Достапни линкови

Повеќе граѓански организации со остра осуда на изјавата на Заев


Архива - Премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата.

27 граѓански организации денеска излегоа со писмена реакција на вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев во која наведуваат дека остро ја осудуваат „скандалозната, недолична и хомофобична изјава на претседателот на Владата, но и изјавата со која како што велат се врши дикредитација на новинари кои критички ја опсервираат работата на власта.

Заев вчера во изјава за медиумите поврзана со случајот „Рекет“ рече дека нема да дозволи некој да го инволвира него, ниту пак, како што рече „неколку криминалци, еден суетен новинар и да ми извини ЛГБТ заедницата еден педер“ да ја срушат Владата.

Фондацијата отворено општество, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалиција сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници МАРГИНИ Скопје, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и 20-тина други организации сметаат дека ваков вид на јавен говор од носител на највисоката јавна функција „недвосмислено дава легитимитет и го охрабрува говорот и делата од омраза кон сите оние кои се со различна сексуална ориентација и ја загрозува слободата на изразување.“

„Изјавата на премиерот, вклучително и неумесното „извинување“, освен што се навредливи и дискриминирачки, поттикнуваат хомофобија и линч насочен кон ЛГБТ заедницата. Се доведува во прашање доследното спроведување на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, и се поставува прашањето дали досегашните заложби за унапредување на ЛГБТИ правата се навистина суштински или се само декларативни и формални“, наведуваат граѓанските организации.

Исто така во реакцијата се вели дека сметаат оти е крајно неприфатливо со вакви непромислени изјави да се етикетираат новинари кои критички известуваат за работењето на актуелната власт и на тој начин да се создаваат услови за ограничување на слободата на информирање и изразување.

XS
SM
MD
LG