Достапни линкови

Врховен суд реагира до Антикорупциска дека постапува согласно законите


Влезот во зградата на Врховен суд

Од Врховниот суд денеска соопштија дека постапуваат согласно уставните и законските надлежности, применувајќи ги притоа Уставот, законите, меѓународните ратификувани договори, како и праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Реакцијата следи по вчерашното укажување на Државната комисија за спречување на корупцијата дека судиите на Врховниот суд против кои се отворени постапки во Судскиот совет за разрешување од функциите, не треба да учествуваат во расправата и одлучувањето на општата седница каде ќе се утврдува начелното правно мислење по поднесените иницијативи.

Според соопштението, судиите се раководат од законски предвидените основи за изземање, вклучително и субјективниот тест, односно дали судијата смета дека постојат околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност.

„Во досегашната пракса судиите кои постапуваат по конкретни предмети, секогаш се изземале во постапки во кои постоеле причини за изземање, вклучително и во постапки по предмети за кои се одлучувало на Општа седница, при што не подлегнуваат на било какви надворешни притисоци“ соопштуваат од Врховниот суд.

Од судот наведуваат и дека во текот на минатата година се донесени вкупно 150 решенија за изземање на судии, од кои 146 се донесени врз основа на барање на судија.

XS
SM
MD
LG