Достапни линкови

Уметникот на распетие помеѓу уметноста и политиката


Архивска фотографија: Уништената релјефна скулптура на Мефистофел во Санкт Петерсбург
Архивска фотографија: Уништената релјефна скулптура на Мефистофел во Санкт Петерсбург

Политиката секогаш цели кон тоа да ја (зло)употреби уметноста за да привлече што поголема маса на луѓе, а уметникот постојано е изложен на искушението дали да остане свој или да влезе во играта да биде пренесувач на одредена туѓа порака.

Историски гледано политиката секогаш настојувала да ги искористи уметниците за да пренесе некоја своја порака. Така било во ренесансата, па во класицизмот и се разбира и ден денес. Всушност политиката цели кон тоа да ја (зло)употреби уметноста за да привлече што поголема маса на луѓе, а уметникот безмалку секогаш е изложен на искушението дали да остане свој или за одреден надомест, позиција на општествената или ако милувате уметничката скала, да потпише пакт со Ѓаволот и влезе во играта да биде пренесувач на одредена политичка порака. Тоа е вечна борба и нешто што во суштина го следи уметникот, кој во основа се занимава со убавината. Се занимава со длабоките значења. Се занимава со некои подлабоки духовни нешта. Арно ама, кога ќе се допре до земските благодети уметникот автоматски е пред вратата која го води кон метаморфоза на неговото битие. Или, како што мнозина вистински творци, уметници знаат да кажат тој се губи себе си и станува гласник на туѓите пораки. На нечии интереси.

Од таму, а имајќи ги пред себе состојбите во општеството во коешто живееме, посебно сега во овој транзитивен период на кој ни оддалеку не му се гледа крајот и каде тонењето како да стана стил на живеење, не случајно еден уметник како Џијан Емин, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, ќе рече дека доколку уметникот „ја продаде душата, тој неминовно станува слуга некому“.

„Доколку уметникот ја продаде душата тогаш е готово. Нема веќе уметност. Тој станува слуга на некого. На нечии идеи. Уметникот кој и да е, каков и да е, со што и да се занимава тој е единствениот којшто може да го прави балансот во нашето живеење. Ајде да не кажам во универзумот. Единствено останува уметноста којашто може да се потруди да го направи тој баланс. Да биде противтежата. Да ги направи и да ги балансира работите барем во одреден момент. Луѓето знаат да препознаат кога има искрена, чиста и позитивна енергија. Можеби нема да ги најдат вистинските зборови во тој миг да го искажат тоа, но ќе речат чекај ова е добро. Дај да ја чуваме оваа енергија и да го заборавиме сето она што е дефект“, вели Џијан Емин.

Со слична мисла и скулпторот, музичар и мултимедијален уметник Дејан Спасовиќ. Тој забележува дека како и секогаш, така и денес, има луѓе коишто не сакаат да се допираат до политиката, но и такви кои реално го прават тоа. Можеби затоа што се „присилени“ или што од сесрце сакаат да бидат во машинеријата на политиката, односно да бидат гласноговорници на туѓите пораки, влијанија и интереси.

„Сè до оној момент додека цврсто стоиш на своите нозе и сакаш да ја пренесеш твојата лична творечка, хуманистичка порака, ти си блиску до себе и до твојата суштина како човек пред сè, а потоа и како уметник. Но, во првиот момент кога ќе почнеш да пренесуваш туѓи пораки, ти стануваш орудие во рацете на другите. Тогаш се губиш себе си и во тој момент „твојата уметност“ веќе го губи предзнакот уметност и станува обичен памфлет којшто нема никаква, а најмалку духовна вредност во себе“, ќе рече Спасовиќ.

Кон ова само уште и констатацијата дека во изминативе неколку децении кај нас во земјава не е мал е бројот на оние кои себе и сопственото творечко кредо го ставија во служба на политиката прилепувајќи се на едната или другата опција и станувајќи нејзини телали во искривувањето на реалноста во којашто живееме. Или поточно можеби „живуркаме“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG