Достапни линкови

Рисимкин: Танц фест е бисер на уметноста во Македонија


Со програма посветена на младите танчери и кореографи, под мотото „Идентитети што не смеат да се пропуштат“, од 4 до 23 април, на неколку сцени во земјава, ќе се одржи 15-то јубилејно издание на Танц фест, манифестацијата која и по толку години никако да ја добие подршката што одамна ја заслужува.

Постои една огорченост во смисла на третманот на општеството, на околината, на авторитетите коишто треба всушност да дадат поддршка на она што се нарекува развојна култура, а во која секако спаѓа и Танц фест со развојот на современата танцова сцена во Македонија. Меѓутоа програмата што ќе ја понудиме годинава ќе ја покаже силата и моќта којашто Танц фест успеа, на некој начин, да ја обезбеди во изминативе 15 години и да покажеме една нова генерација на млади уметници коишто се тука и не смеат да бидат игнорирани на ниеден начин. Од таму и мотото за јубилејното издание на манифестацијата „Идентитети што не смеат да се пропуштат!!!“ бидејќи ние и како земја во моментов се бориме за зачувување на идентитетот. Не знам зошто и во уметноста не би опстанале и не би им помогнале на младите што треба да останат во Македонија и тука да се развиваат.

Вака кореографката, педагогот и движечката сила на Танц фест Рисима Рисимкин ќе ја отвори душата во пресрет на 15-то јубилејно издание на Фестивалот, кое генерално со програма посветена на младите танчери и кореографи, на неколку сцени во земјава, ќе се одржи од 4 до 23 април. Отворањето е планирано да се случи во Македонскиот народен театар со претставата „Идентитети“ на Скопје танцов театар и со доделување на наградата МЕНАДА за врвни остварувања во областа на танцот, која овојпат и припадна на кинеската кореографка, танчарка и уметничка директорка на Интернационалниот фестивал „The New“ од Пекинг – Зао Шји.

„Јас навистина не сакам да кажувам ништо што ќе има декларативен призвук и сметам дека секој оној којшто од било каква позиција на моќ излага и зборува дека „ние работиме за тоа дека младите треба да останат во Македонија“, еве ние им даваме една можност нека не видат годинава на Танц фест и нека им овозможат на тие млади луѓе да останат тука, што значи да се направат соодветни услови, начинот на финансирање во Министерство за култура да биде точен, прецизен, со јасни критериуми, да се додели Центар, простор во кој овие млади уметници ќе можат да работат, „Инкубатор“ да си го најде своето место во Скопје и така со ред“, вели Рисимкин.

Говорејќи за годинашната програма креирана под силен притисок од јубилејот од една страна и немањето слух во ресорното министерство за вистинските големи и значајни манифестации кај нас, Рисима со забелешка дека Танц фест е секогаш иновативен. Дека тие секогаш гледаат да најдат нов момент којшто би можеле да го потенцираат. Вели дека со оглед на тоа дека безмалку цела една деценија работат на создавање на едно јадро на млади уметници на коишто им е овозможена европска едукација преку партнерството со холандската Ротердам танц академија за современ танц како една од најдобрите во светот. Уверува дека на тој начин тие увезле едукација на европско ниво којашто овде кај нас дотогаш била непознаница. Дека на Македонија и подариле една таква академија којашто за нивна среќа е препознаена на Универзитетот „Гоце Делчев“ кадешто се работи под државна квота. Од таму и потребата како новина за јубилејот да биде воведена наградата МЕНАДА за млади уметници чија основна цел е да ги стимулира токму овие творци.

„Има млади уметници, една нова генерација на млади уметници од Македонија којшто работат и во земјава и во странство и којшто треба исто така да добијат некаков поттик за својата дејност. Во тој контекст ние минатата година формиравме една комисија којашто во изминатиот период ја следеше работата на младите уметници овде кај нас дома и во странство и донесоа одлука кому ќе му припадне таа МЕНАДА за млад уметник и, повторно ќе кажам, во насока на поттикнување и стимулирање на она што тие го работат“, смета Рисимкин.

Прашана за тоа зошто современиот танц и по цела една деценија од постоење на еден голем фестивал како Танц фест сеуште онака како што доликува никако да биде препознаен од државата, таа со појаснување дека треба да помине уште некое време најнапред за општа едукација, а потем и за едукација на кадри кои ќе се борат за сопствената видливост. Но наедно, таа и со дополна дека всушност проблемот е она на што тие веднаш укажаа по објавувањето на резултатите од Конкурсот за проекти од национален интерес на Министерството за култура а тоа е дека „не постојат реални критериуми по којшто ќе се оценуваат нештата кои одредени уметници и институции, фестивали ги извршуваат во Македонија“.

„За жал уметничкиот квалитет зависи од добра волја на поединци кои во тој момент се наоѓаат на некаква власт. Не зборувам оваа, минатата, предминатата или некоја трета власт. Општо земено во овие 15 години се промениле повеќе политички номенклатури. Фестивалот бил до некаде признаен за потем пак да се врати назад. Навистина не знам од кој причини и затоа велам дека зависел од добрата или лоша волја на некои поединци коишто само го користат моментот, бидејќи се во тој момент на власт, и не рабираат какви последици прават понатаму и каква штета оставаат зад себе. Ќе дојдат и по некои свои критериуми ќе поделат средства. Но, еве се гледа по една година тие заминуваат. Министрите се менуваат, а ние остануваме и се бориме да преживееме и секогаш да имаме врвна програма“, истакнува Рисима.

А, во однос на препознавањето кореографката потсетува дека Скопје танцов театар минатата година беше на најзначајните фестивали во светот. Потсетува дека Холанд денс фестивал во Европа и во светот е на рамниште на она што е Берлинале во филмот. Но, како што ќе рече, тоа е современ танц и не е доволно познато кај нас.

„Ние со Скопје танцов театар бевме и во Њујорк на 37 издание на тамошниот фестивал. Бевме и во Кина на Интернационалниот танц фестивал во Пекинг, а дома се бориме за основни средства што треба да ни ги доделат за една плејада на млади уметници да можат да преживуваат од уметноста на којашто максимално и се посветени и ја сакаат и од љубов остануваат во татковината да работат и да творат“, вели професорката.

Конечно, на прашањето дали можеби во еден момент ваквиот однос на државата не ја предизвикал да си каже „е доста беше“ Рисимкин со одговор дека „тоа едноставно не може да се случи“.

„Јас моето постоење си го врзувам со мојата работа. Толку многу е создадено, толку многу млади луѓе има тука коишто на некој начин зависат и од мојата присутност во државата што тоа не треба да се случи. На неколку пати имав можност и сеуште имам за да работам во странство, но ни на крај памет не ми паѓа да се решам за една таква солуција. Останувам во Македонија затоа што не сакам ова што сме го почнале и досега сме го сработиле да пропадне. Танц фест во изминатите 15 години овозможи да се оформува структурата за современ танц. Пример за тоа ми е Академијата која еве застанува на државни нозе. Ние мора да продолжиме натаму бидејќи се* друго би значело некаков пораз и залудно потрошен труд во изминатите години. Јас никогаш нема да речам доста е, туку ќе им речам на другите „Доста е!“. Не себе си. Доста ми е од ваков однос. Ќе побарам нешто да измениме, нешто да направиме убаво. Во ова земја да се случуваат убави нешта“, вели Рисима.

Таа ќе рече и тоа дека била исклучително горда кога Танц фест излегувал на насловните страници на магазини како „Dance Europe“ или „Dance For You“ што ги чита цела Европа и каде што луѓето разбираат што се случува.

„Ние не сме само ревијален фестивал којшто ете сега има или нема буџет а носи светски имиња. Дека на одреден начин и влијае на вкусот на публиката. Нашиот фестивал има една поголема и поважна димензија а тоа е импактот којшто го создава директно на македонската уметничка сцена во целост. Оваа година на него има млади уметници не само од танцот, туку и во рамките на „Инкубатор“ и од музиката, визуелната уметност...Ние се обидуваме да им дадеме шанса на младите да продуцираат. И овој фестивал направи еден извонреден пресврт на македонската танцова сцена за овие 15 години што значи дека е многу квалитетен во таа мисија. Еве ќе го споменам Холанд денс фестивал кој освен што има огромен буџет и носи големи претстави, работи во комуната. Работи со општеството. Работи со младите. На некој начин ја помага современата уметничка сцена во Холандија, а тоа го прави и нашиов Танц фест. И затоа ќе се осмелам да кажам дека го сметам Танц фест за бисер на уметноста во Македонија. Можеби некој се согласува, можеби некој не...меѓутоа фактите зборуваат за тоа. А, нели, пред фактите и боговите молчат“, категорична е Рисимкин.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG