Достапни линкови

Меѓу комуналниот смет во Тетово може да се најде и медицински отпад


Архивска фотографија - Канта за отпад во Тетово.
Архивска фотографија - Канта за отпад во Тетово.

Тетовци велат дека медицински отпад може да се најде во контејнерите за смет, што е спротивно на законот. Само депонијата Дрисла има печка за согорување медицински отпад. Долгорочното решение за отпадот во полошкиот регион е депонијата Русино.

Искористени шприцеви, завои и друг вид медицински отпад, тетовци велат дека забележале во контејнерите со секојдневен смет и места каде непрописно се складира ѓубре. Аријанит Џафери од еколошкото движење Еко Герила вели дека бројни и разни се примерите на медицински отпад што ги има поради непридржување до стандардите за третирање на ваков вид отпадоци.

Многу пати сме виделе и на дивата депонија во Тетово кога беше, сме виделе дека има медицински отпад. Летово имаше протест во село полошко Неготино, каде имаше големи отворени дупки кои служеа како диви депонии. Таму жителите рекоа дека виделе ампутирани нозе, значи нога од човек виделе и дека виделе други видови различен медицински отпад. Но не сум во можност тоа да го потврдам лично, ниту јас, ниту некој од нашата организација не сме виделе такво нешто. Но сепак се зборува“, вели Аријанит Џафери.

За справување со медицинскиот отпад постои правилник на Министерството за животна средина. Опфаќа повеќе специјални мерки за собирање, складирање, транспорт и третирање. Само депонијата Дрисла во Македонија има инцелератор - специјална печка за согорување медицински отпад.

„Правилата се – болниците, биле јавни или приватни, треба да направат договор со компанија која е лиценцирана за менаџирањето на медицинскиот отпад. За да се провери дали секоја ординација, секоја клиника, секоја болница направила таков договор, треба да провери санитарниот инспекторат. Од друга страна, компанијата што го менаџира тој отпад треба да го менаџира прописно. Не треба да го фрла по диви депонии или на други места. За ова треба да се обезбеди контрола од Министерството за животна средина и државниот инспекторат за животна средина. Да се провери дали тие компании го носат тој отпад таму каде што треба“, рече Аријанит Џафери.

Долгорочното решение за справување со отпадот во полошкиот регион - регионална депонија Русино, исто така, треба да биде начин со кој се очекува поефикасно третирање на медицинскиот отпад наместо да се носи во Дрисла.

„Работите во овој регион за средување на депонијата Русино ќе започнат од јуни оваа година. Во Влада помина и план проектот која што Владата го праќа, да се направи проекција комплетно, да се стави во урбанистички план регионот на Русино“, истакна гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари.

Законските правила налагаат постапки за мелење, дезинфекција и стерилизација на медицинскиот отпад, за да се доведе во состојба која не е опасна по здравјето на луѓето и животната средина. Потоа може и да се рециклира.

XS
SM
MD
LG