Достапни линкови

Јаневска-Илиева и Жерновски играјќи со светлината до одговори за „Вкрстување“


„Приватни демони“ е насловен заедничкиот проект на фоторепортерката Маја Јаневска Илиева и нејзиниот соработник, ликовниот уметник Велимир Жерновски, што од 27 до 30 јуни, во рамките на Саемот за уметност „Ин-Ситу“, ќе се одржи во Младински културен центар во Скопје.

Со Велимир Жерновски се познаваме одамна и ние сме добри другари. Оваа соработка започна многу спонтано на една седенка кај една наша заедничка пријателка објаснувајќи што се можат да направат паметните телефони денес. Го отворив својот телефон и сакав на сите да им кажам дека може да направи фотографија со техниката цртање со светлина. Притоа Велимир со светилка започна со интервенциите цртајќи ги некои од неговите „суштества“. Резултатот беше воодушевувачки за сите и се договоривме дека некогаш понатаму ова мора да го преточиме во нешто посериозно. Да го снимиме со попрофесионална опрема и соработкава да ни биде поплодотворна.

Вака Маја Јаневска Илиева, фоторепортерка во весникот „Нова Македонија“ и дипломиран архитект, на нецело едно деноноќие пред отворањето на изложбата, ќе ја започне приказната за заедничкиот проект „Приватни демони“ со уметникот Велимир Жерновски, што во рамките на четвртото издание на Саемот за уметност „Ин Ситу“, од 27 до 30 јуни, ќе биде претставен во Младински културен центар во Скопје.

Таа во продолжение истакнува дека не многу потоа случајно добила покана за учество на Саемот и кога размислувала како да одговори на годинешната тема „Вкрстување“ и низ главата вртела два концепта што сакала да ги развива, и се јавил Жерновски и го поставил вистинското прашање: Кога ќе продолжиме со нашата соработка, со концептот што го почнавме можеби пред половина година?

- Така дојдов на идеја дека можеби најдобар одговор на темата „Вкрстување“ ќе биде оваа соработка со Велимир. Го разработив концептот и дојдов до заклучок дека би било интересно јавниот простор да го снимам во денска светлина и потоа во вечерна, при што мракот тој може да го искористи како платно за да ги нацрта со светлина своите фантастични суштества. Затоа изложбата ја нарековме „Приватни демони“. Тоа се всушност демоните кои ги креира Велимир во темнината. Неговата светлинска интервенцијата е миговна и го оплеменува јавниот простор интимно, не одземајќи му ништо од неговиот заедничкиот карактер, вели Јаневска - Илиева.

Маја знае да каже дека „цртањето со светлина“ е техника која е позната многу одамна во фотографијата и можеби најпознатиот уметник кој ја практикувал е Пабло Пикасо заедно со фотографот Џон Мили. Тие во 1948 година направиле серија на фотографии кои биле објавени во тогашниот прочуен магазин „Лајф“.

- Тоа е техника што фотографите ја знаат и умешно ја користат долги години. И токму интервенцијата на Пикасо на фотографиите на Мили ми беше мене инспирацијата за да го направам ова се разбира заедно со Велимир, истакнува таа.

Маја Јаневска Илиева, фото Игор Бансколиев

Во дополна Јаневска Илиева со појаснување дека внимателно ги одбрале локациите за снимање и првин ги работеле со Жерновски ноќните фотографии. Истакнува дека било исклучително тешко да се најдат урбани локации со темнина, за што патем им е благодарна на сегашниот и поранешните градски татковци што ги осветлите сите градски простори, па затоа и морале малку да се тргнат од бетонот и отишле во Парк, на Водно, во шума...за да може да бидат доволно темни ноќните фотографии. Да нема светлинска загаденост на нив и Велимир да може успешно да интервенира. Конечно сето тоа да се види убаво на нејзината фотографија. Сето тоа го поминале за релативно краток период притиснати од времето и други нивни обврски, по што поминала на снимање на дневните фотографии.

- Потоа ги поминав преку ден локациите. Внимателно го одбирав делот од денот за снимање. Ги чекав случајните минувачи и таквите средби за да се види што се случува на тој простор преку ден. Значи, едно е вечерната интервенција на Велимир кога просторот е негов приватен, а друго е како преку ден тој простор се користи од сите нас. Додека снимавме морам да признам дека ми беше задоволство и многу се забавувавме. Емоциите што го даваа резултатот од нашата заедничка работа се движеа од возвишување и радост до разочарување. Си велевме дека и не е толку успешно и дека ќе треба повторно да пробаме, ќе рече Маја.

Сепак, Јаневска – Илиева не заборава да напомене дека тие се задоволни од резултатот и дека веќе се договориле да ја продолжат соработката со Жерновски на некои други проекти и на некои други концепти коишто би ги развивал понатаму Велимир, а таа би била само во функција сето тоа да биде заокружено. Од таму истакнува дека не би говорела поконкретно за нив, туку дека би сакала тие да созреат со времето и потем да се впуштат во таквата нова заедничка творечка авантура.

Велимир Жерновски, фото Стефан Богески

Од друга страна, прашана за тоа дали размислува за своја авторска самостојна фото-изложба на уметничка или дневна, новинарска фотографија Маја Јаневска – Илиева вели дека тоа е нејзиното секојдневие еден подолг временски период и дека само прашање на момент кога сето тоа ќе ја добие потребната форма.

- Долго време размислувам на повеќе концепти, за повеќе фотографии. И тие созреваат во мене, меѓутоа како што вели Ацо Кондев, морам да ги исфрлам идеите од мене и да завршам со нив инаку и натаму ќе ме трујат во мене. Во главата имам неколку концепти за исто толку фотографски изложби, а една од нив сигурно ќе биде некакво поврзување со делата на татко ми Живко Јаневски. Секако дека размислувам и на релација да направам избор од фотографиите што секојдневно ги снимам во текот на изминативе 19 години како фоторепортер ...Мислам дека од тие две децении има навистина добар материјал од кој би се комплетирала една добра фотографска поставка.

И, по нејзиното кажување мигновено прелистување на биографиите на авторите на „Приватни демони“.

Родена 1976 година во Скопје, Маја Јаневска-Илиева дипломирала на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Како фоторепортер работи од 2000 година и во изминатиов период соработувала со повеќе дневни весници, неделници, магазини и информативни агенции како „Форум“, „Нова Македонија“, „Дневник“, „Време“...Ројтерс, АФП, ЕПА... Формално поседува диплома на инженер-архитект, но професионалното фотографско образование го стекнала и низ учества на бројни семинари и работилници наменети за оваа професија, а организирани од институции како Универзитетот во Мисури,САД, Ворлд прес фото од Холандија, Здружение на новинари на Македонија, УНИЦЕФ и други. Досега учествувала на повеќе групни изложби на новинска и уметничка фотографија во родното Скопје, во Истанбул – Турција и Амстердам, Холандија.

Велимир Жерновски, пак, роден 1981 во Скопје, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Тој зад себе досега има повеќе самостојни изложби во земјава и во странство од кои бележити се оние во Њујорк (2010, 2012), Париз (2011), Виена (2009, 2011), Фрајбург (2009)....

Работи и како куратор и ко-куратор на проекти и изложби, а учествувал во повеќе меѓународни проекти и соработки со галерии, државни и алтернативни институции и музеи. Згора на тоа потписник е и на неколку сценографии за театарски претстави.

Од 2008 Жерновски, од 2008 година наваму, е ко-основач и претседател на ФРИК, Формација за развој на иницијативи во културата. Тој е добитник на повеќе награди од кои најважни се Биенале на млади уметници – МСУ, Скопје 2009, „Денес“, наградата што во 2012 му ја врачи Современ арт центар од Скопје и признанието „Ладислав Баришиќ“, коешто во 2016 година му го додели АИКА, Меѓународна асоцијација на ликовни критичари.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG