Достапни линкови

Селските водоводи во пелагониско со фекални бактерии


Селски водовод во село во Пелагонија.

Во битолскиот регион од анализираните мостри дури 70 не биле исправни за пиење. Од Центарот за јавно здравје во Битола велат дека ова е стар проблем кој се провлекува повеќе од десет години.

Од повеќето селски водоводи во општините Битола, Могила и Новаци водата за пиење е бактериолошки неисправна. Од Центарот за јавно здравје во Битола велат дека во повеќе примероци кои ги анализирале биле откриени фекални бактерии, поточно ешерихија коли и колифорни бактерии кои се штетни за човековото здравје. Само во битолскиот регион од анализираните мостри дури 70 не биле исправни за пиење. Тоа се селски водоводи кои никој не ги одржува и не се поврзани за градската водоводна мрежа.

Дел од жителите се свесни за проблемот, па користат купечка вода, но има и такви кои сметаат дека оваа вода е најздрава.

„Мислам дека треба да се преземе нешто, мириса лошо.“

„Иста е ситуацијата со години, на повеќето селски чешми пишува дека водата е неисправна за пиење.“

Страшно е, бактерии има многу. Секое доаѓање на екипите покажува дека водата е загадена. Оваа вода ја користиме за перење и миење, а за пиење користиме купечка вода.“

„Си употребуваме само од природната вода, друга не пиеме“, велат жители на повеќе пелагониски села.

Од Центарот за јавно здравје во Битола велат дека ова е стар проблем кој се провлекува повеќе од десет години.

„Тоа се фекални бактерии кои не смеат да бидат присутни во водата за пиење зашто носат ризик од заразни болести. Дали ќе се манифестира една болест зависи од имунитетот на тој кој ја користи водата. Најосетливи се малите деца кои треба да пијат превриена или флаширана вода кога водата од водоводот е небезбедна со несигурен и непостојан квалитет“, вели докторката Емилија Богоевска, специјалист по хигиена во Центарот за јавно здравје.

Повеќето од овие водоводи се стари, дотраени, а биле изградени и без почитување на одредени стандарди. Не постојат санитарно заштитни зони околу каптажите, извориштата и резервоарите. Не се води грижа за нивно годишно одржување, нема механичко чистење на зафатите, а не се врши ни хемиско третирање на водата, поточно хлорирање.

„Кај локалното население не постои доволна едукација бидејќи и покрај заканата тие продолжуваат и понатаму да ја пијат водата. Сметаа дека се имуни, со години ја пијат водата и дека можат и понатаму да го прават тоа. Но, сепак за патогените бактерии нема имунитет“, додава Богоевска.

Законска обврска на секоја општина е да ги преземе селските водоводи и да ги префрли на јавните комунални претпријатија на одржување. Но, таа услуга во иднина би се плаќала, а досега има примери кога жителите не сакале да плаќаат за вода.

„Од теренско искуство и од разговор со директори на јавни комунални претпријатија респолагаме со информации дека и самите месни заедници кои се одговорни за селските водоводи не се согласуваат да ги предадат водоводите на комуналните претпријатија, најчесто поради финансиски причини оти не сакаат да платат за дадените услуги“, вели Богоевска.

Решение на овој проблем во иднина би имало доколку селските водоводи се приклучат кон градаскиот водоводен систем.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG