Достапни линкови

Пропаѓаат селските водоводи во битолско


Селските водоводи во битолските села пропаѓаат, зашто нема кој да ги одржува. Битолски водовод може да ги преземе, но селаните треба да се согласат и да плаќаат вода.

Село Бистрица, на четири километри од Битола, преку лето се случува да остане без вода. Таква е ситуацијата и со други битолски села кои со вода се снабдуваат од сопствените водоводи. На социјалните мрежи жители со иронија коментираат дека ова не е баш битолски проблем, ама бидејќи и тие од селата гласале на избори, бараат решение од надлежните.

„Водоводот е направен во 1974 година и оттогаш не е ништо финансирано. Пиеме хемиски и физички неисправна вода. Наесен и назима цевките се полнат со лисја и нема вода, а преку лето нема доволно вода оти не се поставени водомери и жителите наводнуваат од системот. Водата не се плаќа. Секој кој ќе стигне гиба во шахтите“, пишува Никола Ѓоргиевски од Бистрица.

Надлежните објаснуваат дека дел од селата во битолско сѐ уштекористат вода од селски водоводи, а за да ги преземе и одржува Јавното претпријатие „Водовод“ треба согласност од жителите на селата дека ќе плаќаат за вода. За тоа е потребно 50 проценти од жителите плус уште едно лице да дадат согласност дека прифаќаат да го предадат водоводот друг да го стопанисува и дека за испорачана вода и мерена на водомер ќе плаќаат.

„Од Јавното претпријатие „Водовод“ немаат обврска да го одржуваат водоводот во село Бистрица и околниот регион бидејќи водоснабдителните објекти жителите не им ги имаат предадено на користење, а и постојните не ги задоволуваат условите и стандардите да ги прими Водовод. Ние стоиме на располагање доколу има волја од жителите да ги предадат водоводите на Општина Битола, да ги преземи ‘Водовод’ да ги стопанисува и да наплаќа вода. Сме расположени да направиме состаснок со сите, да изработиме елеборати и да изнајдиме решение“, вели Горан Козаров, директор на ЈП „Водовод“ од Битола.

Тој објаснува дека дел од селата со свои пари или донации пред повеќе години имаат поставено водоводни линии и зафати.

„Ние сме подготвени да извршиме ревизија на нивната постоечка водоводна мрежа, да ја исконтролираме, ако нема потреба за инвестирање во секундарна мрежа состојбата ќе биде подобра. Доколу треба, ќе побараме средства до министерствата или други институции да се направат водоводите по сите европски стандарди. Во тој случај селата ќе добиваат чиста и технички исправан вода“, додава Козаров.

Центарот за јавно здравје години наназад алармира дека водата за пиење во селата со сопствен водовод често пати е загадена, па неопходно е или некој да ги одржува селските водоводи или тие да се приклучат кон градската водоводна мрежа. Во 2017 година проблем со загадена вода за пиење имааа над 50 пелагониски села од општините Битола, Новаци, Могила со над 14 илјади жители. Според извештајот на Центарот за јавно здравје, тоа се села кои со вода за пиење се снабдуваат од сопствени водоводи кои се запуштени до крајни граници зашто жителите немаат ангажирано некој да ги одржува. Водоводите не се редовно одржувани и водата не е хлорирана.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG