Достапни линкови

„Демоните на баба ти“ на Спасовиќ како магнетофонска лента на животот


„Демоните на баба ти“, интерактивна изложба на уметникот Дејан Спасовиќ

„Демоните на баба ти“ е насловена третата самостојна интерактивна изложба на уметникот Дејан Спасовиќ што в четврток, на 15 јуни, во 19 часот, ќе биде отворена во Националната галерија на Македонија во Чифте амам. Ќе бидат претставени 12 кинетичко-музички скулптури изработени од отфрлени парчиња мебел и покуќнина чија цел е да нè соочат со сопствените демони и стравови кои се всушност различен облик од основниот страв – стравот од смртта.

„Умрев како минерал и се претворив во растение.

Од растение умрев и се претворив во животно-

Умрев како животно и се претворив во човек.

Тогаш зошто да се плашам од исчезнувањето низ смртта?

Следниот пат ќе умрам

Со вивнати крилја и пердуви како ангелите;

Потоа, возвивнувајќи се повисоко од ангелите –

Нешто што не можеш ни да го замислиш,

Во тоа ќе се претворам.“

Посегајќи по стиховите на персискиот филозоф, теолог, правник, поет и суфи мистик од 13 век – Мевлана Џелалудин Руми, македонскиот уметник Дејан Спасовиќ безмалку како да ја разоткрива суштината на својата трета самостојна интерактивна изложба на кинетичко-музички скулптури насловена „Демоните на баба ти“. Од 15 јуни, во Националната галерија на Македонија - Чифте амам, ќе бидат претставени 12 дела изработени од отфрлени парчиња мебел и покуќнина чија цел е да нè соочат со сопствените демони и стравови кои се всушност различен облик од основниот страв – стравот од смртта.

Преку „урбаната археологија“, како што го нарекува самиот процесот на пронаоѓање на материјалот за неговата изложба, тој всушност им наоѓа нова намена на предметите кои не му се потребни никому. Ги придвижува за да го поттикне гледачот да ги допре, им накалемува звук за да можат да ни ја раскажат нивната приказна. Затоа што, како што вели, „секој од предметите е како магнетофонска лента на нашите животи“.

„Изложбата ја нареков „Демоните на баба ти“ и тоа во себе носи многу поттекстови, многу поднаслови коишто јас не би сакал сите да ги откривам бидејќи во тоа е суштината на оваа постановка каде што секој треба себе си да си се препознае во сопствената приказна. А, скулптурите се еден т.н „тригер“ којшто ќе им овозможи на луѓето преку една наивна детска игра на интеракција да разберат нешто малце повеќе за себе самите и за работите што ги оставаат зад себе. За нештата којшто се отфрлени и ние понекогаш заборавајќи на нив, едноставно сакаме да ги фрлиме во подрумот на нашата потсвест“, вели тој.

Спасовиќ дополнува дека прикаската за „Демоните на баба ти“ е во суштина дека сите ние не сме почеток сами по себе, туку дека сме всушност напластени приказни од нашите предци. Дека работите ни се случуваат, според неговата филозофија, се тесно поврзани со оние што им се случувале на нашите предци.

Во однос на тоа што неговите скулптури произведуваат звук, уметникот знае да каже дека тоа е нешто што со себе го носи од најраната младост. Отсекогаш сакал да направи нешто што предизвикува звук. Дека тој така всушност и влегол во светот на музиката.

„Тоа е најпримарното нешто и основниот облик на почеток на учење на музика. Прво треба да се запознаеме со звуците околу нас, да ги почувствуваме, па дури потоа да ги составуваме за да влезат во некој склад. Еден вид детска игра што секој од нас ја поседува во себе и јас преку овие работи сакам да ја извадам таа детска игра кај луѓето за да тие се соочат со некои други работи што понекогаш најверојатно ги мачат, а немаат можност или начин да ги извадат од себе. Го користам звукот, музиката за преоѓање на некои други нивоа и свест“, вели тој.

Дејан истакнува дека треба искрено да им пристапиме на работите. Без нешто што претходно ни е препорачано, обезбедено, условено... Како што вели, „со самите наши потреби да влеземе во она што нам вистински ни треба“. Тоа, според уметникот, е потребата на крајот приказната, да се соочиме со самите себе и вистински да сфатиме кому му треба тоа што му треба.

„Јас не случајно ги користам сите овие отфрлени работи биејќи во поттекст на целата таа приказна е покажување со прст кон консумеризмот. Кон работите кои секојдневно ги купуваме и после тоа несвесно ги отфрламе во подруми, во контејнери, на улица, забораваме на нив, односно не се грижиме повеќе за тие работи. Јас сакам да ги земам тие работи, да ги вратам назад и што е уште поиронично да ги внесам во галерија, во едно ликовно претставување, и да има нешто што би ги навело луѓето да ги допрат тие работи, а тоа е звукот“, вели тој.

Прашан, пак, за наредните исчекори во музиката, Спасовиќ кој на пошироката публика и е познат по делувањето со ПЕЦЕ АТАНАСОВСКИ ОРКЕСТАР, СВИРАЧИЊА, СТАРОВСКИ, потсетува дека кај него визуелното и звучното од секогаш биле блиско поврзани. Дека секогаш кога работел на музичките проекти имал потреба во нив да има и визуелност и обратно.

„Работите некако циклично ми се случуваат, така што сега доаѓа време кога почнуваат да ме чешаат прстите за да се случи некој нов проект. Не би го исклучил тоа да биде тоа некакво продолжение на СТАРОВСКИ, но и да биде тоа нешто потполно различно. Секогаш сум подготвен за предизвици. Сакам да ја предизвикувам публиката. Ако се запрашаме и замислиме наназад и СТАРОВСКИ на некој начин беше соочување на публиката со заборавените поезии и заборавените музики. Она што постојано мене ме тишти е евокација со убавите работи. Се надевам дека наскоро ќе има оживување на нештото што сме го заборавиле и чека погоден момент самото да излезе“, вели уметникот.

И, мало потсетување. Дејан Спасовиќ е мултимедијален уметник и музичар. Како следбеник на легендарниот Пеце Атанасовски едно време беше член на Оркестарот што го формираа неговите бројни ученици, а во последниве неколку години заедно со Верица Недевска, Верица Андреевска – Спасовиќ, Круме Стефановски и Јордан Костов делуваат во рамките на кабаре-чалгија составот СТАРОВСКИ кој ја потпиша првата музичка антологија на македонска поезија насловена како „Прашинка љубов“.

Неговата музика може да се слушне во филмот „Влакна“ на Елеонора Венинова и документарецот „Волшебниот рид“ на Петар Џуровски, а бележита е и неговата твоечко-инструменталистичка соработка со француската пејачка Брижит Силва во „Дафина проект“ чија идеја се базира на истражувањата за фолклорот од неколку европски поднебја.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG