Достапни линкови

Тетово се бори со употребата и продажбата на дрога


Архивска фотографија - Марихуана запленета од македонската полиција.

Тетовската полиција во септември почна акција за справување со продавачи на дрога. Досега имало 150 приведувања. Во меѓувреме зголемен е бројот на лицата кои користат дроги во Тетово и околината.

Со зголемен број акции и приведувања полицијата се обидува да го сузбие продавањето дрога на подрачјата на Тетово и Гостивар. Планот започнал да се реализира на почетокот на септември, а интензивните претреси и истраги ќе се спроведуваат и понатаму. За месец и половина се бележат 150 приведувања на лица кои се осомничени дека вршат продажба на опојни средства.

Претежно станува збор за машки лица, меѓу кои и малолетници, на возраст од 15 до 45 години, не само од Тетово и Гостивар, туку и од повеќе села, кај кои пронајдена, фотодокументирана и одземена е марихуана, кокаин, хероин, хашиш и екстази. По целосно документирање на случаите против лицата се поднесуваат соодветни пријави. Вакви и слични активности со несмалено темпо и динамика се во тек и овој месец а главен таргет се дилери, дилери-корисници и корисници на наркотични дроги“, изјави Марјан Јосифовски, портпарол на Секторот за внатрешни работи Тетово.

Превенцијата кај младите, односно нивно информирање за опасностите од користење дрога најдобро и најмногу ќе влијае во подобрување на состојбите, велат стручните лица од невладините организации кои работат во оваа област. Продавањето дрога ќе биде значително намалено, ако тинејџерите и младите се свесни за ризиците и ќе ги одбијат наркотиците пред сè во периоди кога имаат некои лични проблеми, вели Марија Исаевска - Ристовска, социјален работник во Центарот за намалување штети од употреба на дрога.

„Би препорачала на родители да посветат поголемо внимание на своите деца, да разговараат, да им кажат отворено кои проблеми ги имаат. Што ги мачи, и заедно да изнајдат решенија и ако има потреба да побараат стручна помош дали тоа би било од психолог, социјален работник и слично. Исто така да има поголема соработка и во училиштата помеѓу учениците и наставниците, како и да се внимава низ игра и дружења детето да не западне во некоја несакана ситуација“, вели Исаевска - Ристовска.

Центарот во кој работи таа бележи постојано зголемување на корисници на дрога.

„Да, зголемен е бројот на лицата кои користат дроги во Тетово и околината. Центарот за намалување на штети функционира 10 години од 2008 година и бројот на лица кои побарале помош изнесува над 400 лица. Со стекнувањето на доверба со корисникот се работи кон изнаоѓање на решавање на проблемите кои ги има корисникот, советување и разговори со него, со семејството, со брачниот другар, родителите и слично“, рече социјалниот работник.

За користење и продавање дрога кривичниот законик во Македонија предвидува затворски казни и до максимални 10 години.

XS
SM
MD
LG