Достапни линкови

„Магла“ како креирање простор каде сè може да се случи


Плакатот за изложбата „Магла“

„Магла“ е насловен проектот на четворица косовски и еден австриски уметник - Луан Бајрактари, Газменд Ејупи, Дритон Селмани, Фатмир Мустафа Карло и Алберт Алгајер, што од 13 јуни до 2 јули, ќе биде изложен во „Мала станица“ во Скопје. Куратор е познатиот Ави Лубин од Израел.

Националната Галерија на Република Северна Македонија во соработка со Националната галерија на Република Косово, од 13 јуни до 2 јули, во мултимедијалниот центар Мала станица, ќе го претстави проектот „Магла“, кој заеднички го потпишуваат четворица косовски и еден австриски уметник - Луан Бајрактари, Газменд Ејупи, Дритон Селмани, Фатмир Мустафа Карло и Алберт Алгајер. Приредувач на изложбата е прочуениот Ави Лубин од Израел, овогодинешниот куратор на израелскиот павилјон на Венецијанското биенале, а организатор на поставката во нашата земја е Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија.

Во пресрет на отварањето на поставката, ќе биде забележано дека концептот на „Магла“ е поврзан со неколку суштини кои се актуелни за сите млади држави, посебно за оние кои настанаа по конфликтот и распадот на поранешна Југославија, како Косово и Македонија впрочем. Од таму и прашањата: Што се подразбира под тоа да бидеш делумно признаена држава? Што значи да бидеш оспорена територија?

И, потем констатацијата дека „изложбата доаѓа во време на геополитички стрес, фрустрацијата со политичкиот моментум и нестабилност, кога не знаеш што да очекуваш и како да се однесуваш, па затоа бара да размислуваш за потенцијалот кој го содржи оваа маглива реалност и да размислуваш за фактот дека недостатокот на јаснотија може да создаде нови патеки на гледање“.

Алберт Алгаер
Алберт Алгаер

Од таму всушност проектот „Магла“, како што ќе забележи кураторот Лубин, упатил покана до уметниците учесници да размислуваат за Националната галерија како една не-земја, или како бивша територија, и на тој став да понудат свои видувања, свои одговори.

Говорејќи за него, Ави ќе рече дека започнал пред една година кога од Националната галерија на Косово стигнал повикот да направи нешто таму и тој започнал да размислува за улогата на уметноста во земји како Косово, Македонија, Израел, каде што имало многу насилство и војни во последниве декади. Тој и со дополна дека изложбата ја именувал како „Магла“ затоа што првиот пат кога доаѓал неговиот авион не можел да слета и бил принуден да бара алтернативни решенија. Но, самиот тој факт го натерал да бара одговори на нештата таму каде што не се гледа. Да се обиде заедно со уметниците да ги гледаат работите поинаку. Да гледаат на проблемите како нов начин на размислување.

„За да се разбере оваа уметност мора да имате нов поглед на размислување за конфликтот, за насилството, за војната... Понекогаш политиката, државата, земјата и не се толку успешни во барањето решенија или начини како да се разговара. Затоа можеби уметноста, ослободена од политика, од категории, од фрустрациите на различни луѓе, различни религии, различни нации, може да го стори тоа. Да отвори простор за комуникација која нема со ништо да биде ограничена. Затоа на уметниците им беше оставена слобода да прават што сакаат. Дури тие не мораа да ја говорат вистината или да мислат на физичките ограничуваат од светот околу нив. Изложбата се обиде да креира простор каде се може да се случи и се да биде реално“, смета Ави Лубин.

Ави Лубин
Ави Лубин

Кураторот ќе рече и тоа дека посетителите на „Магла“ најубаво би било за миг да заборават дека во случајов станува збор за изложба, за уметност и да мислат дека се на место кое нуди нешто кое не мора да се категоризира. Кое не мора да биде оградено со категориите кои постојат во реалноста.

Инаку, Ави Лубин е независен кустос и Раководител на теоретските студии при Програмата за постдипломски студии за современа ликовна уметност, на Колеџот за уметност Хамидраша. Тој е основач и ко-уредник на „Тоху“, што е независна тријазична онлајн уметничка публикација (се објавува на еврејски, арапски и англиски јазик). Меѓу неговите кураторски дела спаѓаат лични и групни изложби, од кои позначајни се Школата за уметност на Музејот на уметноста во Тел Авив (Павилјонот Хелена Рубинштајн); Мрачни времиња во Галеријата на уметноста на Универзитетот Шрајбер, Универзитетот во Тел Авив; Скриениот патник во Апехарт, Њујорк; Кружни движења во Кунствереин Кунстхаус, Потсдам; Белег и ентропија во Студијата на уметници &#39, Ерусалим, Парадоксот на дедо во Галеријата Челуш, Тел Авив; Уметнички проекти ON-OFF, Хамбург; Основи во Sommer Contemporary, Тел Авив; и Крајот на историјата во Künstlerhaus Speckstraße и Kutscherhäuser, Хамбург.

Дритон Селмани
Дритон Селмани

Од друга страна, домашната ликовна публика ќе има можност преку проектот „Магла“да се сретне и со неколку значајни уметници од Косово и со еден од Австрија.

Алберт Алгајер, роден во Брегенз (Австрија), студирал Конкретна поезија во Јокохама Ширицу Даигаку и на Школата за дизајн во Хонг Конг и Јапонски студии на Виенскиот универзитет. Тој е ко-финансиер на GRUPPE UNO WIEN. Кустос на Биенале Брегенз во 2012, 2014, 2016 и 2018 година. Тој не крие дека негов сон е да отвори ќебапчилница во Истанбул.

Праксата на Газменд Ејупи, пак, се фокусира на социјално спротивставените идентитети во миграциската култура. Негов главен медиум е филмот; тој користи рачна камера, директни интервјуа и непреработени снимки, за да постигне едноставна и убедлива приказна, притоа истакнувајќи ги неговите досетливи социјални размислувања. Порано неговите дела ја истражувале неможноста да се одвои уметноста од животот и како таквото постапување придонесува за обликување на нашата визија за општеството.

Луан Бајрактари е уметник од Косово, кој живее во Виена. По студиите за скулптура во Приштина, тој заминува за Италија, каде ги продолжува своите студии на Академијата за ликовна уметност во Перуџа. Делата на Бајрактари се концентрираат главно на развојот на креативната лабораторија на секојдневието, со нештата кои му припаѓаат на истото. Неговата пракса се артикулира преку општествените дејствија во облик на керамика, скулптура, цртежи и инсталациите каде концептот е главен.

Дритон Селмани (1987) живее и работи во Приштина. Тој има студирано на Универзитетот ААБ во Приштина, и магистерските студии на Универзитот за ликовна уметност во Бормут, во Обединетото Кралство. Селмани ѝ пристапува на идејата на перципирана реалност преку деконструкција на оформувањето на општествените, политичките и културолошките теми, кои се отелотворени околу него. На млада возраст, од него се барало да обожува држава која веќе не постоела, што влијаело врз формирањето на основа за скептицизам кон било каква претпоставена реалност која му се нуди. Подоцна, тој го искористил тоа како корисна алатка за градење на неговата верба во визуелни уметнички дела. Во 1999 година, старите слики ги заменил со нови: орнаментите на претходниот простор се обновија за да се откријат со нови значења, но повторно, со нова несигурност. Селмани се конфронтира себеси како гледач на овој “тековен настан“, но првично се поставува себеси како актер, играјќи ја својата претстава која се заснова врз неговата лична историја, убедувања и сомнежи.

Фатмир Мустафа - Карло
Фатмир Мустафа - Карло

Конечно Фатмир Мустафа - Карло (1984, Коњаре) е уметник од Косово. Студирал на Академијата за уметност во Приштина а магистерски студии завршил на Универзитот за уметност во Хелсинки, Куватаидеакатемија, Катедрата за скулптура. Неговото дело има за цел да навлезе во социјалните и политички парадокси, кои се случуваат во земјата во која живее. Тој секогаш испитува и се конфронтира, и честопати го предизвикува она што се смета за очигледно.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG