Достапни линкови

Вести

Приведени Миле Јанакиески и функционери на ВМРО-ДПМНЕ

Миле Јанакиески пред Суд
Миле Јанакиески пред Суд

Околу 10- тина луѓе меѓу кои поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, неколкумина вработени во министерството за транспорт и врски, нотари и вработен во Катастар, како и државниот правобранител на Град Скопје се приведени велат од МВР.

Меѓу приведените се и Димитар Димовски член на Извршен комитет на ВМРО ДПМНЕ и Дејан Митревски претседател на општински комитет на Аеродром потврдија од ВМРО-ДПМНЕ за РСЕ.

Акцијата почна изутрината по барање на Јавното обвинителство за организиран криминал, велат од МВР и најавија детали подоцна во тект на денот.

Тие се осомничени за злоупотреба на службена должност за проектот Шпански скали кој требаше да биде дел од Скопје 2014. Станува збор за државно земјиште кое Министерството за транспорт и врски го дало на лица кои не ги исполнувале условите, а биле потпишани и анекси во договорот повторно без исполнети услови.

Радио Слободна Европа неодамна пишуваше за таа локација каде што требаше да се градат Шпанските скали фирмата Амадеус груп и покрај тоа што доцнела со исполнување на обврските за добивање на градежна дозвола за земјиште кое го купила во 2011 година, станала сопственик на уште две парцели во општина Центар.

види ги сите денешни вести

САД и Велика Британија воведоа нови санкции за Иран поради нападот врз Израел

Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии на САД (архивска фотографија).
Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии на САД (архивска фотографија).

Соединетите Американски Држави (САД) воведоа нови санкции кон Иран кои опфаќаат субјектите поврзани со производството на беспилотни летала, соопшти американското Министерство за финансии на 18 април.

Санкциите доаѓаат како одговор по иранскиот напад врз Израел.

Конкретно, со нив се опфатени 16 поединци и два субјекти кои овозможуваат производство на беспилотни летала и мотори со кои се напојуваат иранските дронови Шахед, што беа користени во нападот на 13 април.

„Тие работат во име на иранскиот корпус на исламската револуционерна гарда, на неговиот огранок за производство на дронови и на други ирански производители на мотори“, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.

Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАЦ), исто така, санкционираше и пет компании кои купуваат испорачуваат компоненти за производство на челик на иранската компанија КСЦ (Khuzestan Steel Company) – еден од најголемите производители на челик во Иран.

На мета се и три подружници на иранскиот производител на автомобили Бахман Груп, за кој ОФАЦ наведува дека материјално го поддржува иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда.

Покрај тоа, американското Министерство за трговија воведува нови контроли за да го ограничи пристапот на Иран до технологии.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД и нивните сојузници му помогнале на Израел да се заштити од нападите со ракети и дронови на 13 април и оти сега со санкциите бараат одговорност од Иран.

„Санкциите се насочени кон лидери и ентитети поврзани со корпусот на Исламската револуционерна гарда, Министерството за одбрана на Иран и програмите за ракетни и беспилотни летала на иранската влада што го овозможија овој дрзок напад“, вели Бајден.

„Ројтерс“ пренесува и дека Велика Британија, исто така, воведува санкции против неколку ирански воени организации, поединци и субјекти, вклучително и Генералштабот на вооружените сили и морнарицата на корпусот на Исламската револуционерна гарда.

За нападот од 13 април, Техеран наведе дека бил извршен како одмазда за израелскиот напад на 1 април врз комплексот на иранската амбасада во Дамаск во кој меѓу загинатите имаше и двајца генерали.

„Вреди“ ја почна кампањата за изборите - економските ветувања во фокусот

Коалицијата „Вреди“ ветува 800 евра минимална плата, 18 април 2024 г.
Коалицијата „Вреди“ ветува 800 евра минимална плата, 18 април 2024 г.

Со претставување на носителите на кандидатските листи за пратеници во шесте изборни единици, албанската опозициска коалиција „Вреди“ ја започна кампањата за парламентарните избори.

Својата програма, коалицијата ќе ја објави наредната недела, а во денешните излагања на нејзините претставници во фокусот беа ветувања од областа на економијата. Меѓу нив и минимална плата од 800 евра.

„Ние како коалиција „Вреди“, во владата, мора да гарантираме и ќе гарантираме зголемување на минималната плата до 800 евра. Таа е единствената програма што вреди. Но, уште еднаш повторувам, за да дојде до промена, секој човек мора да биде посветен. Затоа што секој глас е важен. И го повикуваме секој гласач да излезе на денот на гласањето, за да ја гарантираме победата на промените“, изјави Арбен Таравари од „Вреди“ кој е и претседателски кандидат на оваа коалиција.

Изет Меџити, кој со својата партија Демократско движење е дел од „Вреди“, потенцираше дека една од економските мерки што ќе ги преземат доколку победат на избори ќе биде враќање на државните претпријатија во рацете на граѓаните.

„На сите граѓани во Северна Македонија ќе им се поделат 49 отсто од акциите на државните претпријатија, односно на секој поединец ќе се поделат акции во вредност од 10.000 евра. Овие акции ќе можат да се продаваат на пазарот, ќе донесат нова економска динамика во сите семејства, но ќе овозможат и внесување приватен капитал во овие претпријатија, што носи модернизација и развој. Овие политики, кои се успешно спроведени во многу европски земји, време е да се имплементираат и кај нас“, рече Меџити.

Тој е носител на кандидатската листа во првата изборна единица. Во втората носител од „Вреди“ е Арфрим Гаши, во „тројката“ е Шенер Биљали, во „четворката“ – Мендурим Зекмани, во „петката“ – Салим Сулејмани и во шестката“ – Биљал Касами.

Кампањата за парламентарните избори, која започна денеска (18 април), ќе трае до 6 мај. Гласањето ќе биде на 8 мај.

Во трка за освојување пратенички мандати покрај „Вреди“ се и кандидати од уште 16 други коалиции и партии.

Паралелно, во тек е и претседателската кампања. Првиот круг од гласањето на претседателските избори ќе се одржи на 24 април. Во трка се седум кандидати за шеф на државата, а двајцата кои ќе освојат најмногу гласови ќе се пласираат во вториот круг за кого гласањето ќе биде истиот ден со парламентарните избори – 8 мај.

Собранието на Република Српска изгласа извештај со кој се негира геноцидот во Сребреница

Народно Собрание на РС, Бања Лука (архивска фотографија)
Народно Собрание на РС, Бања Лука (архивска фотографија)

Народното Собрание на Република Српска (РС) денеска (18 април) го усвои извештајот на Независната меѓународна комисија за истражување на страдањата на сите народи во регионот на Сребреница од 1992 до 1995 година.

Овој извештај беше претставен на седницата на Народното собрание уште во јуни 2021 година и во него, меѓу другото, е наведено дека „не е извршен геноцид во Сребреница“.

Комисијата која го подготви овој извештај, беше формирана од Владата на Република Српска.

Во парламентот, за гласаа сите 73 пратеници кои беа присутни. Пратеничката група на Социјалдемократската партија (СДП), пак, пред почетокот на седницата соопшти дека нема да учествува на неа бидејќи на дневен ред биле одлуки кои водат, како што истакнаа, „на поделба на Босна и Херцеговина и опасноста од нови конфликти“.

За потсетување, во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг го окарактеризира злосторството во Сребреница како геноцид, во кое во јули 1995 година беа убиени повеќе од 8.000 мажи и момчиња од тогашната енклава под заштита на Обединетите нации.

За овие злосторства, беа осудени повеќе од 50 лица кои добија вкупно околу 700 години затвор.

На седницата на Народното Собрание на Република Српска беа усвоени и низа заклучоци, меѓу кои и еден со кој се осудуваат постапките на постојниот претставник на Босна и Херцеговина во Обединетите Нации, Златко Лагумџија. Според заклучокот, неговите постапки кои се насочени кон подготовка и доставување на Предлог за резолуцијата за геноцидот во Сребреница до Генералното собрание на ОН, се недозволиви и неприфатливи.

Во него се додава и дека тоа е направено „без консултации и согласност на институциите, ентитетите и конститутивните нации на БиХ, а со цел да се демонизираат Република Српска и српскиот народ како геноцидни“.

Еден од коспонзорите на оваа резолуција во ОН, заедно со САД, Германија и други земји, е и Северна Македонија, за што одлуката ја донесе министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Радио Слободна Европа, имаше увид во нацртот на резолуцијата, која, меѓу другото, повикува на безрезервна осуда на секое негирање на геноцидот и ги повикува членките на ОН да ги зачуваат утврдените факти и да развијат соодветни програми преку нивните образовни системи, со цел во иднина да се спречи ревизионизам и геноцид.

Српскиот народ, како и колективната одговорност, не се директно спомнати во овој документ.

Генералното собрание на ОН треба да гласа за резолуцијата на пленарна седница на 2 мај.

ДУИ на стартот на кампањата симулираше гласање на уставни измени

ДУИ симулираше уставни измени за вметнување на Бугарите во Уставот и за избор на претседател во Собранието, 18 април 2024 г.
ДУИ симулираше уставни измени за вметнување на Бугарите во Уставот и за избор на претседател во Собранието, 18 април 2024 г.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) со партнерите од коалицијата „Европски фронт“ на првиот ден од кампањата за парламентарните избори организираше настан на кој симулираше конститутивна седница на Собранието на која се носат уставни измени.

На почетокот на симулациската седница тие „го избраа“ коалицискиот партнер Зијадин Села за претседател на Собранието. Потоа, симулираа дека едногласно со 120 гласа се носат и уставни измени.

Симулацијата се однесуваше на усвојување амандмани на Уставот со кои во него се вметнуваат бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египетскиот народ. Другиот дел од уставните измени што „Европскиот фронт“ ги симулираше беа за избор на претседател на државата во Собранието при што го „инаугурираа“ Бујар Османи за шеф на државата.

Во изјава за медиумите, Артан Груби од ДУИ, рече дека симулациска седница ја претставува идејата на тоа на што ќе инсистира оваа коалиција во Собранието и во Владата.

На настанот говори одржаа претседателите на партиите од коалицијата: Мунир Колашинац од Бошњачкиот демократски сојуз, Фатима Османовска од Унијата на Ромите, Аријанит Хоџа од Европска демократска партија, Скендер Реџепи-Зејд од Народно движење, Бејџан Иљаз од Демократската партија на Турците, Зиајдин Села од Алијансата за Албанците и Али Ахмети од ДУИ.

Нивните главни пораки беа во насока на поддршка на уставните измени.

Кампањата за парламентарните избори, која започна денеска (18 април), ќе трае до 6 мај. Гласањето ќе биде на 8 мај.

Во трка за освојување пратенички мандати покрај „Европскиот фронт“ на ДУИ, се и кандидати од уште 16 други коалиции и партии.

Паралелно, во тек е и претседателската кампања која влегува во својот финиш. Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април. Во трка се седум кандидати за шеф на државата, а двајцата кои ќе освојат најмногу гласови ќе се пласираат во вториот круг за кого гласањето ќе биде истиот ден со парламентарните избори – 8 мај.

Без договор заврши новата рунда разговори за употребата на динарот во Косово

Уличен продавач покажува банкноти со српскиот динар во градот Грачаница, централно Косово, 1 март 2024 г.
Уличен продавач покажува банкноти со српскиот динар во градот Грачаница, централно Косово, 1 март 2024 г.

Без да се постигне договор заврши новата рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина што се одржа во Брисел со цел изнаоѓање преодно решение по одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК) за укинување на употребата на динарот за готовинско плаќање на косовска територија.

Веста за исходот од денешните разговори ја соопшти главниот преговарач на Србија, Петар Петковиќ, кој најави дека следната средба ќе се одржи наредната недела.

Пред новинарите тој изјави дека белградската страна презентирала „конструктивен предлог“ и додаде оти европскиот посредник Мирослав Лајчак го оценил како „цврста основа“ за продолжување на разговорите.

„Но, другата страна не сака да се договори и не сака да најде решение кога е во прашање динарот“, изјави Петковиќ.

Во Косово, на 1 февруари стапи на сила уредбата на ЦБК, со која еврото стана единствена официјална валута за плаќање во готовина во земјата. Со тоа се забрани употребата на српскиот динар кој како валутата ја користи мнозинското српско население на северот на Косово.

На претходните состаноци за ова прашање, кои ги организираше ЕУ, двете страни разменија мислења за тоа како да се надмине ситуацијата, но поради големите разлики беше невозможно да се најде решение.

Меѓународната заедница побара косовските власти да го одложат спроведувањето на уредбата и да се најде краткорочно преодно решение, бидејќи декретот има влијание врз локалното население на северот на Косово, кое со години добива исплати во динари од буџетот на соседна Србија.

Трендафилов: Ќе се повтори постапката за Работничкиот дом

Зградата позната како Работнички дом се наоѓа во центарот на Скопје (архивска фотографија).
Зградата позната како Работнички дом се наоѓа во центарот на Скопје (архивска фотографија).

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, на 18 април соопшти дека Основниот граѓански суд Скопје донел решение со кое ќе се повтори постапката за заградата на Работничкиот дом која со одлука на Врховниот суд треба да им се одзеде на синдикатите.

Трендафилов очекува дека проблемот ќе се реши во најбрз можен рок.

„До 1 мај очекуваме приоритет на постапката и нова пресуда која ќе значи враќање на предметот на повторно одлучување пред пониските судови, пред првостепениот и Апелациониот суд, или укинување на пресудата на Врховниот суд и на таков начин враќање на Работничкиот дом на работниците“, рече Трендафилов на прес-конференција на 18 април.

Зградата на ССМ се наоѓа во центарот на Скопје. На 9 ноември лани, Врховен одлучи дека таа не им припаѓа на синдикатите туку на државата.

Образложението на врховните судии беше дека „имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани, добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост“.

Ваквата одлука предизвика бурни реакции, но и протести на ССМ пред Врховниот суд.

Скратени часови во деновите пред изборите во училиштата каде што ќе се гласа

Оваа учебна година за средношколците ќе заврши на 10 јуни, а за учениците од основните училишта на 17 јуни (архивска фотографија).
Оваа учебна година за средношколците ќе заврши на 10 јуни, а за учениците од основните училишта на 17 јуни (архивска фотографија).

Во училиштата каде што ќе се гласа на 24 април и на 8 мај на претседателските и парламентарните избори, деновите претходно (23 април и 7 мај) ќе има скратена настава.

Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека двата дена училиштата ќе работат од 7 до 11 часот.

Деновите на гласањето, пак, како што е познато, се неработни денови и за училиштата и за сите граѓани.

„Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал“, велат од МОН.

Учебната година, според одлуката од претходно, за средношколците ќе заврши на 10 јуни, а за учениците од основните училишта на 17 јуни.

И средношколците и основците, оваа учебна година (2023/2024) за првпат ќе имаат и пролетен распуст кој ќе трае од 29 април до 6 мај.

Изречен доживотен затвор за свирепото убиство во Кочани

Обвинетиот осуден за доживотен затвор ја уби жртвата со 40-тина убоди со нож (илустрација)
Обвинетиот осуден за доживотен затвор ја уби жртвата со 40-тина убоди со нож (илустрација)

Казна доживотен затвор изрече Основниот суд во Кочани на обвинетиот за убиството на жената која во септември лани 40-тина пати беше прободена со нож.

Обвинетиот признал вина за кривичното дело за кое го товареше обвинителството – „убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин“.

„Основното јавно обвинителство Кочани го товареше обвинетиот и за кривично дело – ’уцена‘ кон истата оштетена, сторено пред убиството. Меѓутоа тоа дело обвинетиот не го призна, за што постапката е раздвоена и за тој дел од обвинението ќе продолжи судска постапка“, велат од обвинителството.

Убиството предизвика низа реакции во јавноста, пред сè, од граѓанскиот сектор кој реагираа дека до вакви фемициди доаѓа поради непостапување на институциите.

Истражување на оваа тема насловено „Фемицидот во Северна Македонија – состојба, правна рамка и судска пракса“, во кое се анализирани четири години (од 2018 до 2022), покажува дека во овој период имало 17 постапки за фемицид за 19 кривични дела. Пет од сторителите биле во брак, пет во вонбрачна заедница, четири разведени и тројца неженети. Најголем дел од нив биле невработени. Како жртви се јавуваат нивните сопруги, сегашни или бивши, а потоа следат мајки, баби, или мајки на сопругата.

Мерка притвор од 48 часа за заменик-директорот на косовската полиција во Србија

Дејан Јанковиќ, заменик директорот на косовската полиција
Дејан Јанковиќ, заменик директорот на косовската полиција

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, соопшти дека врз основа на информациите со кои располага, на заменик генералниот директор на косовската полиција Дејан Јанковиќ му е одредена мерка притвор во траење од 48 часа.

Според него, тој е обвинет за уривање на уставниот поредок на Србија.

На прес-конференцијата по седницата на Владата, Свечља рече дека ден претходно „најмалку 1.498 граѓани биле приведени, малтретирани, дека некои биле уапсени и испрашувани во врска со нивното минато, врските со ОВК, нивното или учеството на членовите на семејството во ОВК. како и нивните активности во текот на 1998-99 година“, рече тој.

Тој повика на ослободување на Јанковиќ, но и на другите граѓани на Косово кои според неговите информации се во притвор.

Министерството за внатрешни работи (МВР) потврди дека на Јанковиќ му е одреден притвор до 48 часа.

Како што беше соопштено, притворот на Јанковиќ е определен „за утврдување на фактите и потребните проверки во однос на безбедноста на Република Србија“.

Претходно, Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека четворица припадници на косовската полиција биле приведени во средата на 17 април на територијата на Србија при гранична контрола, а еден од нив е приведен.

За случувањата реагираа и амбасадорите на САД и на Германија во Косово.

Американскиот амбасадор Џефри Ховениер изрази загриженост поради апсењето на заменик-генералниот директор Јанковиќ, но и надеж дека ќе биде ослободен.

„Тој (Јанковиќ) е некој што го познаваме долги години, етнички Србин и припадник на косовската полиција кој вложи многу време и енергија во полицијата, помагајќи ја интеграцијата на српската заедница во косовската полиција“, изјави Ховениер по средбата што ја имаше со косовската претседателка Вјоса Османи.

Германскиот амбасадор Јорн Роде, пак, преку социјалните мрежи обвини дека е неприфатливо приведувањето на косовски полицајци во Србија.

„Деескалација веднаш! Притворањето на косовските службеници задолжени спроведување на законот, вклучително и косовски Срби, од страна на српските власти е неприфатливо и секако не е она што може да се очекува од земја кандидат за членство во ЕУ. Ова мора веднаш да заврши“, напиша Роде на платформата Икс.

Тој порача и оти очекува политичарите од редовите на косовските Срби да зборуваат во име на своите сограѓани.

СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ го означија почетокот на кампањата за парламентарните избори

СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ ја почнаа кампањата за парламентарните избори 2024
СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ ја почнаа кампањата за парламентарните избори 2024

Со настан во Музејот на современа уметност, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Kоалицијата за европска иднина, го означија почетокот на кампањата „Нема откажување од иднината“, за претстојните парламентарни избори.

Со видео обраќање, членот на германската сестринска партија ПЕС, Олаф Шолц, прати јасна порака дека за силна ЕУ е потребен процесот на проширување со Северна Македонија и државите од Западен Балкан.

„Во оваа кампања ќе зборуваме повеќе за иднината. Ветуваме просечна плата од 1100 евра и минимална плата од 600 евра. Со влезот во ЕУ проектираме дека ќе достигант до 1300 евра просечно, односно по 800 евра минимална плата. Обезбедивме по 200 евра прво вработување за млади до 26 години. Првпат во историјата ќе има едноцифрена бројка на невработеност од 7 проценти до крајот на мандатот. За пензионерите ќе обезбедиме просечна пензија од 30 000 денари, минимална од 20 000 денари, зголемени со влезот во ЕУ“, рече Ковачевски.

На настанот, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски се осврна и на сработеното во изминатиот мандат на Владата предводена од СДСМ и коалицијата за европска иднина, но и ги потенцираше мерките предвидени во програмата на Kоалицијата за европска иднина, опишувајќи ја програмата како реална, остварлива и заклучувајќи дека нема откажување додека секој ред од неа не стане реалност.

Ковачевски најави и решителна и поефикасна борба против криминалот и корупцијата.

„Нема да има веќе предмети по фиоки, ќе го спроведеме ветингот на судиите и јавните обвинители, кому му се допаѓало или не. Ќе започне прво од кандидатите на листата на изборната единица 1, ќе продолжи со политичарите, а ќе се зпресели и кај судиите и обвинителите, и сите оние кои изминатите 32 години собраа богатство кое го употребуваат и злоупотребуваат за влијание во системот“, рече Ковачевски во своето обраќање.

Ковачевски најави целосна реформа на судскиот совет и советот на јавни обвинители, драстично зголемување на платите на медицинскиот персонал. Специјалистите, како што ветува СДСМ, ќе добиваат плати до 80 000 денари, општите доктори 120.000 денари, а медицински сестри до 90 000 денари, како и укинување на партиципацијата од 20 отсто за сите граѓани.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG