Достапни линкови

Лалиќ: Секое уметничко дело треба да има функција на искривено огледало


Владимир Лалиќ
Владимир Лалиќ

Во периодот од 25 јуни до 5 јули, во Галеријата на Младинскиот културен центар, во рамките на јубилејното 40-то Скопско лето, се одржува изложбата на српскиот уметник Владимир Лалиќ во која акцентот е ставен на бесмисленото талкање на современиот човек во денешно време.

Уметникот Владимир Лалиќ навлегува длабоко во човековата природа и таму ги открива најскриените својства, тајни и несовршености кои го претставуваат вистинското, грдо лице на современиот човек. Неговиот уникатен пристап кон цртањето му дозволува да креира различни, контемплативни дела и постојано да експериментира. Претставени на изложбата со навестувачки назив „Разоткривање“ („Divulgence“), неговите најнови дела продолжуваат да ја истражуваат грешноста на душата и воведуваат нови елементи, како во смисла на изведбата, така и во смисла на формата.

Ова ќе го напише Ана Бамбиќ Костов во анализата печатена во каталогот за изложбата на белградскиот уметник Владимир Лалиќ на Скопско лето, која во организација на 3Г Доминиум културно јадро и Музеј на град Скопје, од 25 јуни до 5 јули, се одржува во Галеријата на Младински културен центар.

Авторот говорејќи за „Разоткривање“, за потребата да се разоткрие себе или светот околу себе, првично ќе рече дека „ едноставно луѓето гледајќи ги неговите дела можеби разоткриваат нешто во себе“.

„Верувам дека секое уметничко дело кое би требало нешто да значи има некој вид на функција на искривено огледало кадешто нашата реалност се гледа на еден чист начин. „Разоткривање“ само по себе мене ми беше интересно токму во периодот од мојот живот во кој имаше многу турбулентни нешта. Кога цртежите беа во некоја рака еден вид мој автобиографски дневник. Дневник каде не ги испишувам, туку ги исцртувам страниците и каде цртајќи ги фигурите кои анатомски не се точни, значи се дисторзирани, дојдов до заклучок дека тие се некаков симбол и некој вид на внатрешна борба и емоција која излегува на тој начин. Тоа беа некои цртежи што ги работев во миговите додека лежев и закрепнував од операцијата, кога чувствував потреба да искажам некои работи или прикажам некои ликови кои во тие мигови ми недостигаат или можеби и не можам да ги разберам. Затоа мислам дека и не постои подорар начин да се разоткрие нешто од цртежот. Цртежот кој е најдиректна дисциплина и цртежот кој ја љубам да го негувам, а тоа е да црташ екстериер како што би го видел ентериерот. Тука мислам на човечкиот ентериер, самата таа слоевитост на човекот со која јас се занимавам подолго време. И до која сега се обидов да дојдам малку погоре работејќи на плексиглас, на материјалот кој не е хартија и кој не е вообичаен и кој е провиден и каде можам да ја добијам таа слоевитост на повеќе листови плексиглас каде што градам, односно го раслојувам човекот“, вели Лалиќ.

Тој и со појаснување дека на изложбата во Скопје премиерно ги претставил и своите први слики на плексиглас настанати непосредно пред реализацијата на оваа поставка.

Роден 1983 година во Белград, Владимир Лалиќ дипломирал на Факултетот за применети уметности на Универзитетот во Белград во 2008 година. Истата година запишува специјализација на Факултетот за ликовни уметности во родниот град на отсекот графика и работи како демонстратор на ФПУ се до 2012 година.

Тој ѝ припаѓа на средната генерација на ликовни уметници и зад себе има бројни претставувања ширум светот, меѓу кои и во Франција, Италија, Германија... Добитник е на неколку значајни признанија меѓу кои и наградата за сликарство Prih-Paul-Louis Weiller за 2017 година, доделена од Француската академија, а за која бил предложен од познатиот сликар и академик Владимир Величковиќ. Оваа награда им се доделува на исклучително талентирани автори кои дале голем придонес за развојот на сликарството. Истата 2017 година, Владимир Лалиќ ја добил и специјалната награда на жирито во Трст, Италија, на конкурсот за визуелни уметности - LYNX. Овој исклучителен млад автор со раскошен цртачки талент се котира многу високо на меѓународната ликовна сцена и неговите дела се наоѓаат во многу приватни колекции и музејски поставки.

Интересен е податокот дека Владимир Лалиќ не е само визуелен уметник. Тој, истовремено се занимава и со музика. Долгогодишен член е на хорот Viva Vox и досега има настапувано на повеќе оперски претстави и концерти ширум светот, а неговото второ звуковно алтерего е високо кренато во делувањето на бендот ORGANIZED CHAOS кој пролетва настапувал во Чиле. Од таму сосема разбирливо е што Лалиќ е препознатлив и по инкорпорирањето на сопствениот музички талент во своите дела.

Прашан за тоа дали токму користењето на таа комбинирана техника туш и офсет боја на плексиглас е патот по кој натаму ќе се движи како творец, уметникот знае да каже дека тоа е она што во моментот го опседнува. Дека сите оние незавршени цртежи кои се таложеле низ времето во неговото ателје тој во еден миг почнал да ги сечи, деконструира и уништува за да во еден момент тие не добијат еден нов облик, свој нов живот во облик на колажи.

„Тој паралелен пат на цртежи и колажи и цртежи на плексиглас е нешто кон кое сега се стремам. Нешто што можеше да го види и публиката во Париз пред неколку месеци и тоа е тој прв сегмент на „Разоткривање“ или „Divulgence“, нешто што има значење на разслојување или на длабинска потрага. Дури сето тоа може да се прочита на некаков политички начин. Кога некого ќе го разоткриеш, кога ќе го откриеш некого што работел и што работи во мигот. Дури сето тоа може да се гледа и социолошки“, појаснува уметникот.

Лалиќ, во продолжение, говорејќи за тоа дали и колку политичката состојба во Србија и воопшто во регионот влијаела на неговото творештво ќе рече дека тој првенствено не е политичко битие, но дека не може да се скрие дека уметниците се сунѓер што го впива сето она што се случува околу нив.

„Првенствено јас не сум политичко битие. Политиката не е нешто својствено за мене. Јас повеќе се движам кон интроспекцијата, кон мојот солистички, индивидуален пат. Било каде, во било која држава и да сум, и било што да се случува околу мене. Меѓутоа сите ние, посебно уметниците, сме сунѓер што го впива сето она што се случува околу нас. Сакал јас или не, тие фигури се трансформираат и во одреден момент добиваат контури на луѓето кои постојано се појавуваат на телевизија, во весниците. Тука се и некои глави кои имаат само уста и еден куп микрофони околу нив... Јас не бегам од ништо. Не е тоа главната моја поента на она што јас сакам да го пропагирам но сепак е присутно. Се проврело во сликите, бидејќи сепак живееме во турбулентни времиња во исто такви држави. Мнозина се родени во една, станале луѓе во друга...а никогаш не се мрднале од местото. Тоа е чуден парадокс, на кој јас сепак и не му давам толкаво значење. Ако некој сака тоа да го прочита во моите дела, тоа сепак е резултат на погледот во искривеното огледало кого него повеќе го погодува отколку мене“, смета Владимир.

Нему, како што потенцира, му е драго дека неговите слики се видени на разни делови во светот што е најубавата потврда дека тој твори на универзален јазик.

„Јас се бавам со портрети. Со човекот, со телото. Се бавам со емоциите. Со оние бруталните и искрените емоции. Некој на отворањето на изложбата во Скопје ми спомна дека од неа не можеш да си заминеш рамнодушен. Може да ти се допадне или можеби не, но дефинитивно ќе те натера нешто да ти се придвижи во стомакот. Такви коментари добив и во Париз, Њујорк и во други градови и други држави. Јас не сакам да стои некој текст покрај моите дела за да се објасни она што сум сакал да го кажам иако секое од нив си има своја приказна. Мислам дека секое дело мора да има визуелен импакт кој на човекот во мозокот ќе му направи еден вид лузна. Визуелна лузна. И дека тој таа сцена ќе ја запамти. Тоа е навистина тешко. Можеби и ќе направам некое такво дело во животот. Јас всушност сакам себе да се изненадам. Тогаш кога работиш долго во ателјето и се будиш утрото потоа и трчаш таму за да видиш што си сторил некаде длабоко во ноќта. Што е она што ќе те затекне на масата. Тоа чувство кога ќе дојдеш и не си сигурен од каде сето тоа потекнало. Мислам дека тоа е таа врвна цел кон која треба да се оди“, вели тој..

Од друга страна, Лалиќ е дециден дека во оваа своја ликовна приказна не влегол преку стрипот. Дури истакнува дека тој не го сака стрипот и дека никогаш не читал стрипови.

Од мојата рана возраст им се воодушевував на Микеланџело, на Гоја, Рембрант, на сите сликари кои многу го ценеле цртежот. Кои ја допирале графиката. Затоа и почнав со неа. Парадоксално што завршив Факултет за применети уметности, но илустрациите и книгите никогаш и не ме интересираа. Јас едвај чекав да се вратам во графичката работилница и да ги изучувам киселините, акватинтата... Немам ништо против новите технологии во графиката, но сметам дека сето тоа се играчки. Најважно притоа е ти како автор да не станеш играчка. Тие можат да бидат само алатки. Денес има толку интересни работи што можеш веднаш да ги искористиш што тие можат да те вовлечат во вирот и да станеш нешто друго. Ако си го сочуваш својот ракопис, а тоа кај мене се цртежот и чувството за композиција, се до моментот додека е тоа читливо во делото сето тоа е одлично. Јас долго време работеф традиционална графика само за да би го усовршил процесот на работа. Дури едно време бев асистент на тој оддел. Сето тоа мораше да помине, но и тогаш со потрагите. Најнапред лепев стикери преку маиците, потем цртежи, па дигитално преку аналогното. Тоа е макотрпна игра затоа што целиот тој занает е со големо З. И тоа мора да се научи. Да се знаат постојните правила. Постојано мора да се истражува. Еве сега дојде ред на плексигласот каде некој од нив има некаков фотопринт, па преку него графика, па и цртеж...а во некои е имплементиран и звучник каде се поместени некои какофонични композиции направени само со мојот глас. Каде што јас имитирам монголско пеење, каде се викам гласно, креирам бучава или кокетирам со оперското пеење со кое се бавев долги години“, вели тој.

На овој начин тој го отвора и прашањето за сопствените потраги во современата музика. Вели дека тоа морало да се случи во еден момент. Дека паралелно живее два уметнички живота, како ликовен уметник и музичар, и дека луѓето секогаш го прашувале дали е сликар или е пејач.

„Никогаш не сум сакал да се определувам во тој смисол бидејќи тоа се две љубови кои не можам, ниту сакам да ги пуштам. Секако дека е попрофесионален тој сегмент на визуелно и ликовно творештво, но еве се случи и ова со музиката. Со хорот VIVA VOX и со бендот ORGANIZED CHAOS. И тоа доста случајно. Иако луѓето од поодамна ми велеа дека треба да ги спојам тие две работи, не е тоа нешто што може едноставно и плански да се прави. Еве денеска ова не го правев, ќе го сторам утре. Како што почнав да работам на едни фолии и т.н. Едноставно ги слушав миксовите на своите песни и таму каде што падна фолијата преку звучникот и јас видов дека таа „свири“, односно дека звучникот е под неа, дека се произвел некаков звук, едноставно се случи таа симбиоза и конечно ми стана јасно дека е сега ова има смисла затоа што тој цртеж го цртав врз основа на текстот на песната што сум ја напишал и обратно. Значи, постои едно оправдување, интелектуално, визуелно и звучно, што мене ми е многу битно. Дека не е некој штос, некоја фора што сега често се применува во современото творештво. Од таму ми стана интересно да ги спојам тие работи и сметам дека ќе продолжам и натаму во тој правец“, вели Владимир Лалиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG