Достапни линкови

Месноста Бањиче - тетовски спас од жештините, но потребна е поголема општинска грижа


Месноста Бањиче во Тетово
Месноста Бањиче во Тетово

Во текот на летните месеци, месноста Бањиче е местото за бегство на тетовци од горештините. Сепак, потребна е поголема општинска грижа, зашто на патот редовно паѓаат земја и камења, потпорните ѕидови на одредени места попуштија, а во коритото на Пена има ѓубре.

Пешачката патека долж реката Пена и патот од Тетово до месноста Бањиче е можноста тетовци за кратко време да бидат надвор од градот во шумски предел, во прекрасен природен амбиент и да побегнат од сообраќајниот метеж, загадениот воздух и високите температури. Дел од луѓето пешачат или трчаат, се возат и велосипеди, а главната желба е да се достигне релаксација и опуштање во доцните попладневни часови како одмор од топлината, пред сè на лето.

„Генерално може да се земе предвид дека луѓето ја користат рекреативната патека, спортуваат трчаат и слично. Како концепт, од Тетово е максимум што може да се извади. Ова е единствено место каде што колку толку покрај реката воздухот е пријатен чист, има ветер, па малку е подобро за дишење“, вели Игор, кој редовно пешачи кон Бањиче.

Пешачењето би било уште подобро кога би имало помалку автомобили, велат тетовци.

„Очигледно се користи за населените места, возила си одат дома, се враќаат во делот погоре каде што има куќи. Така што, не може да се каже дека е стриктно рекреативно, издувни гасови од колите… Дали некое решение би било на пример да се огради со некоја рампа, слично како што е на Водно, на пример во одредени часови од денот да биде за рекреација, а во одредени часови од денот да е дозволен сообраќај можеби е некој вид решение“, рече Игор.

Од 2015 година кога имаше невреме редовно се случуваат ерозии, па често паѓаат земја и камења долж патот и патеката. На неколку места беа изградени потпорни ѕидови кои по кратко попуштија па претставуваат опасност доколку целосно паднат врз патот. Во коритото на реката по поплавите, покрај многу смет има и остатоци од бетон и дрвја. Фрлените отпадоци, како и во градот, и тука се главна одлика на несовесноста на поединци.

Од општина Тетово велат дека е аплицирале до Бирото за регионален развој со цел да се уреди патот согласно долготрајно решение.

„За санација, обезбедување и спречување од понатамошни одрони на патот кон месноста Бањиче е изготвен проект во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, но со оглед на тоа дека потпорните ѕидови бараат големи финансиски средства за нивна изградба во процес сме на изнаоѓање на финансиски средства за таа намена. Во тој процес влегува и аплицирањето со проект до Бирото за регионален развој за кој се надеваме дека ќе биде одобрен, а потоа и спроведен на терен“, изјави Снежана Новаковска од Канцеларијата за комуникации и односи со јавност при општина Тетово.

Пешачката патека е долга речиси два километри. На неколку места во месноста постојат извори со природна минерална вода за која тетовци веруваат дека има лековите својства.

XS
SM
MD
LG