Достапни линкови

Потребно е воведување систем во културата


„Култура е насловната страница на секое општество“ е насловена иницијативата на неколку невладини организации како Локомотива, Кино Култура, АКТО фестивал, Интерарт културен центар и други кои ја предочија потребата од посериозно системско планирање и развој на културата.

Поттикнати од резултатите од Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2019 година и актуелните состојби во културата, неколку невладини организации како Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, Театар на Навигатор Цветко, Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура, Факултет за работи што не се учат, АКТО Фестивал за современи уметности, Интерарт културен центар - Танц Фест Скопје и Скопје танцов театар и ПМГ Рекордингс за почеток, со нова иницијативе насловена „Култура е насловната страница на секое општество“.

Тие во својот проглас до културната и воопшто до јавноста пишуваат дека како долгогодишни културни оператори со големо влијание во развојот на современата уметничка сцена, директно влијание на развојот на млади уметници и културни работници и создавање можности за нивна работа и промоција во Македонија и во странство, креатори на нови културни простори и публика со интерес за современа култура и уметност, покренуваат инцијатива за промена на ваквиот третман кон културата и уметноста и конечна разврска и решавање на проблемите со кои културните работници во државава катадневно и со години наназад се соочуваат.

Притоа бараат средба со премиерот на Република Македонија, министерот за култура на Република Македонија, советникот за култура на премиерот, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка, транспарентна ревизија на поддржаните проекти и повторно разгледување на одбиените проекти во сите дејности од Годишниот конкурс за програми од национален интерес, воспоставување на нови и јасно мерливи критериуми за оценување и одлучување, зголемување на буџетот за поддршка на културни и уметнички програми и финализација и ставање во функција на новиот Закон за јавен интерес во културата.

„Нашето долгогодишно искуство во сферата на културата и постигнатите успеси во земјата и надвор од неа јасно зборуваат за нашиот кредибилитет и капацитет за натамошно делување. Ние ќе предложиме мерки преку кои овие прашања можат да се решат, како и примери на кој начин овие прашања се решени и како се третираат во други земји со цел да создадеме ново, чисто и јасно поле за делување во културата. Нашата иницијатива е основана со цел за да се избориме за воведување на систем кој ќе помогне во понатамошното делување во културата и правилен развој и негување на културните вредности во едно општество за сите. Сакаме да помогнеме и да укажеме и во иднина да делуваме според утврдени правила кои ќе обезбедат овие услови да се спроведат“, истакнува Рисима Рисимкин од Интерарт културен центар.

Таа и со барање да бидат препознаени нивните заложби и средбата што ја бараат да се случи во најкраток можен рок.

Билјана Тануровска Ќулавковски, како менаџер и претставничка на неколку организации од културата, заговара не само транспарентната ревизија на поддржаните проекти и туку и повторното разгледување на одбиените проекти во сите дејности од Годишниот конкурс за програми од национален интерес.

Потписниците на идејата и со барање „конечно да се воведат критериуми за да се избегнат сите малверзации и неправилности во доделувањето на средства и начинот на делување на културните работници во иднина“. Тие сметаа дека „воведувањето на јасни и мерливи критериуми ќе помогне во воспоставување на толку пожелуваниот систем со кој ќе се распределуваат средствата во конкурсите за програми од национален интерес“. Систем кој ќе овозможи „секој поединец или група да даде максимален придонес во општеството преку своето делување во културата“ и воведување на критериумот „одговорност“ кој би овозможил санкционирање на неправилното работење и на ненаменското трошење на доделените средства.

Виолета Качакова, од Локомотива - Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, потенцира дека и пред да се говори за неопходното зголемување на буџетот за култура, треба да се има јасни механизми на кој начин се распределуваат постојните средства.

„Очигледна е потребата дека овој Буџет треба да се зголеми, но кога зборувам за буџетот за култура не зборувам за буџетот на Министерството за култура, туку за буџетот кој конкретно ќе оди за поддршка на културни и уметнички програми водени од културните оператори во земјата“, вели Качакова.

Таа и со дополна дека конечно треба да биде донесен и Законот за јавен интерес во културата на кој се работеше во текот на минатата година и „кој не се заврши иако министерот на неколку пати кажа дека тоа е од примарен интерес на неговото министерство“, а неговото незавршување остави некои структурни промени што требаше да се случуваат да бидат турнати на страна и да не се случуваат.

Во овој контекст, Мирко Попов од ПМГ Рикордингс, не случајно вели дека Македонија во последно време за три работи се најде на насловните страници во светските медиуми – едната е решавањето на наметнатиот историски спор со нашиот сосед Грција, втората рушењето на рекорди по загаденост на главниот град Скопје и третата, онаа убавата, успехот на македонските филмаџии олицетворен преку филмовите „Медена земја“, „Исцелител“ и „Господ постои и името и е Петрунија“...

„Културата е единствениот начин преку кој ние можеме да ги претставиме сопствените дострели во светските медиуми. Тоа воедно е и моментот кога сами себе можеме да си кажеме „па добри сме“ и да не размислуваме да ја напуштиме земјава. Културата е она кое нè тера да кажеме дека е добро да си Македонец, дека е добро да си граѓанин на оваа држава. Затоа истата таа треба да обезбеди минимум услови и средства да се чувствуваат безбедно вистинските уметности и дејци во културата“, заклучува Попов.

Кон иницијативата „Култура е насловната страница на секое општество“ приклучување најавија и други невладини организации како Скопје џез фестивал, Тошо Филиповски – авторот на Македонската рок енциклопедија и други.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG