Достапни линкови

Скопје танцов театар догодина на сцената на прочуениот париски „Шајо“


Скопје танцов театар 2

Скопје танцов театар е првиот македонски театар и компанија која доби покана за гостување во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција. Настапот на македонските уметници во еден од симболите на светската културна елита е планиран за сезоната 2020/2021.

Сонот на Рисима Рисимкин, кореограф и уметнички директор на Скопје танцов театар, несомнено полека се обистинува. Нејзиниот, нашиот Скопје танцов театар, доби покана за гостување во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција. Во престижната институција и еден од симболите на светската културна елита македонските уметници ќе бидат гости во сезоната 2020/2021, во која патем „Шајо“ со програмски содржини кои му доликуваат на реномето и на големиот јубилеј ќе одбележи еден век од своето постоење.

Од таму, нималку не чуди кога Рисимкин вели дека е воодушевена од оваа покана. Таа појаснува дека Скопје танцов театар постои осум години, но дека заложбите на Интерарт културниот центар во изминативе 23, пак, се движат во насока на создавање на една современа танцова сцена кај нас. Од таму таа смета дека оваа покана за настап во легендарниот париски театар „Шајо“ е круна на нивната работа и потврда на квалитетот. Во контекст на ова ќе рече дека станува збор за театар каде што одите само со покана и кадешто програмата се прави две години однапред. Каде гостуваат најзначајните светски уметници од областа на танцот како што се Танцовата компанија на култната Пина Бауш, Филип Декуфле, Охад Нахрин и Батшева танцова компанија, Мерси Кенингем танцовата компанија, Кралскиот балет од Лондон, Париската опера ...кои таму се претставуваат со современи дела.

„После сите премрежиња кои ние ги имаме околу тоа на кој начин се бориме да опстанеме кај нас во државава, ова е едно огромно признание за нашата работа и за тоа колку всушност е препознаен квалитетот на тоа што го работиме. Тука се гледам себе како кореограф и Скопје танцов театар како компанија како уметници кои успеваат со својот квалитет и уметнички вредности, успева да влезе во високи, светски уметнички кругови. Тоа е привилегија и поттик и понатаму да работиме и да твориме, со цел да ја промовираме нашата работа, да бидеме препознаени од светската културна јавност и да ја пласираме нашата земја во врвот и друштво на најзначајни уметници. Ова е уште една потврда дека борбата и упорноста, за вистинските уметнички вредности не смее да запре, напротив, треба и понатаму да создаваме и креираме, како сите овие години, бидејќи успехот не изостанува“, истакнува Рисима.

Задоволството од ваквиот след на настаните, огромната радост што ја почувствувал кога дознал дека Скопје танцовиот театар е поканет да гостува во театарот „Шајо“, најголемата установа за современ танц во Франција, не го крие ни г-дин Емануел Рембер, советник за култура во француската амбасада.

„Кога работиме во светот на културата, некогаш може да се запрашаме себеси за што точно работиме, какви конкретни резултати имаме од сето она што го работиме. Но, еден ден, кога дознавате дека Скопје танцовиот театар е поканет во „Шајо“, кога тој ја слави стогодишнината од своето постоење, конечно сфаќате дека во културата треба да имате големо трпение и дека работите не се случуваат преку ноќ. Како што истакна Рисима, ова е резултат на дваесетгодишна соработка, која е навистина извонредна и успешно трае во континуитет. Изборот Скопје танцовиот театар да гостува во „Шајо“ со своја претстава е на некој начин крунисување и негов златен медал да речеме на Олимпијадата. Големи пофалби. Француската амбасада секако ќе биде тука и понатаму да ја дава потребната поддршка“, појаснува тој.

Театарот „Шајо“ како објект е изграден во 1878 година за светската ЕКСПО изложба. Дваесет и две години подоцна, во 1920, е формиран како прв Национален театар на светско ниво, а во 1948 станува седиште на Обиденитите нации, каде истата година е потпишана Универзалната повелба за човекови прави на ОН. Овој театар со своите бројни содржини во меѓувреме се издигна во едно од најпрестижните културни места во светот за современ танц, на ниво на Метрополитен операта во Њујорк.

Кон ова само уште мало потсетување дека Скопје танцов театар досега со успех се претставуваше на престижни сцени и фестивали во светот. Минатата година, единствената домашна современа танцова компанија имаше привилегија да се искачи на сцените на прчуениот „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија, на „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД и повеќепати во театрите во Пекинг, Кина.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG