што не сака да учествува во позитивни работи. Тетово не е град од вчера. Срам е за градот да нема капела.“

„Би требало да почне да се работи. Почнува пролет убаво време, да се прави тоа што е заостанато. Јас мислам улиците најмногу, улиците се многу важни. Јас бидејќи сум постара тротоарите ми се важни пред сè.“

„Ова е пример на зафркната улица. Единаесет години од кога сум дојден од Германија само дупки гледам. И сум ги крпел, ама веќе нема да ги крпам, сум рекол.“

„За дупките хаос е, немам што да кажам. Ние сме веќе навикнати, сме отрпнале. Нема што да бараме, гледаме дека помош нема. Ние што имаме овде коли и дуќани, сами ги поправаме дупките. Цела зима сами ги поправаме дупките, нема никаква помош. Овој стариот дел од градот на милост и немилост сме“, велат анкетирани жители на Тетово.

Многумина сметаат дека пролетта треба да се искористи да се подобри комуналната хигиена. Велат дека нечистотијата е најголемиот проблем во градот.

„Јас и реката сакам да се исчисти, река Пена. Зошто ако нема кај да одиш, барем ќе одиш покрај река. Некогаш било познато и Бањиче и сега народот оди на Бањиче, ама натаму има толку шут и смет. Дури и да сакам да однесам некого, не можам да го однесам, срам ми е.“

„За кучиња скитници да се направи една стратешка програма. И според мене што е важно, што сакам да го нагласам е менаџирањето на домаќинскиот отпад. Не да се менаџира по општини, тоа да се направи централно, а транспорт да се изврши преку железничкиот сообраќај.“

„Треба чисто да биде, да не се фрла ѓубре“, велат тетовци.

Од секторот за комунални дејности при Општина Тетово велат дека со подобрување на времето ќе продолжат со работните активности, пред сè на мостот каде преостанува уште асфалтирање. За 2018 година како капитални инвестиции се предвидуваат проширувањата на булеварите Илинденска и Видео Смилевски Бато.

XS
SM
MD
LG